Фото: Приватна архива

Интервју со Кристина Дукоска, лектор: Со „Правопис за деца“ ги мотивирам најмладите да се заљубат во македонскиот јазик

Во дигиталното време кога технологијата доминира во секојдневието, зачувувањето на мајчиниот јазик станува сè поголем предизвик. Кристина Дукоска, овластен лектор и јазичен редактор по македонски јазик, со години посветено работи на правилната употреба и популаризација на македонскиот јазик. Но, нејзиниот најголем и најважен проект започнува пред една година, со создавањето „Правопис за деца“ – дигитална платформа што го прави учењето на јазикот забавно, интерактивно и достапно за најмладите.

Преку „Правопис за деца“, таа не само што им помага на децата полесно да ги совладаат правописните правила, туку и ги мотивира да се заљубат во својот мајчин јазик. Главниот лик на оваа иницијатива, Ника, е водич низ светот на буквите и зборовите, носејќи им на децата едно поинакво, разиграно искуство во учењето.

Во интервју за „Слободен печат“, Дукоска ни открива како започнала приказната со „Правопис за деца“, зошто јазикот треба да се доживува како игра и кои се предизвиците, но и убавините на јазичната едукација кај најмладите.

Кристина, како започна приказната со „Правопис за деца“? Дали се сеќавате на моментот кога си рековте: „Ова мора да го направам“ и што ве поттикна на тој чекор?

– Звучи како клише, но приказната на „Правопис за деца“ започна сосема случајно – иако сега, кога ќе погледнам година наназад од оваа перспектива, имам чувство дека постоела отсекогаш. Сè започна со една објава на Инстаграм, минатата година, и тоа точно на 21 февруари, меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Всушност, идејата ми беше да споделам нешто на мојот личен профил – некаков забавен јазичен совет, но објаснет на јазикот на децата. Во истиот момент ми дојде нова идеја: „Зошто да биде само една објава?“ И потоа следуваше „Ова мора да го направам“ и така и се роди „Правопис за деца“. Веднаш сфатив дека ако сакам овој проект да има свој простор, ќе му треба и некаков визуелен печат, нешто како главен лик, преку кој јазикот и вистински ќе оживее за децата. Дома главен лик ни е нашата ќерка Ника и некако во тој момент почувствував дека сличен лик му треба и на „Правописот“. Во оваа фаза од развојот на овој бренд, која сè уште ја сметам за почетна, неизмерно сум им благодарна на двајца соработници – Марко Трпески, графички дизајнер, но и неверојатно талентиран уметник, кој го создаде целиот визуелен идентитет на „Правопис за деца“, и мојата прекрасна внука Софија, која го позајмува својот глас за видеосодржините.

Во време кога децата се опкружени со технологија, како успевате да го направите учењето на македонскиот јазик забавно и привлечено? Кои методи најмногу ги сакаат децата?

– Лично технологијата никогаш не сум ја сфаќала како непријател, туку како моќна алатка. Наместо да се спротивставуваме на работите што ги носи новото време, верувам дека треба да ги искористиме за да создадеме вистинска вредност, а токму тоа се обидувам да го правам со „Правопис за деца“. Со причина денешните генерации се наречени „дигитални домородци“; тие учат, комуницираат и го истражуваат светот преку екраните. Па, зошто да не го внесеме и совладувањето на македонскиот јазик во тој простор, зошто и тоа да не биде визуелно, интерактивно и разиграно? Токму затоа „Правопис за деца“ е создаден, постои и напредува во дигиталниот свет – на друштвените медиуми, преку нашиот билтен и наскоро преку уште повозбудливи платформи. Од друга страна, тоа, секако, не значи дека екраните ќе бидат единственото средство преку кое ќе допреме до децата и дека ќе ги изоставиме традиционалните начини на учење. Кога децата го гледаат јазикот (или која било тематика што треба да ја совладаат) како нешто со кое си играат наместо нешто што треба да го научат, искуството целосно се менува. А мојата цел не е и никогаш не била само да ги учам за правописните правила, туку пред сè – да им ја всадам љубовта кон мајчиниот јазик, онака како што се обидувам да ја всадам кај мојата ќерка уште од најмала возраст.

Фото: Приватна архива

Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат децата додека го совладуваат правописот? Дали постојат одредени јазични правила што им се најтешки за разбирање?

– Можеби ќе звучи изненадувачки, но децата многу полесно од возрасните ги сфаќаат и ги паметат правописните правила. Барем моето искуство покажало така, но тоа и не е чудно со оглед на тоа дека децата генерално сè апсорбираат поприродно од нас. Вистинскиот предизвик не е во способноста на децата да (на)учат, туку во начинот на кој јазикот се учи и се пренесува. Во училиштата, наставната програма по македонски јазик многу повеќе става акцент на литературата отколку на граматиката и на правописот. Како резултат на тоа, многу од нас возрасните или никогаш целосно не научиле одредени јазични правила или ги научиле погрешно. Сега, кога се обидуваме да им помогнеме на децата, често несвесно им ги пренесуваме истите грешки. Ова создава циклус во кој грешките стануваат правило наместо да се коригираат. Затоа, мојот најголем предизвик кога ги создавам содржините за „Правописот“ не е само да ги пренесам правилата туку и да најдам начин да ги објаснам така што ќе имаат смисла за децата. Не сакам децата да го гледаат правописот како збир од крути, здодевни правила; сакам да го чувствуваат како игра, откритие, забава. Токму затоа ми требаше Ника како лик. Преку нејзините приказни, децата не ги меморираат правилата, туку ги доживуваат. А кога се поврзуваат со јазикот на овој начин, учењето веќе не е напорно.

Како гледате на иднината на македонскиот јазик кај младите генерации? Дали сметате дека доволно се вложува во неговото зачувување и развој?

– Како македонист, едно од најболните искуства за мене е кога ќе ги слушнам нашите деца на улица како зборуваат англиски меѓу себе – не затоа што не треба да го знаат и да го сакаат англискиот јазик, туку затоа што тоа сигнализира нешто подлабоко. Тоа покажува дека постепено се оддалечуваат од мајчиниот јазик, а со тоа и од клучен дел од нашиот културен идентитет и наследство. За нација како нашата, мислам дека тоа е погубно. Затоа една од основните мисии на „Правопис за деца“ е да го промениме тоа. Сакам да им покажам на децата дека македонскиот јазик не е само уште еден училиштен предмет – тој е жив јазик што дише, богат со убавина и значење. Колку повеќе се поврзуваат со него, толку повеќе ќе го негуваат. Иднината на нашиот јазик зависи од тоа како ќе им го претставиме на следните генерации и верувам дека со правилен пристап ќе ги натераме да се заљубат во него.

Фото: Приватна архива

Колку вашата ќерка ви помага во сето ова? Дали нејзиното љубопитство и начинот на кој го учи јазикот ви даваат нови идеи и инспирација?

– Мојата ќерка има само три години, така што сè уште ги совладува основите на јазикот. Сепак, многу сум горда што знае дека боите се „сина и розова“, а не „плава и розева“, или, на пример, кога ги „поправа“ бабите дека не е „тањир“, туку „чинија“. Идеите и инспирацијата доаѓаат од неа, но и од мојот сопруг и целото наше семејство и сите приказни што ги создавам се рефлексија на вистински настани и по малку смешни ситуации од нашиот секојдневен живот.

Дали имате некоја идеја или проект што го чувате за во иднина, нешто што би сакале да го реализирате, но сè уште не сте стигнале до него?

– Како што нагласив и претходно, за мене овој проект е сè уште во зародиш и допрва следуваат активности што треба да ги реализираме. Не брзаме со ништо затоа што сме мошне мал тим, а на сè што работиме посветуваме огромна љубов и внимание за да создадеме што подобар производ за децата.

Она што е сигурно и можам да го најавам е одржувањето на едукативната работилница „Крушата под круша паѓа“ следната недела во галеријата „Метаноја“. Станува збор за интерактивен настан на кој децата ќе се запознаат со убавината на македонската фразеологија преку практични активности, раскажување приказни и истражување низ игра. Преку работилницата ќе покажеме како природата влијаела на нашиот јазик, истакнувајќи ги идиомите и фразеолошките изрази што содржат зборови што означуваат овошје, зеленчук и вода. Преку креативни изработки, сензорни искуства и игри, децата не само што ќе го разберат значењето зад овие изрази туку и ќе развијат подлабоко ценење за својот мајчин јазик и општо за природниот свет околу нас. Ова е првата од низата работилници што планирам да ги организирам во текот на оваа година, а секоја е посветена на различен сегмент од јазикот.

Фото: Приватна архива

Кој е најубавиот коментар што сте го добиле за „Правопис за деца“? Некој збор или порака што ве натерале да почувствувате гордост дека правите нешто убаво и значајно?

– Секојдневно добивам многу охрабрувачки пораки, но најмногу се радувам кога некој родител ќе ми напише: „Леле, ни јас не го знаев ова!“ Тогаш знам дека правам нешто навистина значајно. Јазикот треба да ги обединува генерациите и сознанието дека им помагам на семејствата да учат заедно за мене е најдрагоценото чувство.

Ако имавте можност да им упатите една порака на сите деца што го учат македонскиот јазик, што би им порачале за да го засакаат уште повеќе?

– Мојата порака до сите деца што го учат македонскиот јазик е да го сакаат, да го истражуваат и да си играат со него! Секој јазик е како живо суштество – расте, се менува и носи со себе приказни од генерации и генерации пред нас. Во секој збор има дел од нашата историја, во секој идиом има искуство од некој што живеел пред нас, а во секоја правилно напишана реченица има една мала победа! Голем дел од знаењето што ќе го стекнете сега ќе остане со вас засекогаш. Македонскиот јазик е вашата супермоќ – затоа, научете го добро и зборувајте го гордо, каде и да одите!

Разговор со Марија Лозаноска, професорка по македонски јазик: Да го сакаш мајчиниот јазик треба да биде најосновна обврска на секој човек

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот