Композиторот Панде Шахов и диригентот Паскал Галоа на проба за концертот пред црквата „Света Софија“ во Охрид

Инвентивен пристап до нови сценски простори и публика со камерен оперски формат

Македонскиот композитор Панде Шахов и францускиот диригент Паскал Галоа во Македонија дојдоа со идеја за нов модел во оперската уметност, а првата презентација на проектот се случи со концертот „Лирска вечер“ на фестивалот „Охридско лето“.

Идејата за формирање ансамбл како платформа за соработка со исклучителни вокални солисти се роди како резултат на синергијата помеѓу диригентот Паскал Галоа и македонскиот композитор Панде Шахов, кој од 1998 година живее и работи во Велика Британија. Премисата на ансамблот е едноставна: една мала екипа од исклучителни музичари, мајстори на своите инструменти, но и ентузијасти за современа музика, може да понуди висок квалитет на придружба во рамките на еден оперски проект, а во исто време да овозможи мобилност и флексибилност која гломазните оперски куќи не можат да ја постигнат.

Целта на проектот е создавање плодна почва за ново творештво и трајни форми на соработка помеѓу композиторите, вокалните солисти и инструменталистите со афинитет кон современиот звук.

– Ние сме ентузијасти за современа музика, но исто така знаеме дека современата музика треба да освои нови простори и нова публика. Затоа сакаме да ја промовираме на начин што е мобилен и интересен. Со таква цел сакаме да основаме една колонија, една заедница на ентузијасти што ќе овозможат композиторите да создаваат оперски и театарски дела за камерни ансамбли, кои би биле мобилни и лесно би се адаптирале на различни и необични сцени – објаснува композиторот Панде Шахов.

Настап на камерниот оперски ансамбл на фестивалот „Охридско лето“

Првата презентација на идејата за нов модел во оперската уметност се случи со концертот „Лирска вечер“ на фестивалот „Охридско лето“ на 18 август. Во составот на фестивалскиот камерен оркестар со кој диригираше Паскал Галоа (Франција) беа солистите Милена Арсовска (сопран), Гонца Богоромова Краповски (сопран) и Иван Наумовски (баритон), како и музичарите Елена Стојческа (флејта), Игор Иванов (кларинет), Марко Виденовиќ (виола), Паскал Краповски (виолончело), Роман Петио (гитара), Влатко Нушев (удиралки) и Благоја Антовски (удиралки).

Во составот на камерниот оперски ансамбл на концертот на 18 август беа солистите Милена Арсовска (сопран), Гонца Богоромова Краповски (сопран) и Иван Наумовски (баритон)

Претходно за проектот беа нарачани дело од Јана Андреевска, но и аранжман на дело на неодамна починатиот композитор Благој Цанев, специјално создаден од Филип Иванов. Главниот носач на музичката вечер беа делата на извонредниот италијански композитор Лучано Берио, кој бил добар пријател на диригентот Галоа.

– Делата на Берио се во вид на фолклорна музика и затоа е многу полесно да се пренесат и споделат со публиката. Исто така, и македонскиот композитор Панде Шахов одлично ги претстави делата од францускиот репертоар од 19-от век – објаснува маестро Галоа.

Уметничката кариера на Галоа вклучува повеќе активности: покрај исклучително плодната активност како енигматичен и енергичен виртуоз-фаготист и познат педагог, во последно време се афирмира и како успешен диригент, но и особено креативен уметнички директор. Како еден од најпризнатите мајстори на фаготот, Галоа го инспирирал италијанскиот композитор Лучано Берио да ја напише и да му ја посвети Секвенцата XII (1995), дел од легендарната серија со која значително се прошируваат хоризонтите на инструменталните техники и експресивниот дијапазон на инструментите кои Берио ги одбрал за овој циклус.

Етаблиран веќе подолго време како активен протагонист на париската музичка сцена, во 2015 го создава фестивалот „Музикал де Киброн“ во Бретања, како оригинална форма на испреплетување на традиционалното и современото творештво. Композиторот Панде Шахов се поврзал со Паскал Галоа преку флејтиската Елена Стојческа, која живее и работи во Париз, Франција. Низ заедничките средби и размена на мислења се појавила идејата за камерен оперски оркестар. Откако ја составиле програмата за концертот, Галоа се запознал со солистите и со музичарите и го подготвиле концертот што беше изведен во Охрид.

– По првиот заеднички настап веќе размислуваме за идни концерти. Нашиот пристап кон работата е колегијален и заеднички ќе се обидеме да пронајдеме нови начини на презентација на современата музика. Особено сакам да се заблагодарам на музичката селекторка на „Охридско лето“, Даница Стојанова, која ни даде шанса да го направиме првиот чекор – истакнува Паскал Галоа.

Камерниот оперски ансамбл веќе активно ја промовира меѓународната соработка преку заеднички настапи на музичари од различни земји. Токму поради таа амбиција, оваа година во програмата се вклучени и музичари од Франција. Убедени во огромниот потенцијал на камерниот оперски формат, членовите на ансамблот се надеваат дека проектот ќе стане платформа која ќе овозможи поефектна мобилност на уметниците, но воедно и шанси за копродуциски врски во рамките на европската билатерална соработка и фестивалските мрежи.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 94, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 август 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот