Миланка Рашиќ
Миланка Рашиќ / Фото: Приватна архива

Интервју со Миланка Рашиќ, ТВ-автор и продуцент: Оскарите се најблескавото славење на магијата на филмот

На 12 март ќе се одржи 95-тото доделување на наградата Оскар, најгламурозното ТВ-шоу во светот. Се разбира, Оскарите се доделуваат во Холивуд. И, се разбира, како што навикнавме долги години наназад, преносот на церемонијата ќе го води нашата позната ТВ-авторка Миланка Рашиќ. Потврдено е дека преносот ќе биде на МТВ.

Миланка, Вашиот глас и коментирање се долго време заштитен знак на преносот од доделувањето на Оскарите во Лос Анџелес. Што нѐ очекува годинава?

– Оскаровската 95-та церемонија ќе биде славење на филмот на спектакуларен начин. Најавени се многу ѕвезди што ќе бидат дел од шоуто како презентери, а меѓу првите музички ѕвезди што го потврдија настапот е Ријана. Секогаш ми се посебно убави сегментите посветени на филмската уметност низ годините, како и музичките изведби во живо. Оскаровското шоу одамна не е само доделување награди, туку е и врвен телевизиски настан. Фасцинира со најдобриот креативен тим во светски рамки, кој е задолжен за сѐ, од сценарио и режија до блескава сценографија. Оскарите се најблескавото славење на магијата на филмот.

Минатата година се вративте на Македонската Телевизија, како автор и водител на емисијата за филм „Во кадар“, која се емитува премиерно секоја недела во 20 ч. Како дојде до повторна соработка со МТВ за овој проект?

– Соработката на емисијата за филм дојде многу спонтано, веднаш по Оскарите во март 2022. Пред преносот подготвував циклус емисии за Оскарите што предизвикаа доста внимание и убави реакции, па така се договоривме со колегите од МТВ да ја подготвуваме емисијата „Во кадар“. Во секое издание има филмски новости, фестивали, култни филмови, актуелни светски хитови, премиери. Исто така, секогаш им даваме поддршка на македонските филмови, а лани за среќа, имаше четири премиерни наслови. Драго ми е што гостуваа режисерите Милчо Манчевски, Кристијан Ристески, Даријан Пејовски и Теона Митевска, како и дел од актерската екипа на филмовите „Кајмак“, „Снежана на крајот умира“, „Мими“ и „Најсреќниот човек на светот“.

Се радувам што работам емисија за филм со одлична екипа во МТВ, кадешто порано ги правев „Град на соништата“, „Филмоскоп“, „Магичните 24“, како и хроники од „Браќа Манаки“.

Фото: Приватна архива

Минатата година Ви беше повеќе од успешна. Во август 2022 бевте дел од Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во двојна улога, како водителка и автор на емисии за МТВ. Како беше чувството да работите повторно на овој фестивал и што Ви остави најголем впечаток?

– Прекрасно беше што повторно бев дел од фестивалската магија во Битола. „Браќа Манаки“ има огромно значење како еден од ретките фестивали во светот посветен на директорите на фотографија, скромни генијалци од сенка. Голема чест ми беа интервјуата со Ентони Дод Ментл (Оскар за „Милионерот од предградието“) и Џон Метисон (награда Бафта за „Гладијатор“ и две номинации за Оскар). Направивме и посебна емисија за фестивалот, а бев и водител на Црвениот тепих на свеченото отворање.

Неверојатно убаво беше да се гледа Битола како дише во ритамот на фестивалот и многубројните концерти и изложби. Целата екипа предводена од директорот на фестивалот Мони Дамевски беше извонредно професионална и полна со ентузијазам. Се гледа кога човек си ја сака работата и ништо не му е тешко. Многу сакам кога сум дел од вакви проекти.

За да ги коментирате наградите, секако прво треба да ги изгледате филмовите што се номинирани. Дали успеавте да ги изгледате сите и на кого типувате за сега во најпрестижните категории (за најдобар филм, актер, актерка)?

– Секако дека гледав голем дел од номинираните филмови, ми недостасуваат уште неколку наслови. Од гледаните филмови, би го издвоила „Фабелманови“ на Спилберг, неговиот најличен филм досега, а од актерите Кејт Бланшет за улогата во „Тар“ и Брендан Фрејзер за „Кит“. Заслужени се трите номинации во главните категории за „Триаголник на тагата“ на Рубен Остлунд, моќната критика за привилегираните богаташи.

Од номинираните за странски филм би го издвоила полскиот „ЕО“ на Сколимовски, необичен, храбар и фантастично снимен филм. Го гледав на „Браќа Манаки“, каде што гостуваше директорот на фотографија, Михал Димек. Уште тогаш му спомнав дека филмот го гледам со номинација за Оскар.

Многу ми се допадна и белгискиот „Блискост“ на Лукас Донт, емотивна приказна за пријателството.

Фото: Приватна архива

Годинава церемонијата по третпат ќе ја води Џими Кимел. Од претходните години паметиме и други домаќини на вечерта, Били Кристал, Вупи Голдберг, Крис Рок, Елен Деџенерис… Кој од досегашните водители е Ваш фаворит?

– Били Кристал ми е омилен водител на Оскарите, најшармантен и многу духовит, човек кој знае точно што треба да каже во секоја ситуација. Вупи Голдберг беше одлична, многу забавна, а Елен Деџенерис имаше интересни моменти, како селфито со холивудските ѕвезди што постави рекорд во споделување на социјалните мрежи.

Минатата година од целата манифестација најмногу се зборуваше за испадот на Вил Смит, кога на отворена сцена му удри шлаканица на Крис Рок. Дали ваквите инциденти придонесуваат за популарноста на церемонијата или, пак, му штетат на нејзиното реноме?

– Нормално дека инцидентот многу наштети на репутацијата на наградите и на церемонијата. Тажно е што го тргна фокусот од оние што навистина заслужија медиумско внимание, пред сѐ, добитниците на Оскар. Наместо да се зборува за филмот победник „Кода“, главна тема беше Вил Смит, неговиот неконтролиран бес и неприфатливо однесување.

Вие, односно Вашата продукциска куќа, долги години ги откупувате ексклузивните права за пренос на оваа престижна светска манифестација. Како, всушност, се случи тоа за првпат?

– Оскарите беа и една од главните причини да ја отворам мојата агенција за ТВ-дистрибуција и производство „Миракс“ пред 19 години. Предлогот дојде од дистрибутерите на Оскарите, кои сакаа да соработуваме и така првиот договор ми беше за ТВ правата за ова шоу. Откупував права и за многу други настани, како доделувањето на наградите Греми и фестивалот Санремо. Но, Оскарите се најголемите филмски награди во светот и секогаш велам, драго ми е што успеавме да создадеме телевизиска традиција кај нас и публиката во живо да ги следи Оскарите секоја година.

Фото: Приватна архива

Како тече Вашиот процес на подготовки за преносот, и во однос на организацијата и во однос на водењето?

– Цела година следам сѐ што се случува во филмскиот свет, ги гледам новите филмови, ги следам фестивалите. Конкретно во врска со преносот, има многу обврски, од потпишување на договори до техничка реализација на настанот и подготовка за коментирање. Мене тоа ми е истовремено работа, но и големо задоволство.

Оскарите се луксузен настан, па претпоставувам дека и цената која треба да се плати за правата за пренос е луксузна. Имате ли постојани спонзори и како воопшто тие се одзиваат за соработка?

– Ваков реномиран настан заслужува поддршка од угледни компании како спонзори. Секогаш има интерес, вообичаено соработуваме со дел од најголемите компании кај нас. Се надевам дека и годинава ќе биде така, одделот за маркетинг на МТВ работи на проектот.

Оскарите најчесто ги пренесуваше Вашата некогаш матична куќа, јавниот сервис МТВ, но потоа се селеше и во некои приватни ТВ-куќи. Од кои причини и останува ли преносот да се емитува на МТВ на 12 март?

– Едноставно е, преносот од Оскарите се емитуваше на различни телевизии, во зависност од условите што ги нудеа. Минатата година се договоривме со МТВ и успешната соработка продолжува и годинава. Значи 95-те Оскари ќе блескаат на 12. март, недела, на Македонската телевизија!

Фото: Приватна архива

Се менуваше местото на одржување на Оскаровското шоу. Беше во Дороти Чендлер павиљонот, Шрајн аудиториумот, Долби театарот, а пред две години, во екот на корона кризата, се одржа и во Јунион станицата, што беше навистина невообичаено. На што се должи оваа промена на локациите?

– Како растеше настанот и бројот на поканети гости, така се зголемуваше и потребата од поголема сала. Павиљонот Дороти Чендлер стана претесна за церемонијата. Театарот Долби е прав дом на Оскарите во последниве години.

Само еднаш поради пандемијата и посебните протоколи, доделувањето на Оскарите се одржа во станицата Јунион. Морам да спомнам дека беше единствената церемонија на доделување награди во светот која се одржа со присутни номинирани. Сите други настани беа откажани или се одржаа преку онлајн платформи.

Постојат ли планови во догледна иднина да го пренесувате доделувањето на Оскарот од лице место, од ЛА?

– Многу пати сум размислувала како тоа да се организира на најдобар начин. Но, коментаторските позиции се далеку од салата кадешто се одржува настанот. Значи, нема посебно чувство, ниту предност, а прескапо е.

Но, би сакала да направам репортажи од подготовките за Оскарите, за Холивуд и фасцинантниот Музеј на Академијата посветен на филмот.

Повеќе интервјуа на Јасмина Пакашки:

Интервју со Наташа Кондрашова-Атанасоска, фан на Тоше Проески: Љубовта кон Тоше ме донесе од суровиот Арктик во Крушево

Интервју со Бени Шакири: Ни пес не може сам, ни требаат луѓе во животот

Интервју со Јулијана Милутиновиќ, радиоводител и диџеј: Три децении љубов кон радиото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот