
Интервју со Стефани Стојаноска Наумческа, уметница: Техниката на цртање со кафе е предизвик, секоја нијанса има своја тежина и душа
„Непроценливо е кога некое дело ќе го најде својот дом. Кога знаеш дека нешто што си го творел, живее, постои и краси некој дом или установа“, вели Стефани.
Стефани Стојаноска Наумческа (29) од Гостивар на 29 септември во Центарот за култура „Асном“ ќе ја отвори својата прва самостојна изложба под наслов „Бесконечна надеж“.
Препорачано
Нејзината уметност плени со уникатна експресивност, комбинирајќи различни техники и материјали што ѝ овозможуваат да ја пренесе својата емоција и визија на платно. Користи различни техники во својата работа, а особено интересна и оригинална е техниката со кафе, но и онаа со вино.
Прва самостојна изложба… Што значи за тебе ова и зошто го избра насловот „Бесконечна надеж”?
– По седум години творење искрено оваа изложба претставува големо задоволство и среќа. „Бесконечна надеж“ – и двата поима искажуваат нешто надежно и нешто што е бесконечно. Човек се надева сè додека живее. Исто така, и во делата може да се почувствува топлина и надеж.

Како започна твојата љубов кон уметноста и кога сфати дека сакаш да го правиш ова?
– Талентот се искажува на мала возраст, така и кај мене беше на 6-годишна возраст. Си знаев да цртам често, но некаде пред седум години, особено во време на короната, почнав да творам секојдневно. Уметноста го намалува стресот.
Ти користиш уникатни техники како кафе, вино, акрил, масло, туш и сув пастел – што те привлекува кај овие материјали и како ги комбинираш?
– Користам доста техники, секоја техника си има своја тежина, бара внимание и концентрација. На пример: кафето бара тонирање од најтемна до најсветла нијанса, распоредено во неколку чаши. Често употребувам и по некоја акрилна боја на некои ситници. Виното не се раствора толку колку кафето. Во две чаши кај него знам да употребам и мешавина со боја за да биде поизразено. Апстрактните дела бараат тонирање на боја, бои што се совпаѓаат. Кај нив нема дупликат, еднаш ја правиш и повеќе иста изведба нема. Портретите бараат техника и повеќевременска работа. Имам работено апстрактни и обични портрети. Најголема заинтересираност има за делата со кафе, апстрактните дела, портретите и коњите.

Како изгледа процесот на создавање едно дело, од идеја до финален резултат?
– Процесот на создавање е: идеја, инспирација и изработка. Секое дело зависи од изработката и временски. Исто така, битен е материјалот да има квалитет.
Делата се полни со емоции и надеж, од каде најчесто ја црпиш инспирацијата?
– Инспирацијата е околу нас, насекаде во секојдневниот живот, исто така и од интернет. Во секое дело треба да има емоции.

Кои теми најмногу ти лежат – апстрактни мотиви, портрети, или нешто друго?
– Најмногу ми лежат: апстрактните дела, делата со кафе, вино, карикатурите, портретите и коњите. Со секое ново дело стануваш сè поискусен.
Имаш повеќе од 200 дела, дел и продадени во странство – како се чувствуваш кога некое дело ќе најде свој дом?
– Непроценливо е кога некое дело ќе го најде својот дом. Кога знаеш дека нешто што си го творел, живее, постои и краси некој дом или установа.

Какво значење има за тебе учеството на ликовни колонии и членството во здружението „Драудакум”?
– Во ликовните колонии се среќаваш и твориш со уметници од тука и од надвор од нашата држава. Тука има дружење и човек се стекнува со повеќе знаење. Чест е да се биде дел од ликовното здружение „Драудакум“, Гостивар. Исто така, учествувам и во здружението „Радика“ во Дебар, каде што веќе вторпат учествувам на ликовната колонија.
Што е најголемата лекција што си ја научила во овие седум години творештво?
– Најголема лекција е дека човек треба да се придржува до тоа што го сака. За секоја работа треба љубов и труд, кои подоцна се наградени.

Кои се твоите планови за иднината – нови изложби тука и надвор од Македонија?
– Секако. Првата изложба сакав да биде во мојот роден град Гостивар, а подоцна планирам и во други градови, можеби и надвор од земјата, но тоа го оставаме за понатака. Исто така, спремам свое катче во кое наскоро ќе творам.