Основен кривичен суд / Фото: „Слободен печат“- Драган Митрески

Известувачите на Советот на Европа ја пофалија земјава, но алармираа за партизираното судство и општата корупција

По посетата за утврдување на фактите на Македонија во Македонија, која траеше од 23 до 25 април, Сибел Арслан (Швајцарија, SOC) и Џозеф О’Рајли (Ирска, EPP/CD), коизвестувачи на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија, го поздравија напредокот постигнат во исполнувањето на обврските и заложбите поврзани со членството на државата во Советот на Европа. За време на посетата, коизвестувачите се фокусирале на реформата на судството и изборната рамка, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и правата на малцинствата, соопшти Советот на Европа.

„Задоволни сме од напредокот постигнат од Северна Македонија од последната резолуција на ПССЕ за постмониторинг-дијалогот во 2019 година“, велат двајцата коизвестувачи.

„Северна Македонија е демократска држава каде што политичките слободи – вклучувајќи ги правата на слобода на здружување, собирање и изразување, како и медиумскиот плурализам – генерално се почитуваат. Сепак, сè уште постои итна потреба од реформирање на изборната рамка во согласност со долгогодишните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ и Венецијанската комисија на Советот на Европа. Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална земја и може да послужи како модел за другите земји во промовирањето на културата и менталитетот на „заедничко живеење“. Ги повикуваме властите да продолжат по овој пат и да преземат понатамошни мерки за почитување на идентитетот, правата и потребите на сите етнички групи“, велат ко-известувачите.

Дел од нивните забелешки се однесуваат на реформите во судството и на општораширената корупција во јавниот сектор.

„Иако забележуваме одреден напредок во реформата на судството, загрижени сме за бројните обвинувања за политизација на судството и широко распространета корупција низ целиот јавен сектор, како и за недостатокот на ефикасни мерки за борба против овие феномени. Ги повикуваме властите да ги засилат своите напори за таа цел, особено со усвојување на потребните законски измени, во соработка со Советот на Европа и други меѓународни партнери“, рекоа тие.

„Исто така, остануваме загрижени за лошите услови во некои места за притвор и ги повикуваме властите без одложување да ги спроведат преостанатите препораки на Комитетот против тортура (CPT) на Советот на Европа. Во меѓувреме, целосно ја поддржуваме кандидатурата на земјата за членство во ЕУ и ги повикуваме сите политички партии да најдат компромис за спроведување на „францускиот предлог“ со вклучување на референца за бугарското етничко малцинство во Уставот“, заклучија ко-известувачите.

За време на нивната посета, ко-известувачите се сретнаа со претседателот на Собранието, претставници на сите политички групи и членови на голем број парламентарни комисии, како и со членови на делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ. Тие се сретнаа и со министрите за надворешни работи и внатрешни работи, заменик-министерот за правда, судиите на Врховниот и Уставниот суд, претседателот на Судскиот совет, Народниот правобранител, претставници на Јавното обвинителство и членови на Државните комисии кои се занимаваат со спречување на дискриминација, спречување на корупција и избори, како и со претставници на голем број невладини организации и членови на дипломатската заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот