
Изнакупуваа станови, мислеа ќе ги издаваат, ама кому?
Во последните три години завршени со градба се 7.917 стана. Според Пописот од 2021 година, 307.187 станови се празни. Просечната наемнина за стан до 34 квадрати е 240 евра.
Затворањето пари во станбен простор веќе станаа традиција во Македонија. Многумина мислеа дека со кириите ќе имаат добра месечна заработка, па дури и дека ќе отплаќаат рата ако станот го купиле на кредит, но понудата на станови под кирија ја надмина побарувачката. Според евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности, лани во Македонија под закуп биле издадени 2.979 стана, за што газдите добиле 765.000 евра, како и 1.228 куќи за кои било платено 358.000 евра. Но, според бројките што беа објавени по Пописот во 2021 година од вкупно 839.174 стана во земјава, 531.987, или 63,4 отсто, се населени, а 307.187, или 36,6 отсто, се празни! Секако, сите тие не се издаваат, некои газдите и ги „заборавиле“ кога се отселиле од земјава, некои им се „да се најдат“ за син или ќерка. Но и покрај толку празни станови и по Пописот цветала изградбата на станови. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2022 година е завршена изградбата на 6.301 стан, во 2023 година – 5.776, а во 2024 година се довршени дури 7.917 стана. Или вкупно, во трите години по направениот попис „никнале“ уште речиси 20.000 нови станови. Од друга страна, се топи населението по сите основи – многумина се отселија, деца сè помалку се раѓаат, училиштата имаат сè помалку ученици, а на сезонска работа, во некое кафуле или во градежништвото, веќе одамна не се оди во Скопје туку во странство.
Огласниците, пак, се полни со сосема нови, или пак понови станови што се издаваат. Во „Дајмонд Лимак“ уште невселени станови се издаваат по цени од 600 до 1.200 евра во зависност од големината и опременоста. Повеќе огласи има и за станови во зградите „Џевахир“, а кириите се од 500 евра, па нагоре. Врие и од станови што се издаваат во скопската населба Расадник каде што изминатава деценија интензивно се градеше. Секако, на огласи може да се најдат и стари станови за изнајмување, празни, скромно или ексклузивно наместени, но тешко да се изнајми каков било стан под 250 евра месечна кирија.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Во агенциите за недвижности велат дека за секакви видови станови има потреба за изнајмување, понудата на станови е голема, но дека потешко се наоѓаат поевтини станови.
– Веќе ретко може да се најде и стан за 250 евра месечно и тоа главно се гарсониери. Становите што ги изнајмуваме се од 300 евра па нагоре. Тоа се обично станови со една или со две спални. Интерес има, секако за поевтините. Од нашето искуство, едно семејство максимум што си дозволува за изнајмување стан е 400 евра месечно. Скапите станови секогаш ги изнајмуваат странци – ни рекоа од една агенција за недвижности.
Според Платформата cenometаr.mk, која на дневна основа автоматски генерира податоци од огласите на станови, просечна цена на стан за изнајмување до 34 квадратни метри е 240 евра, на стан од 35 до 49 квадратни метри е 337 евра, а од 50 до 64 е 395 евра. Податоците покажуваат и дека цените во просек се зголемени за 20-ина евра во однос на јануари 2024 година.
Ако се ориентираме според податоците од Народната банка, но и според многубројните коментари во јавноста, тие што имаат потреба од стан сега похрабро се одлучуваат да си купат стан на кредит отколку да изнајмат.
– Подобро да плаќам рата за сопствен стан, отколку кирија – е чест коментар.
Според податоците од Народната банка, во јули годинава станбеното кредитирање е за 15,3 проценти поголемо отколку во јули 2024 година. Вредноста на станбените кредити во јули била речиси 1,7 милијарди евра.
Изградбата и купувањето на станови што потоа седат празни се големи виновници за непотребниот урбанистички хаос. Гувернерот Трајко Славески деновиве најави дека се подготвуваат нови мерки со кои ќе се овозможат подобри услови за кредитирање на становите што се купуваат за живеење.
– Најважна цел што си ја поставивме, а која произлегува и од мандатот на централната банка и е од општествен интерес, е да видиме како да се поттикне или да се овозможи поповолно кредитирање за објекти за живеење што се купуваат за првпат и ќе служат за живеење, затоа што е познато дека една третина од постојниот фонд на станови кај нас се празни – истакна гувернерот Славески и објасни дека мерките ќе се насочат кон разликување на кредитите за прво живеалиште од оние за инвестиции и шпекулативни цели, со цел да се олесни пристапот за граѓаните што навистина имаат потреба од сопствен дом.
Становите поскапеле за 6,3 насто за една година
Во вториот квартал становите имале повисока цена за 6,5 насто во однос на истиот квартал од 2024 година, објави Народната банка. Во однос на 2010 година скокот на цените е дури 84 проценти.
Во центарот на Скопје веќе се продаваат и станови по над 3.000 евра за квадрат. Просечната сегашна цена на становите во Скопје, според платформата cenakvadrat.com е 1.868 евра. Просекот во центарот на градот е 2.140 евра, а најевтино е во Бутел – 982 евра.