
Издавачката куќа „Гаврош“ ќе ја промовира уникатно изработената книга „Космогонија“
Книгата „Космогонија“ е ликовна адаптација на Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ на истоимената песна од Влада Урошевиќ. Оригиналните илустрации се изработени во техника на колаж од рачно боена свила со цртеж и вез.
Препорачано
„Космогонија“ е приказна за создавањето и разорувањето, низ циклусите што го градат и разградуваат светот. Ова издание ја следи таа преобразба – инспирирано од зборовите, но раскажано без нив, преку боја и форма. Од свиленото платно до допирот на грубата хартија, секоја промена остава своја трага, носејќи ново значење во визуелната поетика на тивката книга.
„Космогонија“ е библиофилско издание што го обединува поетскиот свет на Влада Урошевиќ и визуелната интерпретација на Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ. Во фокус на проектот се две свилени платна, создадени како автономна уметничка целина, чија трансформација во формат на книга-хармоника ја отвора темата за книгата како уметнички објект.
На промоцијата, што ќе се одржи на 6 мај, во 18:30 часот, во „Аудиокултура“, ќе има разговор на тема „Книгата како објект: од уметничко дело до печатена форма“, модериран од Владимир Мартиновски, во присуство на авторите. Ќе се отвори прашањето за односот помеѓу оригиналот и неговите медиумски преводи, за природата на творештвото како чин на создавање, преобразба и ново толкување.