
Интервју со театарскиот режисер Филип Петковски за претставата „Ангели во Америка“: Работам со продукциски дрим-тим
Во Македонскиот народен театар на 1 септември премиерно ќе биде изведена претставата „Ангели во Америка“ поставена на текст на Тони Кушнер во режија на Филип Петковски и во копродукција со театарското здружение „Пресврт“.
Препорачано
Инспириран од случки од неговиот приватен живот, Тони Кушнер го пишува текстот „Ангели во Америка: Среќна фантазија на национални теми – Дел 1: Милениумот наближува“ (1991) – дело кое засекогаш ќе ја промени светската театарска историја, а Кушнер ќе го смести како еден од највлијателните американски драмски автори. Влијанието на делото се чувствува и ден-денес, а режисерот Филип Петковски повеќе години размислувал кога и каде ќе биде најпогодно да го постави на театарската сцена.
Првиот дел од „Ангели во Америка“ на Тони Кушнер го постави на сцената во Македонскиот народен театар. Со какви предизвици се соочуваше?
– Во моето целокупно театарско искуство, не се сеќавам дека понапорно сум работел на некој проект. Од самиот старт па до сега, постојано се соочуваме со предизвици, но упорноста и желбата да се раскаже приказната, која Кушнер маестрално ја напишал, е она што ме водеше и мене и екипата со која работам.
Предизвик беше да се осигураат партнерства и спонзорства, да се добијат авторските права, да се кастираат актери кои ќе можат да играат и по неколку ликови и да ја доловат културата и проблемите со кои се соочуваат тие ликови. Предизвик беше и ова монументално дело да се преведе и адаптира на начин кој ќе одговара на македонскиот контекст.
Предизвик е и секоја проба, бидејќи претставата е доста технички изискувачка и на неа работат околу 20 луѓе кои не ги гледаме на сцената. Сепак, работам со професионалци од МНТ со кои ги надминавме сите овие предизвици и за тоа сум им бескрајно благодарен.
На што е ставен фокусот во претставата?
– „Ангели во Америка“ е еден од моите омилени текстови кој многу долго време сакав да го поставам, но размислував кога е подобно време да се постави и каде. Иако темите во претставата се врзани со Америка и кризата со СИДА-та во 1980-тите, тие се глобално релевантни и денес: политика, религија, сексуалност, стигма, страв, прифаќање…
Приказната се случува во Њујорк кон средината на 1980-тите, кога во САД владее Роналд Реган – ера обележана со конзервативна политика која промовира таканаречени „семејни вредности“ и тивка, но погубна, јавна незаинтересираност за епидемијата на СИДА.
Фокусот е ставен на четири квир-ликови од Њујорк и на тоа како идеологијата, политиката и стравовите влијаат врз нивните интимни животи. Сепак, ова не е приказна само за нив, туку за секој човек кој се соочува со загуба, болест или потреба од промена. Оттука, фокусот е ставен на актерската игра и актерите кои мора да ги доловат овие теми и да ни ги приближат на сите нас.

Колку во денешно време општеството посветува внимание на аспектите што се содржани во текстот на Тони Кушнер?
– Не можеме да кажеме дека на овие теми не се обрнува внимание и дека нема прогрес, но не можеме да кажеме и дека проблемите поврзани со загрозување на човековите права, ХИВ-стигмата, политичката корупција и здравствената криза се решени. На овие теми не може да не посветуваме внимание, бидејќи лично нè засегаат – можеби некои теми повеќе од другите, но никој не е поштеден.
Јас се залагав да ги прикажам не како дискурс кој е „завршен“, туку како борба која сè уште трае. Многу од темите кои Кушнер ги начнува – особено човечката емпатија и способноста да се прифати „другиот“ – се можеби најбитните, па се надевам дека оваа претстава ќе придонесе кон позитивна промена.
Како се одвиваше процесот на соработка со актерите и креацијата на продукцискиот дизајн за претставата?
– Процесот започна во април, а беше долг и интензивен, со многу истражување, разговори, планирање и елиминирање на потенцијални ризици. Како режисер, кога ќе дојдете на првата проба, мора точно да знаете што правите и како вашата замисла ќе се реализира. За среќа, работам со продукциски дрим-тим составен од сценографот Мартин Манев и костимографката Антонија Гугинска Јорданоска, кои имаат огромен удел во визуелниот и продукцискиот дизајн. Ним не можам доволно да им се заблагодарам.
Во април и мај имавме проби со актерите на кои се фокусиравме на текстот и на актерската игра, а месецов макотрпно работевме на сценографијата, светлосниот дизајн и сценската технологија кои треба да создадат визуелен јазик што ќе ја одрази фрагментираната и халуцинаторна структура на текстот: простор кој може да се трансформира од реалност во визија за неколку секунди. За истото да се случи, потребна е концентрација и усогласеност кај многу луѓе, кои треба да работат синхронизирано за да се избегнат несакани случки. За среќа, успеавме!
Значајно место во твојата работа заземаат танцовиот и пост-драмскиот театар. Каков стилски пристап имаше кон овој проект?
– Би рекол дека оваа претстава не е во „мој стил“, односно не ја работам во стилот на пост-драмскиот и танцовиот театар и не се фокусирам на телесно изразување, туку напротив, на поставување долг и обемен драмски текст, кој е маестрално напишан и не може и не смее да се менува. Додека во претходните проекти акцентот беше ставен на телото и како тоа може да биде медиум преку кој се изразуваат различни емоционални состојби, без да мора да се користи само говорот како изразно средство, во оваа претстава најважни се дијалозите.
На првите страници од текстот, Тони Кушнер напоменува дека ова треба да биде претстава каде што доминира актерската игра, а сè останато, односно мизансценот, кореографиите, светлосниот дизајн и сценографијата треба да се исклучиво во служба на текстот и приказната. Од една страна, за еден режисер, тоа може да биде лимитирачки, но од друга страна, за да излезе пораката на површина, мора фокусот да биде ставен на реализам кој ќе ги долови приказните на сите оние ликови споменати во текстот.

Во последниве години соработуваше со три национални театри и со националниот балет. Што ја прави разликата помеѓу поставување претстава во национален театар и на независната сцена, на која се датирани твоите почетоци?
– Кога работите во национална установа, не мора да сте и шивач, декоратер, светло-мајстор и така натаму, односно сè што правев сам кога работев на независната сцена. Она што е различно е тоа што во театарот има ресурси кои може да се искористат и луѓе кои можат да помогнат. Најважното, тие луѓе се професионалци, па од тоа зависи и квалитетот на финалниот продукт. Кога работите на независната сцена, пак, имате повеќе слобода креативно да се изразувате, но и ризик и ограничувања поради финансиите и просторот во кој се игра претставата.
Но, еве, „Ангели во Америка“ е копродукциски проект на „Пресврт“, кој работи во доменот на независната сцена, и МНТ, кој нуди многу технички можности кои не секој театар може да ги понуди. Со други зборови, среќни сме што „Ангели во Америка“ може да биде пример за соработка помеѓу независната сцена и институционалниот театар.
Пред неколку години имаше можност да работиш на претстави во Европа и во Америка. Со каков театарски систем се соочи таму?
– Бидејќи често се селев поради моите студии, имав шанса да работам на претстави во САД, Норвешка, Англија, Унгарија и Србија, а театарот во секоја од овие земји различно функционира. Во САД и Англија системот е структуриран и базиран на високи професионални стандарди – од кастинг процесот до продукциската логистика, а е моделиран на капиталистичкиот систем, па така претставата мора да биде продукт од кој многу луѓе ќе заработуваат.
Театрите во Европа ги нудат истите овие стандарди, но постои повеќе поддршка за експериментални форми и за независни иницијативи, а и далеку поинтересен театар е од она што се продуцира во САД. Во театрите во Питсбург и Лос Анџелес научив многу за логистиката и продукциските аспекти на театарот, а имав и чест да работам со значајни режисери, како Џеј Ед Арајза и Мајкл Хакет, од кои ги учев техниките Сузуки и Вјупоинтс. Сепак, инспирација црпам од европски режисери и претстави.
Имаш исклучително богато едукативно портфолио. Колку знаењата што ги стекна при едукацијата е можно да се искористат во продукцијата на претстави тука?
– Во текот на студиите, освен што студирав режија, студирав и антропологија и фолклор, танцови и културолошки студии и изведбени уметности. За време на студиите читав секаков вид литература – од филозофија до политичка економија, а изложеноста на таа стручна литература ми помогна многу подлабоко да навлезам во анализите на драмските текстови кои ги читам, да можам да ги преведувам и адаптирам, да ги толкувам…
Но, не се работи само за формално образование, туку има и некои работи кои се учат на улица, од други луѓе, а и во театар, односно кога режисерот за првпат ќе влезе во театар и ќе се соочи со луѓето, ресурсите и техниката. Сè што сме учеле и знаеле пред тој момент е само некаква замисла. Не мислам дека вашата едукација мора да заврши во четврта година од студиите по режија, што ни дава само некоја основна идеја за тоа како се прави театар, па затоа сами мораме да се надградуваме. За да бидете добар режисер, мора да следите балет, опера, современ танц, филхармонија, но најважно од сè – да црпите инспирација и да учите и „крадете“ од тоа што го гледате.
Како ги откри сопствените интерес и желба да се занимаваш со режија на театарски и танцови претстави? Што те иницираше да влезеш во овие области?
– Искрено, до 22-годишна возраст бев апсолутно посветен на танцот и мислев дека својата кариера ќе ја продолжам како професионален танчер, иако студирав режија. Кога престанав да танцувам, во мене нешто умре и бев многу депресивен, па барав начин да продолжам да се занимавам со сценски уметности. Студиите по режија, но и можноста да поставувам претстави на професионална сцена ми дадоа поттик сите мои замисли и идеи да ги преточам во визии и да ги реализирам на сцена.
По првата сработена претстава, повторно се осетив „жив“, иако овојпат не бев јас тој што е на сцената. Ако сте танчер, навикнати сте кореографот постојано да ве коригира и да ви кажува што треба да правите на сцената, па така се учи дисциплина и истрајност. Работата како режисер ми даде простор да ги комбинирам искуството како танчер и кореограф и да создадам сопствен и специфичен стил на изразување. Сега, кога оформив некаква сопствена естетика, која се надевам дека е препознатлива, спремен сум да продолжам да ја промовирам, бидејќи се осеќам сигурно и дека знам што правам.
Кастинг – Вредни актерски имиња
Претставата „Ангели во Америка: Среќна фантазија на национални теми – Дел 1: Милениумот наближува“ е поставена на текст на американскиот драмски автор Тони Кушнер во режија на Филип Петковски и се реализира како копродукција на Здружението за афирмација на театарската уметност „Пресврт“ и Македонскиот народен театар.
Во претставата играат актерите Јордан Симонов, Александар Стоименовски, Стефан Спасов, Илин Јовановски, Наталија Теодосиева, Тања Кочовска, Дамјан Цветановски и Нела Павловска. Продуценти се Петар Антевски и Филип Петковски. Сценограф е Мартин Манев, костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска, додека дизајнот на постерот е на Ивана Мојсовска Головска.
Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија, „Јуроп хаус Скопје“, Германската амбасада во Скопје, Здружението „Заедно посилни“ и „Gilead Sciences Europe LTD“. Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 296, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 30-31.8.2025)