
Интервју со Никола Кимовски за 80-годишниот јубилеј на МНТ: Багаж што се пренесува на секоја нова генерација
Приказната што театарските основоположници пред 80 години ја почнаа со голема љубов, труд и возбуда, денешните генерации во МНТ ја пренесуваат и ја доградуваат со достоинство во негувањето на културната и на националната историја.
Препорачано
Одбележувањето на својот роденден МНТ го поврзува со изведбата на првата претстава „Платон Кречет“ од Александар Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески на 3 април 1945 година. Со повеќе од 420 премиерни изведби, МНТ е столб на театарската уметност кај нас.
За творечкиот багаж, одбележувањето на јубилејот и активностите на МНТ разговаравме со Никола Кимовски, генерален директор на НУ Македонски народен театар.
Оваа година МНТ бележи 80 години континуиран раст и развој. Каков уметнички и творечки багаж носи 80-годишниот јубилеј?
– Македонскиот народен театар е национална професионална театарска институција, со богата историја, со над 420 премиерни изведби и огромен број луѓе – на сцената и надвор од неа. Дел од МНТ се основоположниците на современиот театар во земјата. А, денес работи со веќе постојниот уметнички ансамбл, со тенденција за збогатување со млада актерска сила. Има свој постојан развој: модернизација, постмодернизација, иновации и експерименти. Постојано црпи и вградува искуства од најрелевантните, најистакнатите и најавангардните достигнувања во светскиот театар.
Покрај актуелниот и сега пензиониран ансамбл на сцената на МНТ во минатото играле и врвните Петре Прличко, Тодор Николовски, Илија Милчин, Илија Џувалековски, Димче Трајковски, Трајко Чоревски, Тодор Николовски, Мери Бошкова, Чедо Христов, Анче Џамбазова, Драги Крстевски – Амфи, Димитар Костов, Кирил Ќортошев, Вера Вучкова – Жежељ, Крум Стојанов, Димитар Гешовски, Ристо Шишков, Тодорка Кондова – Зафировска, Добрила Пуцкова, Милица Стојанова, Љупка Џундева, Добрила Чабриќ Ивановска, Ѓорѓи Колозов, Драги Костовски, Душко Костовски, Кирил Ристоски, Владимир Светиев, Катина Иванова, Љупчо Петрушевски, Вукосава Донева, Славко Нинов, Вукан Диневски, Катерина Крстева, Веска Вртева, Ацо Јовановски, Јоана Поповска, Гоце Влахов, Ненад Стојановски, Мими Таневска, Братислав Димитров и многу други.
Дел од МНТ (како вработени и соработници) се не само најзначајните актери во земјата, но и најважните сликари, дизајнери, режисери, писатели, лектори, композитори, кореографи и универзитетски професори. Тоа се уметниците, сценографи и костимографи, како Томо Владимирски, Василије Поповиќ – Цицо, Бранко Костовски, Владимир Георгиевски, Глигор Чемерски, Димитар Кондовски, Крсте С. Џидров, Валентин Светозарев, Рада Петрова Малкиќ, Елена Дончева, Розе Трајческа – Ристовска, Александар Ношпал, Никола Ефтимов…
Потоа режисерите Димитар Ќостаров, Бранко Ставрев, Димитрие Османли, Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Слободан Унковски, Сашо Миленковски, Александар Поповски, Златко Славенски, Зоја Бузалковска, Дејан Пројковски, Срѓан Јаниќијевиќ, Синиша Евтимов, Наташа Поплавска, Бојан Трифуновски, Нела Витошевиќ, Нина Николиќ, Паоло Маџели, Галин Стоев, Андриј Жолдак, Александар Морфов…
Се поставуваат дела од сите најпознати светски автори и автори од некогашна Југославија, со посебен акцент на македонските автори: Војдан Поп Георгиев Чернодрински, Васил Иљоски, Антон Панов, Ристо Крле, Коле Чашуле, Живко Чинго, Томе Арсовски, Горан Стефановски, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски, Јордан Плевнеш, Сашко Насев, Венко Андоновски…
Се негуваат сите театролошки и театарски начини на поставување на драмите, се развива точно проценета и прецизно осмислена организација, се креира театарска сцена што е жива визуелна слика. Едноставно, се создава комплетно уметничко дело во кое докрај се искористени изразните можности на сцената, театарската и севкупната сценска уметност. Сето ова носи театарски багаж што се пренесува на секоја нова генерација, која носи свое бреме и има за задача да остави свој печат.

Јубилејниот роденден требаше да биде одбележан со мултимедијален театарски спектакл, но трагедијата во Кочани остави длабоки траги во општеството. Со каква програма ќе го одбележите роденденот и што ќе се случи со планираниот спектакл?
– Страшно и трогателно е она што ни се случи. Вратите за публиката беа затворени, но во деновите на жалост – вратите на апартманите и на гримиорните во театарот беа широко отворени за сите семејства на хоспитализираните лица што беа повредени. Солидарноста и општествената одговорност не запре тука. МНТ тивко се вклучи во кампањата „Јавните личности на браникот на хуманоста“. Се случи крводарителска акција на 19 март, во која учествуваа актерите, вработените од сите сектори, како и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во знак на почит кон жртвите и нивните семејства, спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето! Made in MNT“ во режија на Дејан Пројковски, кој требаше да се одржи на 3 април 2025 година, се одложува за наесен. На негово место ќе се одржи маратон: во 10 и во 12 часот ќе се одигра детската претстава „Распеана турлитава“. Потоа од 18 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21:30 часот. Два дена потоа, на 5 април, во 20 часот, на малата сцена публиката ќе ја гледа и „Поетроника“ на Оливер Митковски и Андреја Салпе. Вратите за публиката ќе бидат отворени, односно билетите ќе бидат достапни гратис.
Слободно можам да кажам дека и најновата информација што ја добивме – учеството на 70. „Стериино позорје“ во Нови Сад, во натпреварувачката програма, дојде како дел од одбележувањето на нашиот јубилеј. Претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, а во адаптација и режија на Егон Савин и со врвна актерска екипа, е одбрана да биде дел од овогодишното позорје, кое ќе се одржи од 26 мај до 3 јуни 2025 година. Од посебно значење е дека МНТ по 22 години повторно учествува на овој реномиран фестивал на Балканот и пошироко.

Каков е годишниот план за работа на МНТ и како ги распоредивте средствата добиени од Министерството за култура и туризам?
– Македонски народен театар работи според донесената програма и одобрените средства од Министерството за култура и туризам, а годишната програма е објавена на веб-страницата на МНТ. За драмска дејност се добиени 6.300.000 денари за реализација на шест проекти: „Народен пратеник“ (Бранислав Нушиќ, режија Егон Савин), „Сонцето, колку е блиску сонцето“ (претстава за јубилејот на МНТ), „Варвари“ (Максим Горки, режија: Владимир Милчин), „Три сестри“ (Антон П. Чехов, режија: Нела Витошевиќ), „Земјата на заборавените сказни“ (Биљана Црвенковска, режија: Срѓан Јаниќијевиќ) и активирање на летната сцена „Славиша Кајевски“.
Во рамките на издавачката дејност, за „Монографија 80 години драма 1945-2025“ се одобрени 350.000 денари. За меѓународна соработка се предвидени 1.100.000 денари за турнејата на претставите „12“ и „Народен пратеник“ во Црна Гора и во Босна и Херцеговина. За европски интеграции се одобрени 340.530 денари за учество на двајца претставници на МНТ на Конференцијата на Европската театарска конвенција во Атина (3-7 април 2025) и за котизација во ЕТЦ. За одржување на објектите и опремата се одобрени 1.139.000 денари за поправка и сервисирање на сценската технологија и топлинските пумпи, додека другите трошоци ќе се финансираат од сопствени средства.
Кои претстави во овој период се подготвуваат на сцените во МНТ?
– Во МНТ играат претставите од тековната репертоарска програма, кои продолжуваат да привлекуваат голем број публика. Претставите „Бесачи“, „Ничија земја“, „Сите сме птици“ и „Силјан штркот шанца“, кои не се играа подолг временски период, правиме обид да ги реактуелизираме.
Продолжуваме со реализирање на новите претстави. Станува збор за претставата „Варвари“ во режија на Владимир Милчин, „Три сестри“ според драмата на А. П. Чехов, а по текст на Ана Ристоска Трпеноска, и детската претстава „Земја на заборавените сказни“ во режија на Срѓан Јаниќијевиќ. МНТ подготвува и претстава која е од сопствени средства – „Жива досада“, авторски проект на актерките Билјана Јовановска, Изабела Јакимова и Нина Деан.
Она што сакам да го истакнам е дека сите овие креативци, како Дејан Пројковски, Нела Витошевиќ, Срѓан Јаниќијевиќ, Билјана Јовановска и Нина Деан се вработени во МНТ. До крајот на годината треба да излезе и монографијата „80 години Македонски народен театар“.
Силен акцент ставивте на меѓународните активности со гостувања на сцената во МНТ и гостувања на МНТ во регионот. Какво значење имаат соработките со театрите во регионот?
– Меѓународната соработка со театрите од регионот е еден од клучните приоритети на Македонскиот народен театар, овозможувајќи културна размена, афирмација на македонската театарска сцена и проширување на досегот на нашите продукции кон поширока публика. Во 2025 година, МНТ ја интензивира својата турнеја со претставите „Народен пратеник“ во режија на Егон Савин и „12“ во режија на Синиша Евтимов. Првиот блок гостувања ќе се реализира во април, со настапи во Црногорското народно позориште во Подгорица на 8 и 9 април, како и во Сараево на 11 и 12 април.
Во септември ќе се реализира гостување со претставата „Ничија земја“ во Националниот театар во Будимпешта, а во есен 2025 година, претставата „Народен пратеник“ ќе биде изведена во театарот „Иван Вазов“ во Бугарија. Овие гостувања ја промовираат македонската култура и отвораат можности за нови соработки, размена на автори, режисери и актери, како и создавање нови продукциски модели во согласност со современите европски театарски трендови.
Кон средината на мај, Народно позориште Сараево ќе гостува во МНТ со претставите „Сараевскиот трговец“ од Игор Штикс во режија на Мичал Дочекал на 21 мај и „Селска опера“ од Д. Бенедек-П. Бела во режија на Андраш Урбан на 22 мај. Во МНТ ќе гостува и Словенско народно гледалишче Љубљана со претставата „Докторот“ по текст на Роберт Ајке во режија на Мартин Кушеј, а точниот датум ќе биде договорен меѓу двата театри.

МНТ го обнови членството во Европската театарска конвенција (ETC). За каква мрежа станува збор и какви активности ќе имате во тој правец?
– Со обновувањето на членството во Европската театарска конвенција (ETC), МНТ повторно станува дел од водечката европска мрежа на јавно финансирани театри. ETC обединува 63 театри од 31 земја и има за цел да ја поддржи современата драма, да ја олесни уметничката размена и да ја поттикне културната разновидност во европскиот театарски пејзаж.
Членството во ETC му овозможува на МНТ активно учество во различни европски проекти, мрежни активности и иницијативи кои промовираат интернационална соработка. Преку оваа платформа, МНТ ќе има можност да соработува со водечки европски театри во создавање копродукции, учествува во размена на уметници, драматурзи и режисери, да биде дел од меѓународни обуки, програми за професионален развој и резиденцијални програми и да претставува македонски автори и уметници пред поширока европска публика.
Еден од најзначајните претстојни настани каде што ќе учествува МНТ е Меѓународната театарска конференција на ETC, насловена „Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive“, која ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција, Атина. Овој настан ќе вклучи: панел-дискусии и говори од истакнати театарски професионалци, работилници за нови театарски трендови и иновации. Оваа конференција претставува само еден дел од пошироката визија на МНТ за продлабочување на европската соработка. Во текот на годината, нашиот театар ќе продолжи да истражува можности за учество во заеднички проекти, нови креативни размени и иницијативи.
Досега потпишавте повеќе меморандуми за соработка со домашни институции. Со каква цел и со кого потпишавте меморандуми?
