Плакат за изложбата во македонскиот КИЦ во Загреб

Изложбата „Заоѓања“ на Никола Пијанманов ќе биде отворена во македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб на 23 септември ќе биде отворена изложбата „Заоѓања“ на истакнатиот македонски современ ликовен уметник Никола Пијанманов, кој веќе има богато портфолио на самостојни и групни изложби во земјата и во странство.

„Изложбата на Пијанманов е културен настан кој претставува важен придонес во промоцијата на македонската современа уметност пред хрватската публика, и уште еднаш ја потврдува улогата на македонскиот КИЦ во Загреб како значајна платформа за афирмација на македонските уметници надвор од границите на Македонија, како и вмрежување на македонските и хрватските уметници, овозможувајќи културен дијалог и размена помеѓу двете уметнички сцени“, вели директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.

Изложбата „Заоѓања“ се состои од дела кои се поврзани со една единствена тема или пресек на долгогодишните искуства на Никола Пијанманов со пејзажизмот кој ја третира слободната, енформелна естетика на пејзажот. Тоа се прикази на предели, полиња, празни простори врз кои паѓа големата сенка на заоѓањето или мигот кога сонцето целосно се сокрива зад хоризонтот и од перспективата на просторот се гледа молскавичен блесок на последниот зрак.

Покрај космичката, или феноменот на физиката на заоѓањето, сликите имаат и духовна димензија и метафора. Тоа е вечната борба меѓу светлината и огромната темнина која сака да ја проголта светлината. Тој судир на двата принципи не е само космички, туку и микрокосмичен. Тој се случува внатре, во човечката душа.

Минималистичкиот пристап на техниката, игнорирањето на детализмот во просторот, точно му дава простор на експлозивниот приказ на зракот да ја осветли празнината на земјата или тишината на небото.

– Чекорејќи по традицијата на нашите големи сликари Спасе Куновски, Димитар Кондовски, пејзажите на Томо Владимирски и Личеноски, сликарскиот пат на овој ликовен циклус е отсечка од длабоките импресии кои уметникот ги доживува во тесен дијалог со природата, со престојот во природата и соочувањето со природните стихии лице во лице. Речиси целиот опус е насликан со мое лично престојување и живот во пасторални – рурални предели каде урбаниот дух нема никакво присуство и каде тишината и пространството на полето и ридовите се огледуваат во моите философски погледи на светот – истакнува Никола Пијанманов.

Рецензија на ликовното творештво на Никола Пијанманов напиша младата поетеса Милена Сиљаноска.

– Во сликите на Никола Пијанманов нема да најдете амбиција по сериозна прецизност, тенденција да се прати каква било порака, како што вообичаено пронаоѓаме во современата уметност која се плаши од темнината. Нема потрага по совршенство, оти совршенството значи смрт. Напротив, во неговите слики ќе најдете чувства и ќе ја најдете темнината. Што значи, сепак, зад сонцето нема светлина, но има светлост во потезите на неговите раце. Светлост што дава една необична моќ на восприемачот да го слуша нечујното и да го види невидливото – истакнува поетесата Милена Сиљаноска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот