
Изложба на дела од Ѓорги Динев ќе биде поставена во КИЦ-Скопје
Во Културно-информативниот центар – Скопје, на 3 септември, во 20 часот, во Салон „Империјал 1“ ќе биде отворена самостојна изложба на дела од Ѓорѓи Динев.
Препорачано
Ѓорги Динев е роден на 27.02.1994 во Струмица. Завршил средно уметничко училиште во Скопје, во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“, насока графика. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2019 година, насока графика под менторство на проф. м-р Мирко Вујисиќ, а моментално е на магистерски студии.
Во 2020 станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Има реализирано две самостојни изложби, во 2019 г. во Скопје во Младински културен центар, и во 2021 г. во Струмица.
Учествува на повеќе групни изложби, како Меѓународно графичко триенале – Битола, 2023 г., Меѓународно биенале на графиката – Варна, Бугарија, 2023 г., ДЛУМ – „Цртеж – експериментален цртеж“ – Скопје, 2023 г., ДЛУМ – „Годишна изложба“ – Скопје, 2022 г., каде ја добива наградата за сликарство, Меѓународно графичко биенале „Сува игла“ – Ужице, Србија, 2023 г., каде го добива признанието „Похвала бијенала“, и други.
Неговата изложба ќе биде поставена до 14 септември, известија од ЈУ Културно-информативен центар – Скопје.