проф. д-р Намита Субиото, професорка на Филозофскиот факултет во Љубљана

Интервју со проф. д-р Намита Субиото: Со рациото македонскиот јазик го учев од граматиката, а со срцето – од белетристиката

Истакнатата македонистка и славистка, проф. д-р Намита Субиото, раководителка на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, негува длабоки и посветени релации со македонскиот јазик, а резултатите на нејзината работа се фантастични.

Заложбите на проф. д-р Намита Субиото за афирмација на македонскиот јазик, книжевност и култура во Словенија и, воопшто, на меѓународен план се огромни. Професорката Субиото, покрај големиот број истражувања и остварувањата во рамките на Филозофскиот факултет во Љубљана, каде што е раководителка на Катедрата за македонски јазик и литература, остварува голем придонес за афирмација на македонската книжевност и како книжевен преведувач.

Во последниве неколку години, во нејзин превод или под нејзина редакција и како резултат на нејзина иницијатива, во Словенија се случија повеќе значајни изданија од и за современи македонски автори, а изданието „Златен круг на времето“ со поезија од Ацо Шопов на македонски и во препев на словенечки јазик е најново во големата низа постигнувања.

Книгата „Златен круг на времето“ – избор од поезијата на Ацо Шопов имаше свои претставувања во Љубљана и во Скопје. Каде се роди идејата за ова исклучително издание?

– Главните промоции на книгата се случија на 21 и 23 септември во Љубљана (во Витешката дворана на „Крижанке“ и во Друштвото на словенечки писатели), на 21 октомври на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а имаше промоции и во други места во Словенија (Крањ, Марибор, Јесенице).

Идејата за двојазичната книга „Златен круг на времето – Zlati krog časa“ се роди во јануари 2023 година на третата Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на курсот за литература што одлично го водеше Иван Антоновски и што беше целосно посветен на запознавање со делото на Ацо Шопов и со исчитување, толкување и преведување на избраните песни. Меѓу учесниците од различни земји бевме и Маја Ковач, Соња Цекова Стојаноска и јас – македонистки и преведувачки од Словенија.

Промоција на книгата „Златен круг на времето“ во Љубљана / колаж

Што беше поводот и на кој начин е направен изборот на поезијата на Шопов претставен на словенечки и на македонски јазик во книгата?

– Третата Зимска школа, па и целата 2023 година, беше посветена на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов. Во 20 век неговата поезија беше ажурно проследена и од страна на словенечката културна јавност. Во тој период, Шопов е еден од најпреведуваните македонски литературни уметници на словенечки јазик, но од последните објави на неговата поезија на словенечки јазик помина скоро половина век, затоа се чинеше соодветно да го одбележиме неговиот висок јубилеј и во Словенија и да потсетиме на одличните препеви, чии автори се петмината поети: Богомил Фатур, Иван Минати, Цирил Злобец, Северин Шали и Јоже Шмит, и да ги претставиме и најновите препеви, остварени на третата Зимска школа.

Така настана база за репрезентативниот двојазичен избор со наслов „Златен круг на времето – Zlati krog časa“, во кој се вклучени песни од сите 12 збирки на Шопов според мој избор, а песните се распоредени во циклуси според сугестија на г-ѓа Јасмина Шопова, ќерката на Ацо Шопов. Мојата идеја при правењето на изборот беше во него да бидат застапени сите словенечки препејувачи на Шопов, затоа се вклучени и некои рани песни кои, на пример, не влегуваат во други избори на овој поет, и сакав да бидат претставени сите авторски збирки.

Какви истражувања беа направени за да се добие финалниот изглед на книгата?

– Првично истражување беше направено уште во 2003 година за прилогот „Поезијата на Ацо Шопов во Словенија“ со која учествував на XXX научна конференција на XXXVI Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, а за време на третата Зимска школа го ажурирав со некои интересни нови податоци до кои успевав да дојдам поради дигитализацијата на одредени списанија и весници, на пример, дека песната „Залажување“ од збирката „Слеј се со тишината“ е објавена и во списанието за деца „Цицибан“ (1963/64 г., бр. 9, стр. 235) со наслов „Uspavanka“ – приспивна песна, со прекрасна илустрација на Марленка Ступица, една од најплодните словенечки сликарки и илустраторки; дека според препевот и адаптацијата на песната „Партизанска пролет“, направени од поетот Цирил Злобец, прочуениот композитор на хорски песни Виктор Михелчич направил и композиција за машки хор; дека во 1977 година Богдан Погачник објавил прекрасно интервју во дневниот весник „Дело“ со болниот Шопов, кој тогаш се наоѓал во Клиничкиот центар во Љубљана, итн. Овие информации ги вклучив во поговорот на книгата.

Насловна корица на книгата „Златен круг на времето“

Колку учесници беа вклучени како соработници на проектот?

– На проектот најпрвин работевме Соња Цекова Стојаноска, Маја Ковач и јас како препејувачки, тие и како лекторки, а јас и како уредничка, а со своите скапоцени совети учествуваа и Јасмина Шопова и Иван Антоновски. Кога баравме издавач, се вклучи Илија Димитриевски од македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Крањ, кој беше и главниот координатор и реализатор на овој навистина голем потфат.

Со неговата помош се вклучи и ликовниот сегмент на книгата во кој соработуваа ликовниот уметник Боге Димовски и неговиот син Домен Димовски, кој беше уредник на ликовниот дел и графички дизајнер на целата книга. Академик Милчек Комељ напиша поговор за делото на Боге Димовски, а јас за Ацо Шопов. Издавач на книгата е Сојузот на сите македонски културни друштва во Словенија, а финансиската поддршка делумно беше од Јавниот фонд на културни дејности на Република Словенија и главно од донатори.

Во ликовниот сегмент на книгата се користени дела од академскиот сликар Боге Димовски. Како се случи поврзувањето на овие двајца исклучителни автори и каков избор направивте во однос на делата на Димовски?

– На една од изложбите по повод 50-годишнината на уметничкото творештво на Боге Димовски во салата на Македонскиот културен центар во Крањ, каде што обично доаѓам на традиционалната манифестација „Прешерново оро“, ме импресионираа изложените графики и помислив дека би било прекрасно да се вклучат во книгата за Шопов. Уметникот се согласи. Изборот на 87 дела од обемниот творечки опус го направи Домен Димовски и навистина умешно ги испреплете ликовните дела со песните.

Претставување на книгата на Филолошкиот факултет во Скопје – Весна Мојсова-Чепишевска, Намита Субиото и Владимир Мартиновски

Раководителка сте на Катедрата за македонски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Љубљана. Каков интерес за македонскиот јазик има во Словенија?

– Интересот за изучување македонски јазик, литература и култура на нашиот факултет не е масовен, но е постојан, со непрекината традиција од 1962 година, кога бил отворен лекторатот по македонски јазик што најпрвин го водеше Блаже Ристовски. Под водство на неговиот наследник, Драги Стефанија, кој беше и мој професор, лекторатот прераснува во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност во рамките на Одделот за словенски јазици и книжевности, денес Оддел за славистика. Тоа се случи пред 40 години, така што со активностите на Катедрата годинава ќе го одбележуваме овој јубилеј.

Македонскиот јазик, литература и култура на нашиот факултет се изучуваат на програмата Јужнословенски студии. Иако бројот на студенти не е голем, меѓу нив, речиси, секогаш има неколкумина што вредно работат токму во областа на македонистиката. Во последните дваесет години се одбранети 84 дипломски и магистерски трудови токму од оваа област, а три од нив добија „Прешернова награда“ за најдобри трудови на факултетот.

Неколку мои бивши студенти се покажаа и како одлични книжевни преведувачи, и токму оваа година престижната награда за млади книжевни преведувачи, што ја доделува Друштвото на словенечки книжевни преведувачи, ќе ја добие Маја Ковач за нејзиниот восхитувачки препев на целокупниот опус на Даница Ручигај.

Од кога датира Вашиот интерес за македонистиката?

– Мојот интерес започнува со моите студии на Филозофскиот факултет во Љубљана, во 1991/92 година се запишав на групите Хрватски, српски и македонски јазик со книжевности и Споредбена словенска лингвистика. Професорот Драги Стефанија, кој ги држеше сите македонистички предмети, ми ја отвори вратата кон богатството на македонската култура и магичноста на македонскиот збор. Другото го направија Блаже Конески, Ацо Шопов, Петре М. Андреевски итн. Со рациото македонскиот јазик го учев од граматиката, а со срцето – од белетристиката.

Со каков тип проекти се занимавате на Катедрата и од кого добивате поддршка за реализација на истите?

– На Катедрата се занимаваме со различни научни, педагошки и стручни проекти што најчесто се поддржани од факултетските фондови, Европската Унија и сл., а проектите што ги реализираме во соработка со македонските културни друштва се софинансирани од Јавниот фонд на културни дејности на Република Словенија.

Во овој период е во тек реновирање на курикулумот по словенечки јазик и книжевност во словенечките средни училишта, па со колегите од Одделот за славистика настојуваме во него да се вклучат и содржини од други словенски литератури. За таа цел ја објавивме монографијата „Slovanske književnosti v srednjih šolah“ (https://ebooks.uni-lj.si/ZalozbaUL/catalog/book/619) со предлози и иновативни идеи кои дела и на каков начин би можеле да се вклучат и да го збогатат курикулумот.

Имено, постојниот наставен план содржи само ретки книжевни дела од словенски автори, а од македонската литература ниту едно. За таа цел одржуваме и работилници за средношколци и многу се радувам кога ќе видам дека и таму постои интерес за добри текстови од македонската литература. Се надевам дека меѓу нив се, можеби, и некои идни студенти по македонски јазик и литература.

Соработувам, пред сѐ, со врвни познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, поети, писатели, всушност, со многу драги луѓе што ме инспирираат и ми даваат енергија за мојата работа

Со кого соработувате во однос на македонистиката во Македонија и колку често доаѓате тука?

– Соработувам со најважните македонистички институции: со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, со Институтот за македонска литература и со Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, соработувам, пред сѐ, со врвни познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, поети, писатели, всушност, со многу драги луѓе кои ме инспирираат и ми даваат енергија за мојата работа.

Можеме ли да спомнеме некој од следните проекти од областа на македонистиката на кои работите во овој период?

– Во моментов работам на неколку проекти, поврзани, пред сѐ, со нови преводи, планирани за 2025 година, но ќе спомнам само еден проект кој е во завршна фаза, а тоа е двојазична публикација со избрани песни од антологијата „Ново раѓање на зборот: антологија на најмладата македонска поезија“ („ПНВ Публикации“, 2024), чии приредувачи се Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Во проектот, софинансиран од Јавниот фонд за културни дејности на Република Словенија, учествуваат мои студенти како препејувачи и соуредници и ликовната секција на Македонското културно друштво „Македонија“ од Љубљана, кое ќе биде и издавач на публикацијата. Промоцијата е планирана на 6 декември во рамките на „Прешерново оро“ со поетесата Јулијана Величковска.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 257, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.11.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот