
Испробајте веднаш: Моќни состојки што ефикасно го јакнат имунитетот и нè штитат од есенските вируси
Кашлица, течење од нос, болки во грло – респираторните заболувања растат со доаѓањето на есента и постуденото време. Започнува сезоната на вируси и настинки, а меѓу првите се очекуваат респираторните заболувања, најчесто предизвикани од риновируси. Станува збор за голем број соеви на вируси кои се одговорни за настинката. Но, тие можат да се избегнат ако го зајакнеме имунолошкиот систем, меѓу другото и со состојки што ги имаме во кујната, пишува „Живим“.
Препорачано
Познатата германска докторка и авторка на неколку книги за имунитет Франциска Рубин, ги советува следниве засилувачи на имунитетот.
Мед
Поради содржината на водород пероксид, кој настанува со ензим од плунката на пчелите, медот има антибактериско дејство. Исто така содржи флавоноиди и корисни киселини. Во цревата, каде што се наоѓа 80 проценти од нашиот имунитет, овие киселини ја поддржуваат здравата цревна флора и го поттикнуваат растот на бифидобактерии што го јакнат имунитетот, спречувајќи раст на потенцијално штетни бактерии. Австриска студија покажала дека редовната консумација на мед значително го подобрува имунолошкиот статус кај испитаниците.
Д-р Рубин советува да се земаат по две лажици мед дневно во тек од осум недели. Може да се додаде во храна, во топли (но не жешки) напитоци или да се консумира самостојно.
Ѓумбир
Покрај медот, важен сојузник на имунитетот во подготовка за есенските и зимските вируси е и ѓумбирот.
Тој содржи бројни биоактивни соединенија, меѓу кои најпознати се гингеролите, шогаолите, разни фенолни соединенија и терпени. Благодарение на нив, ѓумбирот е добар сојузник во борбата против респираторниот синцицијален вирус (RSV); може да стимулира создавање на интерферон-β (IFN-β) во клетките на слузницата, што помага во раната одбрана од вируси, да ги намали воспалителните маркери и да го наруши дејството на сигналните кинази (како JAK2), важни за репликацијата на вирусот на грип.
Затоа пијте чај од ѓумбир, додавајте го рендан во јадења или едноставно комбинирајте чај од ѓумбир со малку мед и сок од лимон. Благодарение на витаминот Ц, лимонот е уште еден неопходен помошник во јакнењето на имунитетот.
Витамин Ц
Бројни студии за настинка, грип и воспаление на белите дробови покажуваат дека витаминот Ц може да го намали ризикот од вирусна инфекција и да го скрати нејзиното траење. Ако не сте љубител на чај, можете да направите имуносен засилувач и секојдневно да земате по една лажица за да го зајакнете својот одбранбен систем.
Како да направите моќен засилувач на имунитетот?
Потребни состојки:
- 50 грама ѓумбир
- 1 органски лимон
- 500 грама течен мед
- 1 стаклена тегла со навој
Подготовка:
Коренот свеж ѓумбир добро измијте го и ситно изрендајте го. Лимонот измијте го и исечете го на тенки парчиња, па заедно со медот ставете ги во теглата.
„Како лек, земајте по една мала лажичка мед со ѓумбир три пати дневно во тек од три недели, потоа направете пауза од една недела и продолжете уште три недели“, советува д-р Рубин.