Фото: Министерство за здравство

Изведена мултиорганска трансплантација на органи – четири пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Министерството за здравство информира дека вчера е направена уште една мултиорганска трансплантација на органи при што еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива.

Во допис до медиумите министерот Илир Демири упати огромна благодарност до семејството на донорот коешто се одлучи да ги донираат органите од нивниот близок и притоа да спасат најмалку четири животи.

-По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно не потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку четири животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје, истакнува Демири.

Министерството за здравство посочува дека од 2020 година досега се трансплантирани вкупно 77 витални органи – 11 срца, четири црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот