Фотографија: Сашо Димоски

Интервју со писателот и сликар Димитрие Дурацовски: Се воодушевувам кога ќе видам нешто што ми е блиско по дух

Сликите на Димитрие Дурацовски речиси четири децении не се претставени пред публика во јавен галериски простор, за изложбата „Ветар Параклет“ речиси и да нема повод, но има истенчено чувство на Националната галерија дека овој творец не смее да биде заборавен.

Ликовната изложба „Ветар Параклет“ со надреалистички дела од Димитрие Дурацовски од 1 до 21 септември е поставена во објектот Чифте амам при Националната галерија во Скопје. Делата на Дурацовски ги испитуваат таинствените простори на човековиот дух, додека во разговорот со него откриваме еден неверојатно искрен, интелектуално ангажиран и детски љубопитен поглед кон светот.

Многу години не сте имале самостојна ликовна изложба, а за оваа и не можеме да најдеме некаков конкретен повод. Како се појави идејата за изложбата во Чифте амам при Националната галерија?

– Немаше никаков повод. Моите дела беа потонати и изгубени во густи слоеви прашина и заборавени дома, во некогашното ателје, по собите горе на катот. Јас поим немав што сѐ има тука, бидејќи ретко се качувам горе. Ненадејно, минатата година ми се јави кустосот Горанчо Ѓоргиевски од Националната галерија со крајно чудна идеја. Ме праша дали би дал согласност тие да конкурираат во Министерството за култура за да подготват моја изложба за 2023 година. Јас не знам сега дали се думав што да одговорам, мислам дека му реков дека ми е сеедно, ене ги делата горе на катот во куќава собираат прашина, ако мисли дека треба нека ги земат и нека ги изложат.

Инаку приказната со кустосот Горанчо Ѓоргиевски е долга, тој уште кога беше многу млад доаѓаше овде во Струга и се интересираше за тоа што го работам, тогаш кога никој од струката ниту знаеше дека нешто правам ниту, пак, пројавуваа некаков интерес. Тогаш кога интензивно работев увид имаше ликовниот критичар Владимир Величковски, напиша текст за каталог за една моја изложба, овде беше поставена во Струга, мислам 1985 година, ако добро се сеќавам. Ме ставаше во неговите колективни изложби што ги организираше, Геометризмот во македонската ликовна уметност, Портретот во македонската ликовна уметност и уште некои. Интересно беше тогаш огласувањето на мојот пријател, ликовниот критичар Златко Теодосиевски, кој по повод некоја изложба на која и јас учествував, напиша за мене како за „…чудна и необична појава во македонското сликарство“. Тоа навистина ме воодушеви, бев многу задоволен од неговата констатација.

Но да се вратам на човекот кој ја подготви оваа изложба, кураторот Горанчо Ѓоргиевски. Морам да признам дека имам грижа на совест кон тој човек. Беше многу упорен во настојувањето да знае што правам на полето на ликовната уметност, доаѓаше често овде во Струга, се дружеше со тогашните членови на новиот бран во музиката. Струга беше многу напредна во тој поглед, се појавија „Падот на Византија“, „Тело-Наука Совршена“, за нивната обвивка на касетата им направив цртеж, знакот „Кадис“, кој се појавуваше во сите мои цртежи. Тоа е, всушност, знак на Леонид Шејка, но јас често го користев и сѐ нешто објаснував околу него. И тој тогашен Горанчо кај кого останало во сеќавањето дека јас имам нешто дома од слики и цртежи, ми предложи да направи изложба на моите дела во Скопје. И еве ја направи.

Можеби ќе беше посоодветно изложбата да се направеше во 2024 година, бидејќи тогаш е стогодишнината од појавата на надреализмот, а моите дела се многу блиски кон тој уметнички правец. Инаку беше многу анахроно, да не речам несовремено тогаш кога се појавив со моите дела, седумдесетите и осумдесетите, надреализмот се сметаше за нешто застарено, а некои мои дела имаа примеси на надреализмот.

Изложбата има карактер на ретроспектива, но што точно значи насловот „Ветар Параклет“?

– Навистина ова е навраќање кон нешто кое изминало, значи ретроспектива, но тоа е голем парадокс, тоа се случувало некогаш во минатото, но тоа сѐ уште трае, постојат траги од тоа што тогаш се случувало, низ сликите, цртежите, документите. Сега за насловот. Јас се запишав во Уметничко во 1970 година во Скопје, таму учевме да цртаме, сликаме, да размислуваме. Бев во класата на Родољуб Анастасов. Првата слика надвор од оние школските ја насликав во 1973 година и сум се фотографирал со неа. Од таа 1973 до 1987 година интензивно сликав и цртав, независно од тоа што никој не ме забележуваше.

На полето на ликовната уметност сѐ се случуваше во Скопје, кој гледаше дали некој нешто прави во провинција. Да го земеме примерот со Вангел Наумовски. Требаше да се појави Ото Бихаљи – Мерин од Белград за да го открие охриѓанецот како сликар. Тоа што јас го работев не беше воопшто компатибилно со тековните струења во тогашната ликовна уметност. Но мене тоа не ме допираше, јас си го работев она што сум го замислил.

Во таа моја работа големо влијание имаше езотеријата и ониризмот, окултното, фантастиката и надреализмот, посебно бев фасциниран од групата „Медиала“, која ме привлекуваше со својата мистичност и необичност, тоа нивно барање по интегрална слика. Еден вид уметност алхемија, барање на нешто, а да не знаеш што, учења поврзани со теологот Тејар Де Шарден и неговата „Точка Омега“, па обиди за толкување на Клајстовата точка, потонување во Борхесовиот магичен „Алеф“, „Кадис“ на Шејка, сето тоа беше барање на некаков центар, на некаква точка од која ќе може да се согледа саканата цел. А што беше тоа, всушност? Едноставно барање на Апсолутот. И тој со текот на работата си дојде кај тој што го бараше, можете да видите од содржината на самата изложба, од нејзиниот логичен редослед, од тоа како е составен каталогот, последователно од почетокот до крајот. Почеток со недефинирани предели, сомнабулни суштества, а крај – Света Троица. Тоа е тој происход на посакуваниот Апсолут кој постои кај Хегел, кого го насликав едно лето тогаш кога сликав, но му извршив деструкција со крст. Сликата тоа лето кога ја насликав ја купи философот Иван Џепароски. Тоа беше, дали свесно или несвесно една потрага по севкупност, по суштина.

И се појавува Параклет во форма на гулаб и на ветер кој оди покрај вас и ви помага. Тоа се вџасувачки чувства кои ме обземаат. Всушност, тоа е Светиот Дух утешител кој ги следи луѓето. Во Новиот Завет, Параклет или Светиот Дух е претставен понекогаш како гулаб кој се спушта, понекогаш како ветар кој што дува каде што сака. Јас, поимот го сретнав изворно прво во Новиот Завет кај Евангелистот Јован во глава 14, а потоа кај францускиот писател Турније, кој очевидно го користи, помеѓу другото, како метафора за уметничкото творештво. Ако тој ја нагласува врската помеѓу Параклет (Логосот, вдахновените, исцелителните или утешителните Зборови Божји) и физичкиот ветар, тоа е затоа што целата поента на уметност на психолошките и духовни импулси ѝ дава феноменолошка конкретност. Молам да се има во предвид дека го прифаќам ова толкување како да е мое.

Зошто воопшто престанавте со сликање, имајќи предвид дека изложените слики се датирани во периодот помеѓу 1973 и 1987 година?

– На тоа прашање најпрво треба да му одговорам на Димитрие, а сѐ уште го немам вистинскиот одговор. Не чудете се што го велам ова. Знаете дека нѐ има двајца, тој тогашниот и овој сегашниов.

Никогаш не успеав да ги разберам теориските постулати на постмодернизмот, туку само интуитивно ги чувствував / Фотографија: Сашо Димоски

Ликовната критика ве вбројува меѓу зачетниците на концептуалната уметност кај нас, додека во литературен аспект бевте дел од групата „Петтиот круг“. Постмодернистичкиот израз е карактеристика на двата уметнички изрази. Што ве одведе на патот на поинакво обмислување на стварноста и со кого другарувавте во „Петтиот круг“?

– Тогаш кога интензивно работев никој од критичарите не ја следеше мојата работа. Дури подоцна, години откако престанав со сликарството, заслужна за моето излегување во јавноста беше Соња Абаџиева, која ме стави во нејзината прочуена публикација, таканаречената цигла, „ИдејаТека“, во која ги презентираше моите дела „Борхес и јас“ од 1982 година и триптихот посветен на Казимир Малевич, Марсел Дишан и Хетман Нич од 1987 со наслов „Malevich – Nigredo – Albedo“, „Duchamp – Androgin“ и „Nitsch – Putrefactio“, моите последни слики, како дела кои кореспондираат со таканаречената концептуална уметност.

Таа појава, концептуалната уметност кај нас дојде некаде во осумдесетите години на минатиот век, но јас со тоа се занимавав уште во седумдесетите години, што може да се види од делата-концепти изложени во поставката. Имав увид што се работи во тогашна Југославија, а бев и во контакт со многу концептуалисти од Нови Сад, Суботица, Лучани. Тамошната концептуална сцена беше многу развиена.

Tриптих посветен на Казимир Малевич, Марсел Дишан и Хетман Нич од 1987 година

Инаку, додека сликав јас и пишував разни концепти и идеи, но се случи да насликам една слика со наслов „Мебиусова лента“, а подоцна и да го напишам мојот прв расказ „Мебиусова лента“, кој доби награда на конкурсот за расказ на „Нова Македонија“. Бидејќи секојдневно пишував дневнички записи, тука имаше многу книжевен материјал, па некои пријатели ми сугерираа да го објавам тој материјал во книга. Така, во 1986 година излезе книгата „Тајна историја“, која иако беше литература имаше многу врска со ликовната уметност. Во истата едиција излегоа и книгата на Јадранка Владова, „Скарбо во мојот двор“ и книгата ликовни есеи на Владимир Величковски. Блискоста во размислувањата нѐ спои со одредени автори во она што се нарекуваше „Петтиот круг“, а тука припаѓаа уште Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Јордан Даниловски, Вангел Божиновски, Христо Петрески, Јадранка Владова, јас, можеби имаше уште некој на кого не можам да се сетам.

Имавме голема поддршка од професорот Милан Ѓурчинов. Инаку, книгите од овие автори беа нешто сосем подруго од она што се пишуваше тогаш, а од некои теоретичари беа сместени во постмодернизмот кој токму тогаш беше во подем. Никогаш не успеав да ги разберам теориските постулати на постмодернизмот, туку само интуитивно ги чувствував. Но, мора да се признае дека текстовите на Прокопиев, Владова, моите и на некои други беа нешто ново во македонската литературна пракса. Поволна околност за таканаречениот „Петти круг“ беше и тоа што во своите редови ја имаше извонредната теоретичарка на литературата, Елизабета Шелева.

Слика „Мебиусова лента“, 1981, масло на платно

И во сликарството и во книжевноста користите цитати од врвни светски уметници, мислители и филозофи. Колку е важно за секој што се занимава со уметничка дејност да има широки познавања на уметноста, воопшто?

– Целиот мој живот го поминав на едно место, овде во Струга, освен оние пет години кога бев во Скопје 1970-1975. Дали воопшто нешто создавав? Во секој случај живеев опкружен со уметност, со естетски феномени или тоа беше само нешто што сум го забележувал, а за останатото сум бил слеп. Политиката, историјата, нејзината моќ (нејзината најприземна манифестација) никогаш не ме интересираше и тоа некако ме заобиколуваше. Може да се каже дека имав поважна работа во животот, иако многумина го мислат спротивното. Ним уметноста не им е нималку важна.

