Зоја Бузалковска, професорка и театарска режисерка

Интервју со театарската режисерка и професорка Зоја Бузалковска: Поставивме нови стандарди

Во деновите кога театарската режисерка и професорка Зоја Бузалковска ја доби наградата Најдобар уметник на УКИМ, интензивно работеше и на подготовките на претставата „Снег“ во изведба на независниот театар „Штрих“, а двете работи се резултат на врвен ангажман во драмската уметност.

Претставата „Снег“, поставена по текст на францускиот автор Максанс Фермин, открива сосема ново искуство за театарската публика. Претставата зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна љубовна историја, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.

Страста кон театарската креација го насочуваше животот на Зоја Бузалковска. Во својата младост театарската игра ја учеше на независната сцена, а потоа се случи Факултетот за драмски уметности, каде што веќе дваесетина години е професор. Нејзините врвни резултати и во образованието и во театарот ѝ ја донесоа наградата Најдобар уметник на УКИМ.

На Светскиот ден на науката за мир и развој ја добивте наградата Најдобар уметник на УКИМ. Наградата е признание за врвни резултати во Вашето работење. Како се стигнува до врвни резултати, особено во областа на театарската уметност, каде што работите?

– Прво, сакам да кажам дека оваа награда ми е посебно драга, бидејќи доаѓа од „дома“. Мојата „дома“ веќе повеќе од дваесет години е ФДУ, кој е дел од големото семејство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Иницијативата на УКИМ да препознае, да награди и со тоа да поддржи и да поттикне на развој, надградба, нови значајни остварувања, е навистина за поздравување. Ние, трите факултети за уметности, сме малцинство на овој голем универзитет, кој акцентот, природно, секогаш го става на научноистражувачката дејност и достигнувања, па затоа, ова признание е уште позначајно.

Во уметничката дејност, практичната работа на професорот во театар или на филм е материјал за размена, за споделување на личните искуства со своите студенти, понекогаш и нивно инволвирање во работата на нова претстава или филм. Континуитетот на творење го држи професорот во креативна кондиција, да има секогаш нови сознанија и примери за својата педагошка работа. За мене е многу важно да го пронајдам точниот баланс помеѓу работата на нови театарски претстави и времето посветено на студентите, во прилог на што поквалитетна настава.

Во таа смисла, 2023 беше навистина посебно успешна година. Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, а во моја режија доби пет награди на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а со истата претстава имавме и успешно гостување на фестивалот РУТА во Љубљана. Во Драмскиот театар во Скопје премиерно ја изведовме претставата „Емигранти“, која ја започнавме како независен проект. Истата година во МНТ ја режирав „Иванов“, за која подоцна добивме седум награди на „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, меѓу кои и наградата за најдобра режија, а бев главен уредник и на книгата „Иванов – две верзии 1887/1889“, во издание на МНТ.

Ректорката проф. д-р Биљана Ангелова и професорката Зоја Бузалковска со наградата Најдобар уметник на УКИМ

Вашата матична работна установа е Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што се споени уметноста и образованието. Каква професионална основа добиваат новите генерации театарски актери и уметници?

– Нашите студиски програми се многу слични со некои од најдобрите примери во нашето блиско окружување. Ние не прифативме некои промени, кои би значеле пад на квалитетот на образованието на студентите. Останавме упорни студентите да добијат знаења од сите области што им се потребни за вистинска стручност.

Истовремено, ги подобривме наставните програми, обидувајќи се да ги следиме современите текови во театарот и во филмската индустрија. Исклучително се гордееме и со Академската сцена, каде што нашите студенти можат да видат што значи претставите да се одржуваат на репертоар и да се сретнат со најразлична публика. Имаме одлична посетеност и континуитет со кој може да се пофалиме.

Вие ја имавте можноста да учите од најдобрите во театарската уметност кај нас, вклучувајќи го и професорот Слободан Унковски. Со каков пристап Вие работите со студентите?

– Да, јас навистина имав привилегија за театарската режија да учам од најдобриот, од професорот Унковски, со кого за нашата професија споделувам и денес. За педагогијата, пак, учев од врвниот мајстор на актерскиот занает, професорот Кирил Ристоски, како негов асистент и потоа доцент, прекрасен педагог, но и голем човек. Тој ми помогна да изградам свој педагошки пристап, кој се темели на строга принципиелност, на конзистентност во постапките, на обидот на студентите да им се дадат што повеќе алатки со кои ќе можат да се справат со каква било задача понатаму во професионалниот театар.

Но, најважно од сè, тие доаѓаат пред нашите порти со една препознатлива автентичност, која ја носат во себе и која е она што, ми се чини, најмногу нè тера да ги избереме токму нив од сите кандидати. Се обидувам никако да не ја изгубат таа автентичност, туку да работам со нив токму од неа, како појдовна точка во нашето четиригодишно дружење. Сакам да си останат свои, а од мене да го земат само она што им е потребно за да го раскрилат својот талент.

Какви се можностите за понатамошен професионален развој на студентите по завршувањето на факултетот?

– Ќе зборувам само за профилот кој јас го предавам. На дипломираните актери и театарски режисери по дипломирањето воопшто не им е едноставно да продолжат да го прават она за кое стекнале високо образование. Особено на режисерите. Во минатото, институциите и нивните раководители имаа цела стратегија за препознавање нови таленти и нивно анимирање уште од студентските денови. Им даваа можност, на професионалните театарски сцени да ги изработат дури и испитните претстави од трета година, а нивните дипломски претстави, се подразбираше дека ќе бидат поставувани во некој од професионалните театри.

Денес, тоа е многу ретко. Најчесто, студентите дипломираат со вонинституционални проекти, кои ги работат во тешки услови, импровизирани, без соодветни технички можности, без комплетен креативен тим и без целата екипа и машинерија која вообичаено работи на една театарска претстава. Сето ова оневозможува да го разберат процесот на работа на една професионална театарска продукција во вистинската смисла на зборот. Студентите по актерска игра почесто добиваат прилики да работат во професионални театарски продукции уште од третата година од студиите.

Од друга страна, во повеќето театри актерските тимови се стари, хонорарци се земаат речиси за секоја претстава, а нови вработувања нема. Гневна сум кога гледам како некои од нашите најдобри студенти не го прават она за кое се школувале или со години не можат да се вработат.

Ваши претстави се на репертоарите на национални театарски куќи, како МНТ и Драмски театар. Во какви услови се создава театарската уметност во професионалните куќи?

– Секаде е различно и, за жал, зависи од премногу работи. Од тоа, кој во моментот ја менаџира куќата со која соработувам, преку тоа, какви човечки ресурси има за реализација на проектите, во каква состојба е објектот, до тоа каква финансиска конструкција имам за реализација на претставата. Само едно ќе кажам, ние овде, независно во кој театар, сè уште работиме во мизерни услови, во кои ни оддалеку не можеме да го направиме она кое посакуваме и можеме. Нашите режисери што прават ремек-дела во странство, многу ретко успеваат да направат претстави од таков калибар во домашните театри. Театарските куќи, едноставно, не можат да ги издржат нивните барања и да ги следат нивните идеи.

Дејствието во претставата „Снег“ се случува во Јапонија кон крајот на деветнаесеттиот век / Фотографија: Ана Павловска

Вашите почетоци се поврзани со вонинституционалниот театар. Деновиве (12 и 13 ноември) премиерно беше изведена претставата „Снег“ како независен театарски проект. Каков предизвик е да се поставува претстава надвор од формалниот театарски простор?

– Јас секогаш уживам кога работам вонинституционален театар. Таа слобода на творењето, и покрај сите маки со кои сигурно ќе се соочите, е незаменлива. Ова, пак, отвора можност, со своите идеи да се пикнете каде сакате, да си го сонувате вашиот сон на најнетипични места, кои се природен амбиент за тоа што го креирате.

Но денес, токму кога фантазирајќи, вие сте стасале до идеалниот простор за вашата визија, сонот полека-полека почнува да се топи, да се распаѓа, да се изобличува, паѓате меѓу дрвја како во кошмар и на крајот треснувате во реалноста на „не може“ и „многу е комплицирано“, на вртоглави ценовници за изнајмување ходници по државни институции, ограничувања за користење дури и на тремови и слично. Но едно ќе кажам, ништо не може да биде посилно од желбата и страста за правење добар театар.

Низ какви перипетии поминавте заедно во екипата на независниот театар „Штрих“ при поставувањето на претставата „Снег“?

– Кога „Штрих“ ми предложи соработка на нова претстава, која ќе биде и предизвик на понирање во непознатото, јас посакав да им дадам нешто многу драгоцено, кое одамна си го чувам за некои други места, можеби и надвор од државава. Дејствието во „Снег“ се случува во Јапонија, кон крајот на деветнаесеттиот век и претпоставува запознавање со јапонската култура и традиција од периодот Меиџи, како и изучување на вештини, потребни за да се раскаже приказната. Така, сите заедно влеговме во светот на бушидо, самурајските борби, специфичните кодекси на однесување, шинтоизмот, пишувањето хаику, калиграфијата, чајната церемонија и што уште не. Но, за ова наше несекојдневно патување не добивме соодветна финансиска поддршка од Министерството за култура, кое не ја препозна драгоценоста на нашата идеја и ни даде само една третина од предвидениот буџет.

Од друга страна, ова е материја што не толерира компромис. Ние, и покрај катастрофалниот старт, одлучивме да тргнеме во оваа авантура и да ги вложиме сите, понекогаш и натчовечки напори, за да го направиме замисленото. Сами со свои раце. Мака и ќеф. Благодарение на ФДУ и нивната сесрдна поддршка, практично таму ја создадовме претставата, во еден од „базените“ на Факултетот.

До една недела пред премиерата не знаевме каде ќе живее „Снег“. Ригидни институции, тотално нерасположени да излезат од својата комфор зона, не ја прифатија авантурата да ни отстапат простор, за да им донесеме несекојдневно искуство. Не сакавме тоа да биде типичен театарски простор, ниту, пак, место каде што вообичаено гледаме театар. Но, на крајот сепак „Снег“ се роди во МКЦ. И јас се радувам поради тоа.

Ништо не може да биде посилно од желбата и страста за правење добар театар

Текстот на Максанс Фермин дава можност за поетско и бајковидно толкување. Зошто се одлучивте за поставување на оваа приказна на театарска сцена?

– Да, краткиот роман „Снег“ на Максанс Фермин е прекрасна и инспиративна бајка. „Снег“ е приказна за нас. Приказна за уметникот, кој истрајува во идејата и во желбата да го прави она за кое е роден, и покрај сите пречки на патот до остварување на неговиот сон. „Снег“ е приказна за себепронаоѓањето. „Снег“ е и љубовна приказна. По „Кротка“, ова е второ прозно дело кое го работам во театар. Но, разликата е што „Снег“ има многу малку дијалог или монолог и е во раскажувачка форма. Неговиот поетски јазик беше посебен предизвик и за мене и за актерите.

Сакавме да направиме нежна претстава, кревка и суптилна и да ја раскажеме приказната за љубовта и за патот до тајните на креацијата на едноставен и топол начин. Да ја отшепотиме. Да не дозволиме ништо да ја наруши атмосферата, откако 77 луѓе ќе влезат во јапонската соба на нашиот посебен свет. Сè нешто си мислам дека ни треба такво нешто овде во театар. Нешто што ќе го победи цинизмот, што ќе нè допре. Ќе нè излупи. До гола емоција.

Сакавме да направиме нежна претстава, кревка и суптилна, и да ја раскажеме приказната на едноставен и топол начин / Фотографија: Ана Павловска

Ваши дипломирани студенти од ФДУ (дел од нив невработени) играат во претставата. Каков поттик им давате да продолжат професионално да се занимаваат со театар?

– Од осум актери, шест се мои студенти од четири различни класи. Еден од нив, Александар Степанулески, веќе одамна е мој најблизок соработник не само во театарот, туку и во образованието. Најмладиот, пак, Мартин Мазнев, е сега наш студент во трета година. Ава Хусеини, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Нела Павловска, сето тоа е моја „војска“. И Марјан Наумов и Томислав Давидовски, иако не се од моја класа, се исто така наши бивши студенти и со нив имав одлична соработка.

На претставата, како асистентки по режија, работеа и моите две сегашни студентки по театарска режија, Бојана Василковска и Моника Ставревска. Извршен продуцент е Андреа Маркоска, студентка по продукција. Тие ги сведочеа сите феникси, од почетокот до крајот на процесот. Некои од нив веќе подолго време, некои допрва, веројатно ќе бидат дел од независната театарска сцена. Поттик? Можеби само тоа дека, кога ќе одлучиш да влезеш во нов проект, какви и да се условите, не смее да има компромис во креацијата, во обидот да се оствари замисленото. Мора да се оди докрај. И, мислам дека тоа и успеавме да го направиме. Поставивме нови стандарди.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 256, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот