
Избрканата докторка од „Козле“ ќе биде вратена на одделот за бронхоскопија, каде 2 децении спасуваше животи на деца со залетнат предмет во дишните патишта
Доктор Веселинка Митровска-Јосифова, реномиран специјалист по ОРЛ и бронхоскопија и долгогодишна раководителка на овој оддел во ЈЗУ Клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, ќе биде вратена на работа откако сега веќе разрешената директорка Каролина Симоновска ѝ го прекина работниот однос за време на боледување. Но, тркалото се сврте и вчера Министерството за здравство ја разреши Каролина Симоновска од директорка, а новото раководство на болницата уште денеска презема дејства да ја врати специјалистката на работа и тоа најверојатно како раководителка – како што било со години.
Препорачано
Митровска-Јосифова повеќе од 2 децении води бронхоскопски интервенции со кои во „Козле“ на мали деца им се отстрануваат предмети што ги голтнале и кои може да им го загрозат животот. Нејзините проблеми со Симоновска почнаа лани летото, кога побара болницата да ги набави неопходните потрошни материјали за вршење на бронхоскопиите наречени „баскет“ и кога бараше децата да се седираат со помош на анестезиолози од КАРИЛ (како што било дотогаш) бидејќи тоа обезбедува полесни и нетрауматски услови за работа за малите пациенти.
Но, откако тоа не ѝ беше обезбедено, си даде оставка од раководителка на бронхоскопија, поради несоодветни и опасни услови за работа. Бронхоскопскиот оддел после оставката на доктор Митровска-Јосифовска функционираше со пензиониран ОРЛ специјалист на повик. Се формираше нов тим за бронхоскопија, ама 6 членови од него поднесоа барање да бидат изземени. Причината беше во тоа што без Јосифовска Митровска, не можат да работат.
„Ние подолу потпишаните членови на тимот за бронхоскопија, при чиста свест без присила, бараме да бидеме изземени од работата во бронхоскопскиот тим и од приправност за бронхоскопија. Ова барање го поднесуваме со оглед на новонастанатата состојба и промена во составот на тимот односно во него не се двете најискусни бронхоскопски педијатри и ОРЛ специјалисти, како стожери на тимот. Тие се единствените обучени и работат комплицирани и ургентни бронхоскопии каде што има потреба на екстрахирање на туѓи тела со баскет или ригидна бронхоскопија. Без нив, ние најодговорно тврдиме, заради заштита на здравјето на децата, дека не можеме да ја работиме оваа интервенција“, ѝ напишале на директорката Симоновска двајца доктори и четири медицински сестри лани летото.
На 31 декември 2024 година се случи неочекуван пресврт. Митровска-Јосифовска со одлука од екс-директорката Симоновска со наредба беше вратена на одделот за бронхоскопија. Меѓутоа, на првата закажана интервенција додека се подготвувала да влезе во кабинетот и да работи врз двеипол годишниот пациент, пред да почне бронхоскопијата, сега разрешената директорка Каролина Симоновска дошла и барала докторката да биде отстранета од интервенцијата со обезбедување, заканувајќи ѝ се со отказ. Сето ова се случувало пред доктори и сестри од тимот. Факт е дека докторката Митровска-Јосифовска имала писмен документ од Симоновска, во кој ѝ се наредува да врши работа на бронхоскопија од 31.12.2024 година и дека во моментите кога се правел обид да биде изнесена од салата со влечење на белиот мантил таа всушност – работела според описот на наредбата.

Откако одбила да излезе од работната задача и останала на интервенцијата, докторката наредниот ден замина на боледување. Истиот ден кога се случувала бронхоскопијата (23 јануари 2025 година) и кога таа всушност била на работа, е датумот на нејзиниот „отказ“. Со ова беше запознаен и министерот за здравство Арбен Таравари, кога сопругот на лекарката бараше одговори од него, како на ден кога неговата сопруга била на работа, некој се дрзна да ја отпушти.
Адвокатката на докторката Митровска-Јосифовска, Маја Ристова вели дека решението со кое ѝ е откажан договорот за вработување на лекарката е незаконито од повеќе причини. Дополнително, минатата недела таа испратила во болницата предупредување да се престане со негативни дејствија кон докторката.
Како полномошник на д-р Митровска-Јосифова, до поранешната директорка Симоновска, минатата недела доставив предупредување согласно Законот за заштита од вознемирување на работното место, со кое барам од неа да се воздржува од негативните дејствија кои ги има кон докторката од јули 2024 до престанокот на работниот однос на докторката. Паралено со ова, имам доставено и претставка до Државниот инспекторат за труд, а во врска со незаконито донесеното отказно решение со кое на докторката и се прекинува работниот однос во болницата, изјави за „Слободен печат“ адвокатката Ристова.

Адвокатката Ристова е децидна – предметното решение за откажување на договорот за вработување без отказен рок е незаконито затоа што прво е донесено додека докторката е на боледување (иако со датум наназад кога докторката била на работа).
Потоа, истото ова Решение првично не и беше врачено лично, туку, додека таа е на боледување, е објавено на огласна табла кај работодавачот и веднаш истиот ден е одјавена од Агенција за вработување. Со тоа се направени неколку повреди на позитивната законска регулатива. Дури и сега, нешто малку подоцна, откако докторката се јавила кај работодавачот за да го подигне отказното решение, односно дури и сега кога има уреден прием од нејзина страна, повторно ова Решение е незаконито, затоа што одјавата од Агенција е пред врачување на Решението за отказ. Да не одиме подалеку во содржината на истото, која исто така е неоснована, додаде Ристова во изјава за „Слободен печат“.
Доктор Веселинка Митровска Јосифова доби престанок на работниот однос без отказен рок врз основа на „комисија“ која никогаш не ја повикала да даде исказ. Во решението за престанување на работниот однос се тврди дека реномираната бронхоскопистка го загрозила животот на детето со тоа што не сакала да ја напушти интервенцијата, но всушност – докторката имала одлука да работи баш на тој оддел каде што поминала децении. Нејзиното искуство со бројни интервенции на мали пациенти, всушност претставува сигурност во процедурите и со нејзиното искуство им помогнала и на други лекари во бронхоскопската пракса. И лекарскиот колегиум во допис до јавноста предупреди дека ова е голема неправда и дека докторката не би можела со своето присуство да загрози, туку само да спаси детски живот.
Присуството на колешката само ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите кои се нејзин домен на работа. Докторката Јосифовска се соочува со непријатна средба со директорката, и тоа за време на интеревенцијата, и истата се обидувала насилно да ја острани од кабинетот за што постојат сведоци. Ја информираме јавноста дека интервенцијата кај детето резултирала со успех, извадено е туѓо тело од дишните патишта на пациентот. Со ништо и во ниеден момент не било загрозено детето, ниту пак присуството на лекар кој има 22 години искуство со оваа проблематика би можело на било кој начин да го загрози животот на детето. Напротив доколку би дошло до компликации, лекарите кои се присутни, а имаат долгогодишно искуство би можеле да интервенираат веднаш. Но парадоксот е дека според директорката како што пишува во отказното решение е дека нејзиното присуство го довела во опасност животот на пациентот. Изразуваме најсилна безрезервна поддршка за нашата колешка д-р Веселинка Јосифовска Митровска за која сметаме дека и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение од актуелното раководство“, наведоа лекарите во протестното писмо.
Самото решение за престанок на работниот однос на докторката од страна на новото раководство што беше поставено во „Козле“ по разрешувањето на Симоновска, ќе биде предмет на ревизија и нова комисија ќе го прогласи за ништовно после што таа се враќа на работното место каде била речиси 3 децении.
Министерството за здравство вчера извести дека ја разрешува Каролина Симоновска од директорка и на нејзино место ја поставува професорката Катерина Бошковска. На разрешувањето му претходеа наводи за нарушени меѓучовечки односи во „Козле“, отпуштање без основа од работа на дефицитарен специјалист, но Симоновска ќе остане запаметена и по барањето што им го упати на медиумите – името да не ѝ го споменуваат. Нејзината изјава во која бара медиумите да не ја споменуваат со закана дека во спротивно ќе ги тужи, од еснафските новинарски здруженија беше оценета како цензорска. Ова од причина што директорите и нивната работа се јавен интерес. Во декември Симоновска беше на разговор кај Таравари зашто триесетина лекари ургираа кај него дека имаат проблем со нејзиното менаџирање. Пред медиумите таа тогаш тврдеше дека ако некој заслужува да биде директор, тогаш тоа е таа, а оти партија што веќе не е на власт ѝ прави политичка хајка.
Министерот за здравство Таравари со месеци на разговори во својот кабинет ги примаше докторите од „Козле“ и ги слушаше нивните поплаки за Симоновска без да преземе чекори. Се до вчера, кога ја разреши.