Фотографија од циклусот „Треперење“

Изложба и фотокнига со наслов „Треперење“ на Боро Рудиќ ќе бидат претставени во МКЦ

Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје на 3 декември, во 19 часот, ќе биде отворена изложба на фотографии на Боро Рудиќ со наслов „Треперење“. На отворањето на изложбата ќе биде промовирана и фотокнига со истиот наслов.

Преку оваа изложба и фотомонографија, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми. Природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција. Што се случува со нашата перцепција како набљудувачи (или фотографи) кога излегуваме надвор од зоната на удобност и ја гледаме природата на сосема поинаков начин?

Оваа изложба има за цел да ги предизвика воспоставените визуелни концепти, поттикнувајќи ги гледачите да ја преиспитаат и да го реинтерпретираат она што го сметаат за естетско во природниот свет.

Изложбата тежи кон ослободување од стандардните канони на убавина, овозможувајќи нов поглед на природата преку иновативни и неконвенционални техники на фотографирање. Преку овој проект, авторот се надева дека ќе се отвори дијалог за флексибилноста на естетските норми и ќе се поттикне креативно размислување надвор од традиционалните рамки.

– Како оригинално истражување на границите на човечката перцепција и можностите на современата технологија во сферата на визуелните уметности, во кое е максимално нагласен и личниот стил на уметникот и неговите преференци во изборот на естетските компоненти, изложбата на Боро Рудиќ претставува крупен иновативен чекор во истражувачките техники во подрачјето на фотографијата и возбудливо визуелно-естетско доживување – истакнува филозофот Ферид Мухиќ за изложбата и фотокнигата на Рудиќ.

Изложбата „Треперење“ во галеријата на МКЦ во Скопје ќе биде поставена до 15 декември оваа година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот