ТикТок / лого / Фото: Claudia Nass / Alamy / Profimedia

ИСТРАЖУВАЊЕ на „Слободен печат“ за влијанието на апликацијата ТикТок врз младата популација во македонското општество

Редакцијата на „Слободен печат“ спроведе истражување на јавното мислење на читателите на електронското издание на „Слободен печат“ со цел да се испитаат одредени актуелни состојби за користењето на апликацијата ТикТок кај полнолетните лица, а изнесеното нивно мислење и оцена се однесува и за користењето на ТикТок од малолетните лица.

Основна популациона маса во истражувањето беа полнолетните граѓани, читателите на електронското издание на „Слободен печат“, поделени според одредени социо – демографски карактеристики. Тоа значи дека анкетата може да ја пополнуваат и други лица, а не само од Македонија. Можноста анкетата да биде пополнета беше од 9-ти мај во 15:20 до 11-ти мај до 14:40 часот. Прашалникот го пополнија 2.283 полнолетни читатели на порталот.

Првичниот заклучок што го направивме по затворањето на анкетата беше дека испитаниците позитивно го прифатија учеството и соодветно на таквиот однос и став со своите одговори придонесоа за негово успешно реализирање. Главен акцент во истражувањето беше ставен врз нивното мислење за апликацијата ТикТок и ставот за нејзиното користење. Внимание во јавноста привлече барањето за забрана за користење на апликацијата и соодветно на создадената ситуација и атмосфера во општеството беа поставени и ваков вид прашања.

Реализираното анкетно испитување, дава основа да се отвори расправа за ова прашање, потоа почетни констатации за актуелниот момент, како и да се превенираат потенцијални погрешни решенија. Неколку субјекти се директни учесници во креирањето на политиката, на мерките и на потенцијалните решенија кога станува збор за воспитувањето и образованието на младата популација.

Во целокупниот процес е пожелно да бидат вклучени родителите, потоа наставниот кадар и управата на училиштето и органи на управата, односно министерства и специјализирани установи и институции. Потоа е пожелно активно учество на медиумите и граѓанскиот сектор. Во последните 30 години по случувањата во Србија не се памети вработените во наведените надлежни институции и воопшто граѓаните да бидат обединети во определбата дека мора да се преземат конкретни мерки и решенија на планот на воспитувањето, од една страна и исполнување на обврските на секој субјект во наведените институции, од друга страна.

Можеби во Србија првичната реакција кај мнозинството од населението како резултат на револт и особено високи емоции беше повикувањето на забрани и укинување на медиуми е разбирлива, но и тешко оставрлива. Затоа поучени од ова несреќно искуство имаме можност да ја отвориме расправата за тоа каков вид содржини се достапни, пред се, на малолетниците под 10 години, потоа кај оние од 10 до 13 и над 14 години. Општеството, односно државните органи имаат обврска и право да спречат секаков вид насилство и омраза и слични со закон забранети дејствија што се поттикнуват преку форми на комуникакција или во директен контакт.

Укажувањето на потребата од сузбивање на ваква состојба и оневозможување на условите да се развие со поголеми последици во ниеден момент не ги нарушува правата и слободите на граѓаните. Отворените закани, сеењето страв и омраза преку говор не се одлики на здраво и демократско општество, туку на дисфункционална заедница во која нема примена на законите за сторителите на кривични дела.

Пред да ги презентирам добиените податоци кус осврт за општествената реалност во користењето апарати за комуникација, како што се: мобилен телефони, таблет, компјутер, потоа интернет и апликациите што се изработуваат и актуелните и масовни општествени или социјални мрежи.

Секое научно откритие и техничко помагало има за цел да ја олесни вршењето на одредена работа на човекот. Намерата е да ја направи работата поквалитетна за пократко време, да биде поефикасен и поефективен и рационално да ги користи ресурсите. Тоа подразбира време, енергија, пари и кадри. Машината, апаратот или орудието ја олеснува комуникацијата меѓу луѓето, прави нивните односи да бидат похумани и да негуваат вредности што се позитивни. За ова да функционира како што е замислено е потребна едукација и стекнување вештини со укажување на слабите страни и ризикот од употребата.

Ниеден апарат не предизвикува толку големи промени во однесувањето на човекот како мобилниот телефон, а особено т. н. паметен телефон. Денес целокупното професионално време – работа, приватен живот и лично слободно време се детерминирани од користењето паметен мобилен апарат. Социолозите со право укажуваат на намалената директна комуникација меѓу луѓето како негативна последица од секојдневното користење на мобилниот телефон од една страна и непобитниот факт дека денес со истиот мобилен телефон се остварува ултра брза комуникација со секој поединец на планетата, од друга страна.

Кога станува збор за користењето на паметните мобилни телефони од деца на возраст до 15 години е потребно максимална претпазливост при начинот на употребата на апаратот. Имено, детето треба да стекне знаење и вештина за да може, кога ќе биде полнолетно да ја знае неговата употреба и да не се добие преку образованието и воспитувањето одбивност од користењето на апаратот, зашто на таков начин му се намалуваат шансите да работи успешно и да комуницира. Заканата и опасноста за децата на возраст под 15 години при употреба на ваков апарат со многу време, без селекција на содржините и со издвојување од средината без заедничко дружење има претпоставки за создавање сериозна ситуација за асоцијално однесување.

Со зголемување на возраста светот на детето што го проектира се случува преку телефонот и ги избегнува директните контакти. Во основа тоа не може целосно да биде отуѓено, бидејќи посетува училиште и други активности. Меѓутоа, ако бројот на деца во одредена средина што се однесуваат на таков или сличен начин е голем, тие градат убедување дека така е правилно, дека тоа е добро и дека штом мнозинството така се однесува, станува нормално однесување. Забраната за користење нема да ги даде очекуваните резултати и во основа не е добра постапка.

Општеството во целина, а тоа значи родители, наставници, тренери, новинари и сите што креираат одредено мислење се должни да воспитуваат и да едуцираат помлади припадници. Тоа подразбира максимално критички став спрема одредена појава со уважување на корисноста за која е направен апаратот. Постојат многубројни примери за кои човекот од незнаење имал погрешен пристап спрема техниката и развојот и со време научил дека не е виновен апаратот, туку неправилната негова употреба во техничка и социјална смисла.

Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.
Обработка на податоци: Слободен печат.
Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.

Графикон 1 и 3: Од вкупниот број испитаници на возраст од 18 до 28 години 27,2% ја користат апликацијата ТикТок од 1 до 3 часа во просек дневно, додека другите возрасни категории не посветуваат толку време на апликацијата ТикТок, односно испитаниците над 50 години околу 1/5 користат ТикТок во просек помалку од еден час. Слична е тенденцијата и при определување за одговорот „не користам ТиКТок“, каде што околу 40% од младите на ваков начин се изјасниле, односно кај повозрасните категории испитаници околу 75% се изјаснуваат дека не користат тик ток.

Помладите што не користат ТикТок повеќе од својата генерација што користи ТикТок се изјаснуваат лицата од 13 до 17 години да имаат ограничено време на користење. Наспроти нив лицата што имаат над 50 години и не користат ТикТок кога станува збор за користење на оваа апликација кај младите се определуваат за воведување целосна забрана за користење.

Младите над 18 години што ја користат апликацијата од 1до 3 часа во просек дневно сметаат дека треба да има одредено ограничување на одреден вид содржини од ТикТок за полнолетните лица. Генерално сите испитаници што не ја користат апликацијата се определуваат за нејзина целосна забрана. Возрасните над 50 години се определуваат за воведување целосна забрана за користење ТикТок и овој став повеќе е изразен кај испитаниците што не ја користат апликацијата. Испитаниците на возраст од 18 до 28 години видливо се определуваат наспроти другите возрасти за ставот дека за полнолетни лица „не треба да има никакво ограничување“ во користењето на тик ток.

Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.
Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.

Од содржините што најмногу испитаникот сака да гледа на тик-ток се следниве: аматерски клипови 7,8%, вести 3,4%, музика 9,9%. совети 15,6%, промоција на производи 4,4% спорт 7,1 и друго 51,8%.

Од вкупниот број испитаници 91.7% изјавија дека никогаш не објавуваат содржини на тик ток.

Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.
Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.
Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.
Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.

За ставот „стручни лица да дадат мислење за одреден вид ограничување“ во поглед на определувањето на испитаниците не помина повеќе од 10% од вкупниот број испитаници и возраста кај испитаниците не покажа влијание за определувањето или разлики меѓу нив, односно испитаниците што не ја користат апликацијата сметаат дека мислењето на стручњаците е потребно да се слушне.

Младите испитаници до 28 години што ја користат апликацијата ТикТок најчесто се изјаснуваат дека треба да се воведе забрана за користење на апликацијата за малолетни лица до 13 години. Кога станува збор за целосна забрана на ТикТок возраста има влијание кај испитаниците со повеќе години во споредба со помладите кој преферираат забранување. Меѓутоа, висок процент се забележува кај младите испитаници за забрана на апликацијата, но битно е да се укаже дека овие млади не ја користат. За ставот дека „не треба да има никакво ограничување“, што значи би се однесувало и за малолетни лица, најмногу се определуваат помладите што ја користат апликацијата во просек од 1до 3 часа.

Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.

Мислењето за содржините што може да се гледаат наТикТок кај испитаниците можеби се формира во овие неколку денови по настаните во Србија, односно и покрај тоа што огромен број не следи содржини на ТикТок 41,8% имаат став дека „целосно има содржини што се многу штетни за малолетни лица“, а 24.7% сметаат дека „претежно има содржини што се релативно штетни за малолетни лица“. Со други зборови висок е процентот на испитаници што има формирано мислење за неа и тоа околу 2/3 од вкупниот број сметаат дека има штетни содржини, односно 61,1% се изјаснуваат дека не ја следи апликацијата.

Може да се претпостави дека е висок процентот на испитаници што ја следат ТикТок, а при тоа да не се читатели на електронското издание на Слободен печат или не ја пополниле анкетата што говори во прилог дека влијанието врз овие испитаници да имаат негативен став за ТикТок го направиле блиски личности или други медиуми. Кога станува збор за содржини на ТикТок за полнолетни лица критиката е поблага во споредба со оцената за содржини што може да ги гледаат малолетни лица. Истовремено, повеќе од 2/5 се изјаснуваат дека има многу лоши и штетни содржини.

Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.

Имено, околу 1/3 од вкупниот број испитаници се изјаснува за ставот „има корисни содржини, како што има и лоши / штетни“ и за овој став значително повеќе се определуваат помладите што ја користат апликацијата помалку од еден час. Кога станува збор за позитивната оцена за содржината на апликацијата ТикТок, при тоа да не се прави разлика во возраста за која се гледа, збирно се определуваат околу 7% за дека има содржини што се корисни но овој процент статистички нема значење.

Кога треба да се определат за содржината, независно од тоа за кого е наменета или кој ја гледа, испитаниците беа поблаги во критиката за содржината на ТикТок, ако е наменета само за полнолетни лица и кога не се опфатени малолетните лица. Меѓутоа, 50% од испитаниците, сметаат дека има содржини што се многу лоши и штетни. На конкретното прашање да ја оценат содржината што ја има и најчесто ја гледаат, 23,5 % од испитаниците сметаат дека тоа е „примитивна забава и простачки хумор“, односно 16.0% се определуваат за ставот „претежно евтина (шунд) забава“ и исто толку за ставот „забава и хумор колку да ми мине време“.

Младите што имаат до 28 години се изјаснуваат дека тик ток за нив е забава за да им мине време, а постарите воопшто не се изјаснуваат за ваквото однесување и статистички е не значајно. Постои висок степен на совпаѓање меѓу одговорите кај испитаниците за нивниот став за содржина што ја гледаат на ТикТок и оцената за апликацијата според тоа како ја перципираат. Имено. Оваа апликација 61,2% од испитаниците, поради содржините што ги објавува е лоша и задоволителна, односно статистички незначителни 5.7% сметаат дека содржината е многу добра и одлична.

Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.
Тик Ток во македонското општество тикток
Обработка на податоци: Слободен печат.

Констатации кои произлегоа од истражувањето

Младата популација ја користи апликацијата ТикТок повеќе во споредба со возрасните или со други зборови нивните родители, но и двете категории луѓе не учествуваат со објавување содржини на апликацијата.

Најчесто време што се користи апликацијата кај помладите е од 1 до 3 часа, додека кај возрасните помалку од еден час и поради разновидноста на содржините што се објавуваат испитаниците повеќе од половина се изјаснија дека гледаат други содржини во однос на совети од различни области, музика, спорт или вести

Испитаниците со високо образованието се несразмерно застапени во примерокот наспроти испитаниците со средно образование што говори во насока на структурата на читатели на „Слободен печат“. Истовремено, степенот на образование е условен во извесна мера од возраста на испитаниците, а посебно во делот на магистратура и докторат и зборно изнесува 76% од испитаниците.

Генерално ставот кај испитаниците за апликацијата TикTок најмногу беше условен од времето што се користи за да се гледаат содржините. Во овој поглед доминираат три категории корисници: „не користи ТикТок“, „користи помалку од еден час“ и само за младата популација користи „од еден до три часа“.

Најмногу видлива разлика се јавува меѓу испитаниците што се помлади и што ја користат апликацијата во однос на постари испитаници што не ја користат апликацијата. Имено, првите повеќе се позитивни и поблаги во критиката спрема TикTок и сегментирано се залагаат за ограничување на содржини спрема малолетници или спрема конкретна категорија малолетни лица на возраста до 13 години.

Втората категорија, која е над 50 години, има факултетско образование и најчесто не користи ТикТок, целосно има негативно мислење за апликацијата со оцена дека има штетни содржини во целина, а посебно за младата малолетна популација и висок процент од нив се залагаат за забрана за користење, а посебно спрема младата популација.

Ова истражување ја отвори темата преку еден пример и мал сегмент при користење апликација за разликите што постојат во ставовите меѓу децата и родителите, меѓу младите и наставниците. Првичната реакција беше дека за проблемите што постојат или може да создадат нови последици, беше забрана за користење, забрана за учество, а всушност треба да се размислува да се забрани забранување на начин како што се предлага.

Ова истражување ја откри и може да ја превенира можната грешка во однесувањето кај децата и младите во однос на родителите и наставниците, но не може да ја спречи последицата.

Имено, според овие податоци, родителите или возрасните читатели кои имаат моќ и позиција во општеството, ако решат да ја спроведат својата волја да забранат, наместо да разговараат, може само да предизвикаат со сопствените деца, ученици и студенти дополнителни проблеми, како што се: неразбирање, нервози, конфронтации и конфликти.

Младата популација во зависност од нивото на возраст и зрелост со помош на стручни лица, како што се психолог, педагог или социолог е пожелно да биде информирана и запознаена за можните ризици од неселективно користење содржина на општествените мрежи, од една страна и практикување говор на омраза и физичко насилство спрема врсниците, од друга страна родителите е пожелно да го променат сопствениот став спрема наставниот кадар и стручните лица и сопственото дете да го заштитат со тоа што ќе го образуваат и воспитуваат на позитивни вредности со почитување на институциите, како што се училиште, наставник, директор и сл.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!