Отворање на изложбата на Мирослав Масин во Даутпашиниот амам во Скопје / Фотографија: Маја Аргакијева

Изложбата на сликарот Мирослав Масин открива луцидна интеракција помеѓу човекот и природата

Ретроспективната изложба со наслов „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“ на извонредниот сликар и еден од ретките боеми кај нас, Мирослав Масин, од 15 мај до 15 јуни е поставена во објектот Даутпашин амам при Националната галерија во Скопје. Неколку стотици посетители беа присутни на отворањето на изложбата на Масин на 15 мај во Даутпашиниот амам во Скопје.

Изложба на Миро Масин не е само прослава на уметноста; таа претставува и почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на македонската ликовна сцена.

– Патувањето на Мирослав Масин како уметник е придружено со едно длабоко истражување, но и непоколеблива посветеност. Преку неговите слики, тој нѐ кани во свет каде што боите танцуваат, емоциите зборуваат, а имагинацијата нема граници. Секој потег на неговата четка е проткаен со чувство за цел, одраз на неговата длабока поврзаност со неговиот занает и неговата околина. Уште од неговите почетоци Масин иницираше студија за интеракцијата помеѓу човекот и природата.

Како дел од ова истражување, тој посвети значително време на набљудување и претставување на птици, мајмуни, риби, но создаде и свои креатури кои се своевидна комбинација на анимално-човечки специфики. Со овие теми предадени со нему својствен и забавен експресионистички стил, истражува длабоки егзистенцијално-социјални прашања, како што се потеклото на постоењето, природата на човечките вредности и илузиите, фиксациите и погледите кои го обликуваат нашиот вид – истакнува Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија.

Дита Старова Ќерими / Фотографија: Маја Аргакијева

Изложбата беше најавена на прес-конференција со авторот, на која учествуваа кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија, и Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија. Кураторката Маја Чанкуловска-Михајловска појасни дека изложбата е составена од 141 ликовно дело и 9 објекти врз кои Масин интервенирал со своите препознатливи бои. На изложбата се претставени дела од сите творечки фази на Масин во изминатите 40 години.

Сликарот Мирослав Масин истакна дека целиот живот го живее само со сликарството. Рече дека нема ниту еден ден работен стаж, а на почетокот, кога не го знаеле како сликар, било многу тешко, но сега ги живее плодовите на „тешкото“. Додаде дека успеал да издржи да не прави ништо друго, освен да се занимава со сликање, бидејќи тоа му е и работа и хоби во исто време.

– Надвор од платното, наследството на Мирослав Масин се протега надалеку и нашироко. Тој не е само сликар; тој е раскажувач, филозоф и светилник на инспирација за генерациите што доаѓаат. Неговата уметност служи како потсетник на моќта на креативноста да трансформира, да нè подигне и да нè обедини во нашата заедничка човечност, а тој како индивидуален пример докажува дека уметноста како професија и животна филозофија е можна – посочи Дита Старова Ќерими.

Мирослав Масин како индивидуален пример докажува дека уметноста како професија и животна филозофија е можна / Фотографија: Маја Аргакијева

Интересот и страста кон уметноста Масин ги открил уште во средношколските денови, кога професорот по ликовно образование Васил Василев во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ барал од учениците да ги посетуваат ликовните изложби низ галериите и музеите во Скопје. Тогаш Масин не ни помислувал да се занимава со уметност, но си помислил дали некогаш би имал можност да изложи свои дела во објектот на Даутпашиниот амам. По 40 години работа со сликарството желбата му се остварува, иако и ден-денес за себе не вели дека е уметник, туку дека е сликар, а остава уметноста да биде потврдена од историјата.

Плакат за изложбата „Подобро на гранка отколку заглавен во лифт“

Во однос на креативниот процес при создавањето на една слика, Масин посочува дека ги чувствува сите влијанија од животот и дека сето тоа влегува преку очите, минува низ мозокот и срцето и преку раката излегува на платното.

– Сопствениот ангажман Масин го сосредоточува на две основни подрачја: преобразба на цртачките и сликарските оперативни процеси во единствено ликовно искуство и дефинирање на фонд на комуникабилни претстави што најточно би го посредувале тоа искуство. Првиот сегмент е разрешен вон технолошки кохерентен систем и претставува мешавина на постапки во тек на постојан одбир и прочистување. Тонските акценти и трагите на гестот авторот најчесто ги испишува со молив, фината нерватура е изведена со дрипинг, а стеснетата хроматска скала со збиен контраст е резултат на акварелистичкиот третман на транспарентните пигменти. Наслојувањето на техниките во овој случај, му овозможува на Масин да материјализира густо сликарско ткиво во динамичен, но не и неурамнотежен однос со непосредноста на цртачкиот зафат. Во заемодејствие со овие технички претпоставки е обликуван и имагинативниот репертоар на уметникот: низа на гротескни и мајмунолики фигури затекнати во фаза на трансформација од суштества на природата во суштества на културата. Претставите на Масин зафаќаат од самото дно на несвесното битие, а примитивната енергија на нивната артикулација е соодветно фокусирана во „нечистата“ техника на авторот – забележува ликовниот критичар Бојан Иванов.

Фотографија: Маја Аргакијева

Изложбата на Мирослав Масин е проследена со обемен и луксузен каталог. Поставката во Даутпашин амам е дел од Годишната програма на Националната галерија за 2024 година и е финансиски поддржана од Министерството за култура, а како спонзори се појавуваат: „Скечерс“, ресторани „Амиго“, „Де Ниро“ – Битола и „Дајнерс Македонија“. Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни 2024 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 231, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.5.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот