Стефан Спасовски, поет / Фотографија: Наташа Гелева

Издавачката куќа „Илика“ ја промовираше збирката поезија „Ќумур смоквин млеч“ од Стефан Спасовски

Дебитантската збирка поезија „Ќумур смоквин млеч“ од младиот поет Стефан Спасовски е објавена во издание на „Илика“, а промоцијата се одржа на 3 јули во „Буква“. Стихозбирката е наградена со „Антев часовник“ од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор.

Наградата ја доби со следново образложение: „Поезијата на Стефан Спасовски, со креативен и иновативен наслов ’Ќумур смоквин млеч‘, е интересно патување по сетилните меридијани на неговта млада душа. Песните, иако се пишувани во традиционален дух и изобилуваат со сложени внатрешни рими, инверзии, фигури на звукот и метафори, сепак имаат еден модернистички начин на соопштување на доживеаните чувства. Експерименталноста, што е една од карактеристиките на оваа поезија, симпатично комуницира со интертекстуалноста притоа создавајќи оригинални стихови. Овие песни понекогаш се мрачни и песимистични, но речиси секогаш содржат хумор и игривост кои не дозволуваат да превлада мрачниот тон.“

Промоцијата се одржа со разговор помеѓу Андреј Медиќ Лазаревски и Стефан Спасовски / Фотографија: Наташа Гелева

Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In  medias reѕ“.

Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања, како: „Поетска епизода“, „Отскочна даска“, „Клинци“ и на Скопскиот поетски фестивал. Негови есеи, критики и поезија се објавени на „Култура Бета“, „Репер“, „In medias res“, како и во публикацијата „Визуализација на современата македонска книжевност“ (2025).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 288, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.7.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот