
Излезе второ издание на збирката есеи „Господ, па Америка“ на Румена Бужаровска
Издавачкиот центар „Три“ извести дека по саемското објавување во мај оваа година, книгата „Господ, па Америка“ на Румена Бужаровска ја освои читателската публика со своите „нешто повеќе од есеи“, како што ги нарече нејзиниот промотор Ивор Мицковски.
Препорачано
По три месеци, на полиците на „Три“ пристигна второто издание на оваа извонредна книга, што е уште еден доказ за ерудицијата, чувствителноста и можноста на книжевноста да ги одредува и да ги надминува границите.
Книгата оригинално беше напишана на англиски јазик, а есеите постапно беа објавувани на српски јазик на сајтот „Велике приче“. Румена Бужаровска е една од најпреведуваните авторки во нашата земја, досега објавена на четиринаесет јазици, а расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се поставени во шест театарски претстави што се играат со голем успех кај нас и во странство.
Во исчекување на единаесеттото издание на „Мојот маж“, го бележиме второто издание на збирката есеи „Господ, па Америка“, за која од „Три“ изјавуваат дека е една од најбараните книги што постојано е меѓу најпродаваните за овие месеци.
Повеќе автори веќе се огласија за „Господ, па Америка“. Според Петар Андоновски, „Ако во расказите Бужаровска е ненадминлива, во есеите е – па, Господ!“ А Сашо Огненовски во својата рецензија ја означи како „книга која балансира токму меѓу подземниот анимозитет и слаткоста на секојдневието, каде што отворените прашања се секогаш добредојдени, зашто ако не се одговорат сите, ќе нема за што да се живее, ќе нема каде да се оди и зошто да се очекува новиот ден“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 241, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.7.2024)