
Интервју со проф. д-р Соња Здравкова Џепароска за фестивалот „Креденце данс“: Имаме силно изразена визија што нѐ води
Третото издание на фестивалот „Креденце данс“ (Credence Dance) се одржа од 16 до 21 јуни со програма конципирана тематски со Вечери на класичен балет и Вечери на современ танц, а заврши со трибина за балетската уметност кај нас.
Препорачано
Фестивалот се одржува во организација на Факултетот за музичка уметност (ФМУ) – Скопје со поддршка од Министерството за култура и туризам и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Танцовите претстави се изведуваа на сцената во Националната опера и балет. Одговорна за реализацијата на фестивалот е проф. д-р Соња Здравкова Џепароска, продекан на ФМУ.
Третото издание на фестивалот „Креденце данс“ (Credence Dance) се одржа во проширен формат и со зголемен број меѓународни гости. На што се должи проширувањето на форматот?
– Проширувањето на форматот на фестивалот се должи на природната потреба за еволуирање и подвижност на самиот концепт. Зацртаната стратегија за континуирано збогатување на содржините низ годините резултираше со зголемен бројот на изведби аналогно фестивалски вечери. Билансот годинава е четири самостојни концертни програми.
Обемот на гости, исто така, покажува тренд на пораст, на сцената продефилираа над стотина учесници. Појдовната мошне амбициозна проекција за оваа година сметав дека може и нема да се реализира стопроцентно. Но, не само што резултатот е комплетна реализација, туку успеавме да направиме и фестивалска екстензија, односно дополнување на фестивалот со оф-програма. Уште од првото издание беа поставени високи критериуми, кои се трудиме, а сметам дека засега добро ни оди, постојано да ги унапредуваме и да ги издигнуваме.

Изведувачките вечери тематски беа поделени на класичен балет и современ танц. Од што е условена таквата стриктна поделба?
– Фестивалот, покрај името „Credence Dance“, ја носи и додавката „Вечери на класичен и современ танц“. Тоа е условено од програмите што од самото основање функционираат на катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а тоа се насоките за класичен балет, односно современ танц. Ова се рефлектираше и врз концептот на фестивалските програми.
На прашањето зошто вака ригидна поделба во однос на пласман на содржините би одговорила дека тоа е генерално условено од публиката, која има различен афинитет и вкус. На различните вечери среќавав пасионирани љубители на танцот кои беа присутни од почетокот до крајот на фестивалот, но видов и сосем различни профили на гледачи кои тематски ги следеа програмите. Ова ме радува и покажува дека допревме до широк круг љубители на танцовиот израз. Стриктната тематска поделба не е фиксно правило, но лично сметам дека е добро да се направи стилско-програмска дистинкција.
Што за домашните ученици и студенти по балетска уметност значи учеството на фестивалот?
– Во земјите со поразвиени едукативни системи интенција е дополнување на основниот корпус на активности, односно самата настава со воннаставен пласт. Актуелната деканска управа на Факултетот за музичка уметност при УКИМ дава силен импулс за воспоставување различен вид програми во овој сегмент. Со тенденција тие да немаат инцидентен туку континуиран карактер, односно востановена динамика.
Еден од форматите на овие активности се фестивалите. Покрај танцовиот, ФМУ организира и џез-фестивал. Студентите преку учеството на „Credence Dance“ добиваат можност за практична апликација на здобиените знаења и вештини. Освен тоа стекнуваат сценско искуство и им се отвораат можности да се реализираат во различни стилови и кореографски естетики на сцената. Мнозинството студенти оваа година учествуваа во повеќе од две програми и тоа го прават со особена радост.
Освен тоа, „мерење на силите“, односно валоризација на вредностите, се случува кога вие го имате другиот покрај себе, а не кога сте сами. Да не зборувам за споделување на сознанија, создавање на познанства и градење на пријателства помеѓу учесниците. Бенефитот не е само сценската презентација на сопствениот квалитет туку учество во целокупниот процес: репетиционо-педагошка дејност, организација, медиумско покривање, подготовка на промо материјал итн. Сето ова студентите го следат одблизу и самите често партиципираат. Овој сет искуства во професионалниот живот ќе им бидат од круцијална корист.

Годинава на фестивалот имаше голем број интернационални гости. Какви искуства беа споделени со нивните настапи?
– Фестивалите се платформи за презентација, афирмација, верификација и пласман. Основна премиса, поаѓајќи од иницијалната идеја на фестивалот, беше претставување на нашите студенти, но едновремено како услов го поставивме и интернационалниот карактер на фестивалот уште во првата година. Индикатор за статусот на фестивалот е бројот на партиципиенти и обемот на размена.
Годинава ѕвезди на првата вечер, покрај студентите од ФМУ и најмалите од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, беа претставниците на Пекиншката танцова академија од Кина, со која раководи едно од најзначајните имиња на светскиот балет, Владимир Малахов. Освен тоа, за првпат на ова издание имплементиравме една мошне продуктивна колаборативна практика каде што гостите креираат за и со нашите студенти. Така, оваа година го имавме Игор Киров, кој своето исклучително искуство го сподели со дел од студентите и алумните на ФМУ.
Гостинот од Филаделфија, САД, професорот Сеан Су за многу кус период создаде извонредна композиција за втората фестивалска вечер. Би го споменала младиот кореограф Франциско Руиз од Шпанија, кој даде свое танцово видување креирано со кадар продуциран од ФМУ. Креативна колаборација од еден поинаков вид се случи и на работилницата за кинески и македонски традиционални танци, каде што се создаде еден интеркултурен дијалог на нашите студенти, учениците на ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и гостите од Кина.

Што значи внесувањето на вечерите со минијатури во програмата на фестивалот?
– Растот на фестивалот резултираше не само со стилско туку и со формативно градирање. Категоријата минијатури подразбира камерен состав на изведувачи и носи исклучително побарувачка задача пред танчарите. Ова е поттик за нашите студенти да ги прикажат своите квалитети и преку оваа форма. Повторно во духот на фестивалот, вечерите беа стилски поделени. Современата вечер пласираше палета на изведбени формулации, каде што покрај македонските уметници имаше гости од Германија и Словенија.
Класичната вечер, освен изведбата на стандардизираните класични варијации и дуети, на сцената ја донесе обновата на „Велеградски варијации“ на Љубомир Бранѓолица, шеесет и шест години по премиерата. Ова дело беше креирано во февруари со потполно нова драматуршка подлошка и кореографско решение (освен еден оригинален дует) во комплетна продукција на ФМУ. Делото забележа завиден број изведби во Македонија и сметавме дека треба да се повтори пред скопската публика уште еднаш. Следува мини турнеја во септември низ градовите на Македонија и сме во преговори за настап во странство.

