Интригантниот жанр на медалната скулптура е претставен со изложбата на Надја Розева во Чифте амам

Отворање на изложбата на Надја Розева во Чифте амам

Изложба на уметнички медали и други дела на Надја Розева од Бугарија од 11 април до 7 мај е поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија во Скопје.

Медалните скулптури на Надја Розева се создадени во периодот од 2003 до 2024 година. Ова е прва изложба од ваков вид во нашата земја и ќе го насочи вниманието на јавноста кон интригантниот жанр на уметничкиот медал.

Розева во својата изложба вклучи еден од архитектонските и културни симболи на Скопје – Старата пошта со идеја да го насочи вниманието на јавноста кон итната потреба од нејзино реставрирање. Изложбата во Чифте амам ќе трае до 7 мај 2024 година.

Директорката Дита Старова Ќерими и уметницата Надја Розева

Надја Розева е уметник и дизајнер кој работи во областа на медалната скулптура, јувелирството и продукцискиот дизајн. Таа е студентка на проф. Богомил Николов, кој од неодамна е прогласен за почесен доктор на Националната академија на уметности (НХА) во Софија и е добитник на најпрестижната светска награда за медална скулптура на Американското нумизматичко здружение „Салтус“.

Розева почнала да изработува медална скулптура пред повеќе од 20 години по завршувањето на постдипломските студии по маркетинг на Универзитетот Рутгерс во Њу Џерси, САД. Во 2003 година, таа била поканета да учествува на работилницата за медална скулптура на проф. Николов во студиото за медална скулптура во Националната академија на уметности (НХА). Работела од далечина под негов надзор неколку години, а потоа магистрирала на одделот „Медал“ на НХА.

Евроамбасадорот Дејвид Гир присуствуваше на отворањето на изложбата

Во текот на времетраењето на изложбата, Надја Розева ќе има презентација и ќе одржи предавање за жанрот на уметничкиот медал, како и работилница со студенти од различни универзитети.

Делата на Надја Розева се откупени за постојаните збирки на Британскиот музеј во Лондон, Кралскиот кабинет за монети во Стокхолм, Шведска, Музејот Берген на Универзитетот во Берген, Норвешка, Националната уметничка галерија во Софија, Бугарија, Музејот на монети и медали во Кремница, Словачка итн. Таа е член на ФИДЕМ – Меѓународна федерација на уметнички медали, како и почесен член на Словачкото здружение за медали.

Медалот е уметност за допирот на раката

Изработката на медали, како независна форма на уметноста, почнала во 15 век, при што италијанскиот сликар Пизанело (околу 1395-1455) се смета за негов татко. Медалот нема парична вредност, но историски е поврзан со монетите.

Медалот е уметност за допирот на раката. Се колекционира низ целиот свет и од приватни колекционери и од музеи и галерии, а најголемите колекции се наоѓаат во Британскиот музеј, музејот „Викторија и Алберт“, Музејот на историјата на уметноста во Виена, Националната галерија на уметноста во Вашингтон и многу други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 226, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот