Изложбата на тројцата добитници на наградата за млади уметници „Денес“ ќе биде отворена во Чифте амам

Со изложба на тројцата годинашни добитници на наградата „Денес“, Ѓорѓи Десподов, Клелија Живковиќ и Бурџу Мусли, на 14 септември во Националната галерија, објект Чифте амам, ќе се заокружи одбележувањето на јубилејот 20 години од првото доделување на оваа награда за млад визуелен/а уметник/чка до 35 години.

Наградата „Денес“ е платформа од единствен вид во земјава, која во текот на две децении континуирано им нуди на младите уметници програма за престој во Њујорк, уникатно искуство во специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност, средби и презентации со интернационална комисија и продукција на нови дела во рамките на изложба за наградата.

Таа е основана во 2002 година како годишна награда за најдобар млад ликовен уметник до 35 години во земјава од страна на Центарот за современи уметности – Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско општество од Њујорк, САД, но официјално првпат беше доделена во 2003 година.

Намерата на наградата „Денес“ е да им понуди повеќе можности на младите уметници да ги совладаат своите уметнички интереси и да ги прикажат пред пошироката публика, како и да се продлабочат дискусиите помеѓу институциите и младите уметници. Од 2015 година наградата локално ја организира здружението „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“, во рамките на фестивалот „Акто“.

Иницијалниот и суштински интерес за формирање на оваа награда е да се прикаже креативноста на младите уметници кон поширок круг публика, создавање нови можности за уметниците што учествуваат, со вклучувањето на ликовните институции и професионалци во отворен и непристрасен годишен процес на размислување и одлучување за наградата, што би требало да резултира со нови модели на оперирање во културниот и во институционалниот живот. Наградата „Денес“ е релевантен показател на развојот на уметничкиот контекст на младата уметничка креативна сила.

Одбележувањето на 20-годишнината на наградата „Денес“ започна во април годинава со петдневна едукативно-дискурзивна програма за млади уметници „Совршениот уметник“ во мултимедијалниот центар „Мала станица“, каде што млади уметници се стекнаа сo практично-теориски вештини во современата уметност и критички увид во својата практика, но и во локалниот контекст виден од интернационална перспектива.

Потоа продолжи со изложбата „Прекаријатот има шанса: јавни простори во движење (кон)“ во галеријата „Структура“ во Софија, Бугарија, каде што 20 уметници од земјава, дел од нив добитници, учесници или финалисти на наградата „Денес“, ја претставија својата рецентна практика пред софиската публика.

Одбележувањето кулминира со изложба на тројцата добитници на наградата „Денес“, документарна изложба за наградата „Денес“ и со церемонија по повод јубилејот придружена со музичка и дискурзивна програма. Доделувањето на наградата е во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“ – Скопје во соработка со Центар за современи уметности – Скопје, Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма „Residency Unlimited“ (RU) – Њујорк и Фондацијата „Trust for Mutual Understanding“ – Њујорк.

Досегашни добитници на наградата „Денес“ се Ивана Мирчевска, Елена Чемерска, Верица Ковачевска, Зорица Зафировска, Иван Ивановски, Филип Јовановски, Велимир Жерновски, Илија Прокопиев, Кристина Божурска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ана Ивановска, Борис Петровски, Атанас Ботев, Далибор Тренчевски, ОПА (Опсесивна-посесивна агресија) и Славица Јанешлиева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 195, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 08-10.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот