Изложбата ќе биде отворена на 18 септември, во 20 часот, во Чифте амам

Изложба на Љупка Делева во Чифте амам ја открива универзалната состојба на современиот мигрантски субјект

Националната галерија на Република Северна Македонија, од 18 септември 2025 година, четврток, во 20 часот, до 9 октомври, во објектот Чифте амам ќе ја претстави авторката Љупка Делева.

По повеќедецениското живеење и творење во Венеција, македонската авторка Љупка Делева го презентира својот најнов проект „Трансформации – Flusso – Flux: 1998–2025“, кој има ретроспективен и критички карактер. Изложбата е мултимедијален архив на нејзиниот творечки опус, вклучувајќи фотографии, видеа, перформативни акции, акварели, цртежи, интервенции и други визуелни експерименти.

Особено значајно е тоа што голем дел од овие проекти се прикажуваат за првпат пред домашната публика, отворајќи простор за комплексна визуелна и концептуална анализа на трансформациите во уметничката практика.

Проектот се занимава со трансформацијата на идентитетот низ призма на транснационалност, хибридност и постмиграциски субјективитет. Идентитетот се артикулира како процес на перманентно конструирање и реконфигурација, каде чинот на стекнување ново државјанство функционира како институционализиран акт кој влијае врз самоперцепцијата на субјектот – симболички „нов слој“ што ја структурира динамиката на припадност и неприпадност.

Делева ја истражува двојната позиција на современиот мигрантски субјект, кој е истовремено емигрант (од напуштање на татковината) и имигрант (во процес на адаптација во новата културна средина). Оваа дихотомија ја артикулира како критичка оска на постмодерната и постколонијалната субјективност, следејќи концепти на Хоми Баба за „in-between space“ и „cultural hybridity“, како и идеите на Стјуарт Хол за „cultural identity as a constantly evolving process“.

Проектот ја артикулира миграцијата не само како географско преместување, туку како онтолошка и естетска состојба: идентитетот е во постојан флукс помеѓу културите, социјалните улоги и родовите позиции. Дихотомијата помеѓу „потеклото“ и „новата средина“ ја рефлектира и теоретската дискусија за дијаспорски идентитет (Safran 1991; Clifford 1994), кој ја истражува амбивалентноста на припаѓањето и припадноста, како и продуктивноста на културната хибридност.

Покрај транснационалната димензија, проектот ги истражува и родовите и социјалните аспекти на идентитетот, особено конфликтот помеѓу улогата на граѓанин, мајка и на уметник, како и нивната интеракција со постмодерната и постколонијалната рамка на хибриден идентитет. Така, изложбата се движи кон критичка рефлексија на опоненции, константна реконфигурација на субјективноста и визуелното артикулирање на личниот и колективниот процес на идентификација.

Во таа смисла, „Трансформации – Flusso – Flux: 1998–2025“ ја артикулира универзалната состојба на современиот мигрантски субјект: флуиден, хибриден, контекстуално конструиран, секогаш во процес на критичка и естетска реинтерпретација, кој се позиционира на меѓупросторот помеѓу културите, нациите и социјалните улоги. Куратор на проектот е д-р Ана Франговска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот