Изложбата ќе биде отворена на 18 септември 2025, во 20 часот

Изложба на скулптури со наслов „Празно саќе“ од Маргарита Симовска ќе биде поставена во КИЦ-Скопје

Во Културно-информативниот центар – Скопје, во Продажен ликовен салон, на 18 септември, во 20 часот, ќе биде отворена изложба на скулптури од Маргарита Симовска насловена „Празно саќе“.

– Со „Празно саќе“ го вклучувам алармот за подигнување на еко-свеста на глобално ниво. „Празно саќе“ се поврзува со природата, учи од нејзината мудрост и од нејзиниот начин на функционирање. Користејќи го принципот Fair Share, природата ни става до знаење: колку уништувајќи земаме дел од неа, толку треба да ѝ возвратиме за да ја зачуваме. Овој принцип го користам за да ја изразам мојата голема љубов кон природата.

Преку однапред одреден концепт се поврзувам непосредно со формата на природата. Koнцептот носи порака дека и ние сме природа и сопствената вредност треба да ја поврземе со надворешната природа за да го оправдаме нашето место на планетата Земја.

Учејќи од мудроста на природата влезена во нејзината кружност не го стопирам нејзиниот динамичен баланс. Затоа создавам од рециклиран материјал земен од отпад. Формите и патерните во „Празно саќе“ се симбол во кој одекнува нашето битисување како доказ дека сме надвор од природата, а не во неа. Преку нив го вклучувам алармот за будење на еко-свеста на глобално ниво со прашање: Каде и како се вклопуваме ние во функционирањето на природното начело: Создади – Уништи – Обнови? – истакнува авторката.

Маргарита Симовска е родена во 1986 година во Скопје, Македонија. Во 2005-та година завршува во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот за применето сликарство. Во 2009-та дипломира на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, на отсекот за монументално сликарство.

Во 2019 година се стекнува со ППМ доквалификација на Филозофскиот факултет – Скопје, а во моментов е на постдипломски студии за визуелни уметности на Интернационален Балкански универзитет при Факултетот за ликовна уметност и дизајн во Скопје.

Оваа ѝ е трета самостојна изложба, а регионално и интернационално има учество во повеќе групни изложби, колонии и фестивали за современа уметност. Работи како ликовен педагог, воедно е асистент во ателјето за мозаик при МАНУ на академик Газанфер Бајрам.

Нејзината изложба „Празно саќе“ во КИЦ – Скопје ќе биде отворена до 2 октомври годинава, известија од ЈУ Културно-информативен центар – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот