Фото: ClassicStock / Alamy / Alamy / Profimedia

Истражувањата откриваат: Магионичарите се помалку склони кон ментални нарушувања од другите креативци

Креативните типови на луѓе или таканаречените уметнички души – музичари, сликари и писатели – често се сметаат за напатени, но истражувањата покажаа дека барем една група во уметничката заедница нашла начин да има одлична психолошка рамнотежа, пишува „Гардијан“.

Психолошкото испитување на магионичарите ширум светот, предводено од Катедрата за психологија на Универзитетот во Абериствит, покажа дека илузионистите се помалку склони кон проблеми со менталното здравје отколку другите уметнички души, како и општата популација.

Во студијата објавена во списанието „БЈ Псајк опен“ (BJPsych Open), биле измерени психопатолошките особини на речиси 200 магионичари, а потоа резултатите биле споредени со податоците за другите групи на уметници и општата популација.

Помалку психотични карактеристики

Заклучокот од истражувањето е дека магионичарите имале значително помал резултат на психотични карактеристики од другите уметнички души и останатат популација.

И покрај тоа што нивната работа е поврзана со илузии и мистерија, магионичарите имале помала веројатност да имаат невообичаени искуства како што се халуцинации или когнитивна неорганизираност.

Џил Грингрос, која го водеше истражувањето, рече дека ова е прва студија која открива дека креативната група има пониска оценка за психотични особини од општата популација.

„Нашето истражување покажа дека магионичарите не покажуваат повисоки нивоа на ментални нарушувања. Резултатите покажуваат дека поврзаноста помеѓу креативноста и психопатологијата е многу посложена отколку што се мислеше“, рече таа.

Грингрос вели дека магионичарите добиваат пониски резултати на импулсивната несообразност, особина поврзана со асоцијалното однесување и слабата самоконтрола.

„Оваа карактеристика е важна за многу креативни групи како што се писатели, поети и комичари чии активности често се на работ и предизвикуваат конвенционални сфаќања. Магионичарите можат да бидат подеднакво иновативни и да работат на границата. Сепак, многу магионичари изведуваат познати трикови или нивни варијации без да се обидуваат да иновираат“, додала Грингрос.

Надминување на проблемите

Сара Красон, магионичар од Њујорк, која учествувала во истражувањето, вели дека постојат причини зошто магионичарите се ментално избалансирани.

„Магичните трикови се начин за стекнување позитивен социјален статус и привлекување внимание. Често помага да се надмине недостатокот на социјални вештини. Ова ни дава самодоверба и може да помогне да се надминат проблемите“, изјави таа за „Гардијан“.

Истражувањата покажуваат дека профилите за ментално здравје на магионичарите се слични на оние на математичарите и научниците. Красон смета дека причината за тоа е прецизноста неопходна за изведување магионичарски трикови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот