
Извештајот на Томас Вајц за Македонија пред пратениците на ЕП, нов обид за гласање
Нов обид за гласање на извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија. Членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент на денешното заседание треба да гласаат за усвојување на Предлог-извештајот за земјава за 2023 и 2024 година подготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц.
Препорачано
Документот требаше да биде гласан на 4 јуни но гласањето беше одложено за денеска на предлог на известувачот Томас Вајц, со цел, како што рече тој, да им овозможи на европратениците да ги ажурираат своите регистри на лобисти.
Вајц во образложението на предлогот за одлагање на гласањето нагласи дека бил сведок на интензивни политички дебати околу извештајот, но дека апсолутно стои зад документот, за кој во преговорите и компромисите, како што рече, биле вклучени сите пратенички групи во Европарламентот.
– Ова е извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија. Овој извештај нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија. Сепак, знаеме дека се работи и за билатерални односи, но исто така, да речеме, за владеењето на правото, за третманот на малцинските заедници и така натаму. Затоа би сакал да побарам одлагање на гласањето по овој извештај за 24 јуни, рече тогаш Вајц.
На усвојувањето на извештајот во неговата предложена форма најмногу се противат бугарските европратеници, кои имаат забелешки на формулациите за признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет.
Бугарските европратеници уште пред седницата на АФЕТ на 4 јуни побараат запирање на постапката за усвојување на извештајот, обвинувајќи за „протекување на информации во реално време“ во текот на подготовката на документот.
Извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Северна Македонија нема меѓународно правно обврзувачка природа, рече синоќа бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев пред бугарските новинари во Брисел, каде што учествуваше на вонреден состанок на неговите колеги.
Георгиев: Извештајот за напредокот на Северна Македонија не е меѓународно правно обврзувачки