– Македонскиот народен театар активно ја проширува соработката со домашни и меѓународни институции преку меморандуми, со цел зајакнување на културните врски, размена на знаење и развој на заеднички проекти. Во тековната година, МНТ потпиша неколку значајни меморандуми, меѓу кои: со Факултетот за драмски уметности – Скопје (ФДУ) – за поддршка на младите актери, режисери и драматурзи преку заеднички проекти, работилници и практична настава во рамките на МНТ; со Националната опера и балет (НОБ) – за реализација на заеднички проекти кои вклучуваат сценска уметност, размена на уметници и техничка поддршка; со Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје – за развој на нови театарски концепти, едукација на млади кадри и нивно вклучување во професионални продукции; како и со Факултетот за музичка уметност – Скопје (ФМУ) – за создавање креативни проекти што ја поврзуваат музиката и театарот.
На меѓународно ниво, потпишан е значаен меморандум со Националниот театар во Будимпешта, кој вклучува размена на претстави, копродукции и заеднички настапи на фестивали. Продолжена е и соработката со Црногорско народно позориште, што ја зајакнува културната размена во регионот.
Преку овие партнерства, МНТ ја потврдува својата заложба за интернационализација, развој на млади уметници и збогатување на театарската сцена.

Неколку години наназад МНТ има технички проблеми со одржувањето на објектот, кои не ја нарушуваат репертоарната политика, но непријатно изгледаат. Што е неопходно тие проблеми да се разрешат?
– Во 2025 година, МНТ спроведува редовно одржување и реконструкција на техничките системи за подобрување на безбедноста, ефикасноста и функционалноста на театарската инфраструктура. Во тек е реализација и реконструкција на фасадното осветлување со нови енергетски ефикасни светилки. Планирана е санација на проодните тераси за заштита од оштетувања.
Сценската технологија редовно се сервисира, вклучувајќи осветлување, звучни системи и механички уреди. Ќе се изврши репарација на дизел-агрегатот за резервно напојување, како и реконструкција на системот за осветлување на малата сцена. Ќе се набават нови филтри и антифриз за системот за климатизација, а ќе продолжи редовното одржување на BMS системот за автоматско управување. Лифтовите и платформите за посетители и лица со оштетена мобилност редовно се сервисираат. Се спроведуваат редовни технички прегледи на дигалки и платформи, како и одржување на системот за противпожарна заштита.
Планирана е изработка на проект за реконструкција на фасадата, како и чистење на климатизациските системи и олуците за подобрување на нивната функционалност. Овој план ќе обезбеди подобрени услови за работа, поголема енергетска ефикасност и безбедност на објектот во 2025 година.
Минатата есен ја отворивте летната сцена „Славиша Кајевски“. За оваа година најавивте дека сцената ќе функционира во јуни. Што беше причина за промена на терминот и каква програма ќе понудите на летната сцена?
– Минатогодишната реализација на летната сцена „Славиша Кајевски“ претставуваше значајно остварување и успешна приказна за МНТ, но и за мене лично, како прв проект што го иницирав по моето назначување за в.д. директор. Нашата цел беше единствена: отворање на нов простор што ќе биде достапен за сите, со посебен акцент на привлекување на помладата публика. Летната сцена ни овозможи да стекнеме нови знаења и инспирација за уште подобра реализација оваа година.
Програмата на летната сцена „Славиша Кајевски“ ќе почне на 12 јуни и ќе трае до 21 јуни. Главната причина за поместување на терминот е искуството од минатата година, кога утврдивме дека септември е месец со непредвидливи временски услови. Затоа, оваа година донесовме одлука да ја почнеме програмата во јуни, со што ќе го отвориме летото на најдобар можен начин.
Летната сцена оваа година ќе биде реализирана во копродукција со „СтереоЛаб“, нова онлајн радиостаница што се фокусира на промоција на локалната култура и македонската независна музика. Програмата ќе биде посветена на поддршка на македонската алтернативна сцена и ќе настапат 12 македонски бендови. Бендовите ќе бидат претежно нови и млади состави, но публиката ќе има можност да ужива и во настапи на неколку етаблирани и докажани групи. Идејата е оваа сцена да стане пулс на градот, крвоток на младите, како и мотивација за инспирација.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 274, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-31.3.2025)