Бидејќи сум интровертен тоа и ми прилега, ако не сакаш да патуваш, ти останува да слушаш музика, да црташ, да читаш и да пишуваш. Во некоја смисла ја остварив фундаменталната модернистичка идеја дека животот е еднакво на уметност. Бев љубопитен цел живот, голтав книги во енормни количини, куќата сега ми е магацин преполн со книги, секојдневно гледав филмови, слушав музика, го правев тоа што го сакав. Јас не само што во моите книги цитирав делови од разни автори, туку и без око да ми трепне присвојував туѓи текстови, па добога не пишувам стручна литература, сепак ова што го пишувам се еден вид измислици и фантазии, иако најчесто се работи за реален живот. Она што сметав дека треба да се земе од друг автор го земав, цитирав но не ми е одбивна помислата дека некои други автори тоа не го прават. Едноставно чувствуваат дека си се доволни со самите себе.

Често во јавноста се произнесувате со лични импресии за дела од вам блиски по израз творци. Како во себе ја чувствувате радоста од новопрочитано квалитетно дело од друг автор?

– Се воодушевувам кога ќе видам нешто што ми е блиско по дух. Кога ќе прочитам некоја книга која ќе ми се допадне многу се радувам, како на своја книга и си мислам па како можел авторот толку добро да ја напише книгата и помалку му љубоморам, но тоа е, сепак, човечки. Најголемо задоволство ми е прочитана одлична книга и тогаш велам дека за да се напише добра книга мора да се случи ЧУДО.

Во некоја смисла ја остварив фундаменталната модернистичка идеја дека животот е еднакво на уметност / Фотографија: Сашо Димоски

Квалитетот на Вашето книжевно творештво е препознаен и награден со низа значајни награди. Го носите ли чувството на самооствареност?

– Ќе ви одговорам со насловот од едно мое дамнешно интервју дадено за покојниот весник „Коза Ностра“, а насловот беше: „Ја погодив целта, но промашив сѐ друго“. И ова, веројатно, е цитат преземен од некого. Се сеќавам кога бев во Скопје во Уметничко, деца ко деца, си кажуваа кој што ќе биде, каков голем уметник ќе стане, па Париз, Рим, Монмартр, ваму-таму. Кога ќе ме прашаа мене јас одговарав дека сакам да си бидам дома, да си потцртувам, да си потпишувам и да си седам во дворот кога ќе е убаво времето. Светлините на велеградите, им велев на моите соученици, ви ги оставам вам.

Мислев тогаш дека ќе се занимавам со сликарство целиот свој живот, но на некој чуден и необјаснив начин во мене преовладеа литературата, напишав неколку книги, струката ги препозна како нешто добро, скромно се надевам дека некому сум му предизвикал читачко ЧУДО, но тоа се по малку херметички прози кои потешко допираат до пошироката читателска публика. Некој ќе рече – малку е. Но, што значи тоа малку или многу? Бруно Шулц напиша две книги, сосем доволно да биде препознаен како гениј. Тоа се апории, кој знае што е добро а што не е. Главно сум задоволен од сработеното, односно од оствареното. Тоа и не зависи од нас, туку од Оној кој ни ја дал дарбата.

Родум сте во Струга и целиот професионален и творечки животен пат го минувате во родниот град, често објавувајќи и текстови во кои го користите струшкиот дијалект. Што Ве задржа на родната почва?

– Ме задржа ова небо над Струга и неговата париско сина боја која се појавува кога ќе зајде сонцето над сртовите таму кај западните планини, токму кога паѓа самрак и која за цело време додека сликав се обидував да ја ставам во моите слики. Заради таа боја на небото останав во Струга.

Во творештвото се движите во областа на фантастиката, ониричноста, имагинацијата. Имате ли неостварени желби во реалниот живот?

– Имам. И тоа токму таква, фантастична и онирична. Јас, кој никаде не патувам сакам на некој мистичен и волшебен начин да се најдам на некој Полинезиски остров и од таму да го видам соѕвездието Јужен крст на небото над јужните мориња, бидејќи од нашава северна хемисфера никогаш во нашиот живот нема да го видиме.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 194, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3.9.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот