
Изнајмете куче на ден- иновативна услуга на хотел во Кина
Хотел во Вухан, централна Кина, воведе необична услуга која привлече големо внимание на социјалните мрежи. Гостите на хотелот „Бигуијуан Феникс“ сега можат да изнајмат куче за да им прави друштво за време на престојот.
Препорачано
За 499 јуани (околу 70 евра), гостите можат да изберат едно од десет специјално обучени кучиња со благ темперамент, вклучувајќи западни хајлендски териери, златни ретривери и хаски. Пред да бидат „вработени“ во хотелот, кучињата се подложени на детални здравствени и бихејвиорални проверки, вакцинации и обука.
Оваа услуга стана веднаш хит, со повеќе од 80 пријавени досега. Едно семејство од покраината Шандонг изјави дека овој престој надоместил за тоа што немале домашно милениче. Менаџерот на хотелот, Донг, вели дека гостите се воодушевени и дека кучињата носат радост на нивното патување.
Сепак, оваа необична понуда предизвика и дебата за безбедноста. Адвокатот Ду Сингџуе предупредува дека хотелот сноси целосна одговорност ако кучето го повреди гостинот, освен во случаи на груба небрежност. Поради ова, некои корисници на интернет изразија скептицизам, плашејќи се дека некои гости би можеле намерно да ги провоцираат кучињата за да добијат надомест.
Хотелот соопшти дека гостите кои ќе повредат или злоупотребат кучиња ќе бидат ставени на црната листа. Сепак, многумина ја гледаат оваа услуга како совршен начин за надминување на осаменоста и стравот од спиење во непозната средина.