Во суштина, што значи самиот наслов „Креденце данс“ (Credence Dance) на фестивалот?
– Пред почетокот на првото издание се постави дилемата дали да одиме со еден стандардизиран, но стерилен наслов „Вечери на класичен и современ танц“ или и преку името да се создаде препознатлив маркер кој ќе биде уникатен. Насловот го предложи деканката Дарија Андовска и мислам дека го најде вистинскиот збор што го одразува профилот на фестивалот. Credence означува доверба, верба и вистински избор. Во изговорот на полниот наслов на фестивалот се слуша удвојување на зборот dance, односно танц и тоа има ефект врз реципиентите. Мошне лесно се памети, впечатлив е и веќе стана препознатлив. Споменувањето Credence Dance недвосмислено и директно се поврзува со ФМУ и катедрата за балетска педагогија.
Кои се досегашни добитници на Наградата за трајни вредности во танцовата уметност на фестивалот и со каква цел се доделува наградата?
– Наградите, како и фестивалите, треба да имаат концепт. Кај нас многу често се нема никаков критериум, идејна матрица, туку сѐ се случува ад хок и прилично стихијно. Наспроти ова стартувавме со идеја наградата експлицитно да биде означител за постигнувањата на македонската танцова сцена. Добитниците генерално оставиле особен траг во историјата на националната култура. Стручно жири составено од претставници на балетската едукација, професионалната сфера и балетската критика решаваат за добитникот секоја година земајќи предвид повеќе параметри.
Првата година добитник на наградата беше Тања Вујисиќ-Тодоровска, примабалерина, истакнат репетитор, автор на првата книга од областа на балетската репетиција кај нас и основач на катедрата за балетска педагогија. Минатата година добитник беше балерината, претставник на првата балетска генерација, потоа долгогодишен балетски критичар и автор на повеќе книги Емилија Џипунова.
Годинава наградата постхумно му беше доделена на Антон Баталаковски, танчер, прв раководител на Балетот на МНТ, посветен репетитор и педагог. Сите три имиња имаат исклучително значење и во различни периоди придонеле за моделирање и развој на професионалната сцена во различни сегменти.
Колку самиот фестивал придонесува во развојот на танцовата уметност кај нас?
– Не би сакала да звучам нескромно, но фестивалот сѐ повеќе станува значаен маркер на танцовата сцена кај нас. Неговиот формат е силно детерминиран, тој е ориентиран кон младите. Од друга страна, можам да констатирам дека фестивалот ексклузивно донесе танчари што досега македонската публика никогаш немала можност да ги види. Марко Мицов, танчар од светски калибар, Македонец што е производ на македонското образование, а е ѕвезда во САД, беше гостин на првото издание. Гостите од Полска, Германија, Унгарија, Кина, исто така, за првпат ги видовме во Македонија. Бојан Мицев млад успешен танчер и кореограф, алумни на ФМУ кој во моментов работи во Германија, публиката перманентно го следи на секое фестивалско издание.
И би истакнала уште една работа која може се чини небитна, но е од особено значење. „Credence Dance“ е еден од ретките фестивали што има слободен влез. Промовираме идеја и можност за отвореност. Буџетот не е репер во оваа смисла, ние имаме многу помал финансиски фонд споредбено, но имаме силно изразена визија која нѐ води. Нашата идеја е секој да може да присуствува, секој да може да ужива, односно секој заслужува да биде дел од публиката.

Какви заклучоци беа донесени на форумот што се одржа на последниот фестивалски ден?
– Последниот ден беше иницирана отворена дискусија за состојбите на танцовото образование на сите нивоа кај нас. Секој од партиципиентите ги презентираше сопствените стојалишта, но се обединивме околу ставот за популаризација на овој вид настава и афирмација на бенефитите што ги носи.
Повторно една мала споредба, западниот свет многу повеќе во своите силабуси го интегрира танцот моделиран преку програми што се целно артикулирани како поддршка за развој на одредени групи ученици, како канал за справување со агресивно однесување, како алатка за креативно изразување и меѓусебно разбирање на учениците. Освен тоа беа актуализирани низа проблеми за кои ќе се бараат системски решенија.
Какви би биле плановите за следното издание на фестивалот?
– Јас сум човек што не сака фиксирани матрици и петрифицирани содржини што не подложат на развој и промена, напротив креативноста е моја девиза во секој аспект на животот. Заедно со малубројната но исклучително посветена екипа, која го подготвува фестивалот, сме едногласни во однос на оваа позиција. Конкретни активности сѐ уште нема, планови во иницијална фаза – да.
Идната година е јубилеј на Факултетот за музичка уметност и секако ова ќе има влијание и на моделирање на содржините на фестивалот. Во оптек се повеќе опции, засега не би откривала за што се работи, бидејќи во фазата на подготовка на следното, четврто издание, некои од нив ќе бидат отфрлени, други зачувани како потенцијални решенија или, пак, комплетно материјализирани. Но, повторно ќе се потрудиме и сигурна сум дека ќе бидеме оригинални, иновативни и препознатливи.
Секако, сето ова не би било реално без поддршката која ја добиваме од Министерството за култура и туризам, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Националната опера и балет.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 287, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29.6.2025)