
Историјата на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е раскажана со 75 фотографии
Во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп на 5 јуни, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии со наслов „75 за 75“. Автор на проектот е м-р Каролина Мицевска.
Препорачано
На изложбата ќе бидат претставени 75 фотографии на канвас, кои се направени на театарски претстави кои оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“. Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.
– Tеатарот „Војдан Чернодрински“ веќе 75 години опстојува, и ќе опстојува, раскажувајќи ни за минатото, за сегашноста, но фокусирајќи сé и на иднината. Од сите уметности само Театарот е директен посредник со публиката и затоа ни е насушно потребен. Тој е светлина сам по себе, што свети од сите страни и е препознатлив за секој човек. Целта на театарот во сите времиња била и ќе биде, како што вели Хамлет „…да стои, како огледало пред природата, да ја покажува добродетелта со нејзиното вистинско лице, како и гадоста, на секој век во историјата – со неговиот неразубавен облик…“ – истакнува авторката на проектот м-р Каролина Мицевска.
Досега во Прилепскиот театар се прикажале над 350 премиери, се одиграле повеќе од 7.000 претстави, кои ги гледале над 1,7 милиони луѓе. Меѓу првите театри започнал со поставување на домашните драмски текстови, па на сцената праизведби доживеале текстови од македонските драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески… Иако театарот „Војдан Чернодрински“ од 2004 година е дел од ЦК „Марко Цепенков“, сепак е драгоцено место кое раскажува приказни кои остануваат трајно врежани во историјата не само во градот, туку и во македонскиот театар.
– Театарот „Војдан Чернодрински“, како една од институциите со најдолга традиција во градот, низ годините има богата архива од текстови и фотографии од претстави. Фотографиите од претставите се уметност, преку кои театарот низ времето ја пренесувал, односно ја раскажувал приказната што се случувало на сцената. Тие беа редовен сопатник на секоја претстава одиграна на сцената од театарот. Илјадници фотографии се дел од архивата на театарот „Војдан Чернодрински“ , која се дигитализира и ќе биде достапна за јавноста. Мал дел од тие фотографии сега ќе бидат изложени. Заради симболиката 75 години театар избрани се 75 фотографии за да ја отсликаат 75-годишнината од опстојот и растежот на театарот. На поставката со фотографии на канвас, презентирани се моменти од претстави наградувани низ годините, претстави кои оставиле белег во историјата на театарот „Војдан Чернодрински“ и од претстави кои биле најдолго на репертоарот и биле најгледани. Се надеваме дека со овој избор, преку фотографијата, ви ја доближивме историјата на театарот „Војдан Чернодрински“, со која Прилеп и прилепчани се гордеат – додава авторката Каролина Мицевска.