Оливера Ќорвезироска, писателка / Фотографија: Кристијан Христов

Интервју со Оливера Ќорвезироска за романот „Три Марии“: Ме интересираат длабоките емотивни врски помеѓу мажите и жените

Најновиот роман на писателката Оливера Ќорвезироска со наслов „Три Марии“ го привлече вниманието на повеќе генерации читатели, кои беа сведоци на една магична промоција во „Литература.мк“.

Промоцијата на романот „Три Марии“ од писателката Оливера Ќорвезироска се одржа на 2 април во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје. Книгата е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Промоторка на книгата беше Илина Јакимовска, а извадоци прочитаа актерките Катерина Коцевска (во улогата на Марија Пребирлиева), Биљана Драгиќевиќ-Пројковска (како Марија Зара) и Симона Димковска (како Марија Деспотовска-Солев).

„Три Марии“ е трет роман за возрасни на Ќорвезироска, по „Заклученото тело на Лу“ и „Аб’т“. Магичниот реализам од некои претходни дела на Ќорвезироска во новиот роман се прелева во „роман-басма“ со повеќе загатки, кои се обидовме да ги разрешиме низ разговор со авторката.

Деновиве беше промовиран Вашиот нов роман „Три Марии“. Ако со претходниот роман „Аб’т“ се навраќавте во своето детство, во кој правец се движи нарацијата во новиот роман?

– „Три Марии“ е роман за сега и за овде, во Скопје. Повеќе го гледам како роман за љубовта, отколку како љубовен роман, иако ни второто не го сметам за погрешно. Во сиот хаос во кој живееме, во сета претенциозност и пренаклоност кон крупни, „модерни“ теми, тези и агенди, можеби си должиме себеси да прочитаме, да напишеме едноставен, класичен љубовен роман. Или – роман за љубовта.

Она што мене овој пат ме интересираше е дали судбините и изборите на нашите предци се наследни; дали љубовта продолжува да боли и кога ќе ја снема, како што продолжува да боли раката и по нејзиното ампутирање, што е медицински докажано. „Три Марии“ е роман за престапите, за обидите да се почне одново, предоцна или прерано, зашто новите почетоци не знаат за навременост; роман за асиметричните релации и за шашливите (разроки, зрикави, ѕиљави…) љубови. Овде, во нашиот град, по нашите улици, сокаци и свиоци.

„Три Марии“ не го доживувам како женски роман, иако е за три жени. Во него многу повеќе ме интересираат длабоките емотивни врски помеѓу мажите и жените, отколку кој од нив е „главен“ во заедниците, кој колку мие, пере, чисти,… а кој шета и не работи ништо дома… Здодевни ми се тие надмудрувања и постојаното вовлекување на жените во шинелот на жртва. Се обидов да раскажам животи на три жени, без воопшто да ги спомнам нивните професии.

Во старовремските херц-романи (јас својот книжевен живот го започнав со љубовни романчиња од трафика, едицијата „Сви писци света“, и воопшто ниту се срамам, ниту го кријам тоа), како и во постарите турски и мексикански серии, „љубовта“ им е единствената професија на ликовите. Сакав и тој аспект да го засегнам, да го симулирам во романот. Сите можеме да бидеме ова или она, ама сите живееме ОД и ЗА љубовта. Моите три Марии, и Марија Пребирлиева, и Марија Зара, и Марија Деспотовска-Солев, ги вајаат своите животи исклучиво од тешко обработливата и леплива глина на љубовта.

Пет исклучителни жени учествуваа во промоцијата на романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска / Фотографија: Кристијан Христов

Главните ликови во трите самостојни приказни се три различни жени со име Марија, кои сакаат да ги напуштат моментните животи. Зошто се одлучивте за оваа структура и што ги поврзува приказните?

– Романот има три дела со три самостојни приказни за три жени на различна возраст кои се викаат исто – Марија. Сите три имаат и сосем различни проблеми, но посегнуваат по исто решение – да го напуштат домот. Ги раскажав во три различни лица, сакајќи да му доловам на читателот „поглед“ од различна позиција: однадвор (трето лице, сезнаен раскажувач), однатре (прво лице, јас-раскажување) и одблизу (второ лице, апострофно раскажување). Она што ги поврзува приказните во романескна структура е еден стан што се издава и што сите три Марии сакаат да го изнајмат, барајќи спас во него. Но спас од… љубов нема…

Насловот на Вашиот роман асоцира на „Две Марии“ од Славко Јаневски. Со каква намера се одлучивте за насловот „Три Марии“?

– Првичната асоцијација на насловот „Три Марии“ бездруго е романот на Славко Јаневски од 1956 година – „Две Марии“ и секако тоа не е случајно. Во контекст на целата идеја за наследност на судбините и изборите на предците, ми беше природно да ја засегнам и наследноста на книжевните писма на претходниците во контекст на националната книжевност. Отсекогаш ме интересирал континуитетот во развојот на книжевноста, генерациските врски, надоврзувањето или „изненадувањето/изневерувањето“ на оние што пишувале пред нас. Ниедна книжевна генерација не почнува од почеток, дури и тогаш кога така ѝ се чини и кога самата е убедена во тоа. Сè е резултат на длабоки, помалку или повеќе видливи нешта.

„Три Марии“ е еден вид омаж на Славко Јаневски, неговите две Марии кај мене стануваат три, еден од главните машки ликови во мојот роман се вика Славко, на полицата во станот што романескно ги обединува трите приказни има десетина примероци токму од романот „Две Марии“… Не станува збор за никаков римејк на романот на Јаневски, во содржинска смисла „Две Марии“ и „Три Марии“ немаат ништо заедничко, туку за омаж-славење, чествување на големиот македонски автор со спомнување, асоцирање, допирање и потпирање на неговите препознатливи дела. Целиот концепт го заокружив со детаљ од сликата „Бош“ на Славко Јаневски, кој Марко Трпески одлично го вклопи во дизајнот на корицата.

Детаљ од сликата „Бош“ на Славко Јаневски графичкиот дизајнер Марко Трпески го вклопи во дизајнот на корицата

Интригира и поднасловот „роман-басма“. Со каква плетка е скроена содржината на романот?

– Зборот басма е хомоним. Значи и шарена, памучна ткаенина; и кратка говорна форма, „текст“ на бајачките, она што се шепоти, а не смее да се чуе при баењето. Басмата е најархаичен вид народна медицина што се темели на верувањето дека тајни зборови можат да излекуваат и душевни и физички болести. Поднасловот „роман-басма“ се однесува на второто значење на хомонимот басма.

„Три Марии“ не е текстилен роман од шарена, памучна ткаенина, иако најверојатно веднаш се помислува на тоа, особено со оглед на моите претходни книги („Сплетени раскази“, „Сошиени раскази“…) и „рачноработниот“ поетички интерес. „Три Марии“ е роман со „текст“ што се шепоти, а не смее да се чуе,… роман со тајни зборови кои можат да излекуваат и душевни и физички болести. Бајачката овој пат сум јас, и басмата што вообичаено се предава од колено на колено, најчесто на одбран член од семејството, преку романот му ја предавам на секој читател одделно, скришно и со шепот. Тоа е заговорот на поднасловот.

Ако со некои Ваши претходни дела знаевте да влезете во магичен реализам, каква реалност Ви беше пред очи при пишувањето на овој роман?

– Да, мојот претходен роман – „Аб’т“ е магично реалистичен роман за седумдесеттите години од минатиот век во внатрешноста на Македонија. Всушност, роман за моето можно детство тоа време во Куманово. Првиот роман за возрасни „Заклученото тело на Лу“ е фикциска биографија, псевдоисториски роман. Овој пат сакав да пишувам за нешто друго и, што е особено важно, во некој друг манир, сакав да се обидам да пишувам поинаку, ако тоа воопшто е можно за возрасен, оформен писател.

При пишувањето на „Три Марии“ сфатив дека не е можно да пишувам со туѓа рака и почнав да ја слушам својата, повлекувајќи извесни, за мене добро познати нишки. Така едната од Мариите ја направив внука на еден лик од „Аб’т“, па само тоа ми стана малку и решив на внуката Марија Зара да ѝ го исечам палецот за атер на баба ѝ Алинка на која во „Аб’т“ ѝ ја исеков дланката. Сакав овие нишки да не бидат наметливи, кој го знае мојот претходен роман, да ги препознае, кој не – да си продолжи понатаму.

При пишувањето на „Три Марии“ сфатив дека не е можно да пишувам со туѓа рака / Фотографија: Кристијан Христов

Постмодернистичките нишки од „Заклученото тело на Лу“ малку ги повлеков со Фјодор Федчешин (1960-1988), кој е реална личност, босански писател, мој пријател, кого што речиси сосила го претворив во книжевен лик. Неговите книги „Собрано дело“ и „Срдечен болен“ се реални книги кои вистински постојат, а мојот лик Марија Зара, всушност го позајмува името од еден негов расказ…

Ова декодирање веројатно е непотребно за читателите, но проследувачите на моето творештво бездруго ќе го препознаат. Како и фактот дека уште во мојата збирка „(С)плетени раскази“ од пред дваесетина години се занимавам со една Марија – Марија Мислева, која е можеби некаков зачеток, антиципација на сегашниве три Марии…

Генерално, сакам фрлени гравчиња од една во друга книга. Никогаш не знаеме кому ќе му биде потребна трагата што ја оставаме зад нас, на очекувани или на сосем неочекувани места…

Кој беше првиот читател на Вашиот нов роман и какви забелешки Ви упати?

– Со години ја имав честа моите книги во ракопис да ги чита Оливера Николова. Го прочита и романот „Три Марии“ и, како и секогаш, детално и прецизно го искоментира. Имаше една забелешка околу должината на третиот дел, ја уважив, се разбира, го коригирав и го доразвив тој дел. Романот веќе го прочитаа и повеќемина мои пријатели-книжевници, но и луѓе од сосем други професии. Нивните реакции се различни, интересни и мошне значајни за мене. Ми посочија аспекти на кои не сум ни помислила при пишувањето.

Промоцијата се одржа на 2 април во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ / Фотографија: Кристијан Христов

Како уредник во „Арс Ламина публикации“ и Вие имате можност да читате нечии други дела. Со каква диоптрија ги читате своите, а со каква туѓите дела?

– Понекогаш мислам дека не е добро писател да работи како уредник; понекогаш, пак, мислам дека тоа е одлично. Уредничката работа е постојано соочување со туѓи писма и тоа колку што ја затапува, веројатно толку и ја остри раката. Не знам, сум работела и во друга дејност, оддалечена од книжевноста, но не сум пишувала ниту помалку ниту повеќе отколку кога сум работела (и работам) како уредник. Тоа се длабоко лични прашања и индивидуални одлуки и мислам дека нема некое стриктно, универзално правило. Она што го знам со сигурност е дека не постои пишување без многу читање.

Кога во некоја радикална ситуација би морала да бирам дали да работам нешто друго и да пишувам многу повеќе или да работам во издаваштво и да не пишувам воопшто, веројатно би го одбрала второто, зашто само во оваа дејност се чувствувам дома.

Што се однесува до диоптријата, се надевам дека и своите и туѓите дела ги читам со прогресивна, мултифокална диоптрија која содржи и плус и минус и на која може да се смета во секакви (книжевни) ситуации, за да се видат нештата точно такви какви што навистина се.

Честопати со Вашето критичко око забележувате детали што на обичен читател тешко му влегуваат во фокус. Каква вештина и умешност се точното и прецизно читање на книжевните текстови, воопшто?

– Мислам дека тоа правопропорционално зависи од читањето. Колку повеќе се чита, толку повеќе се забележува. Читањето самото по себе подразбира споредба на прочитаните нешта, ама и подготовка за нештата што допрва ќе се читаат, или дури и допрва ќе се пишуваат. Клучот на книжевноста го поседува читањето. Тоа ги отклучува зборовите, додека пишувањето потоа само привремено ги населува и ги раселува во јазикот.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 275, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот