Интервју со композиторот Панде Шахов за оркестарската верзија на „Македонисимо“: Сакам да експериментирам со акорди

Панде Шахов на сцена со оркестарот на македонската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во Скопје / Фотографија: Маја Аргакијева

Композиторот Панде Шахов во овој период е актуелен со изведбите на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во Скопје и во Софија, а негови дела ќе бидат изведени и на фестивалот „Денови на македонска музика“.

Стоечки овации од публиката предизвика изведбата на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во Скопје. Станува збор за македонска и балканска премиера на оркестарската верзија во изведба на пијанистот Симон Трпчески со квинтетот „Македонисимо“ заедно со оркестарот „Ајга“ под диригентската палка на Ана Спасовска, што се одржа на 31 март и на 1 април во големата сала на Македонската филхармонија.

Следниот концерт на „Македонисимо“ со оркестарската верзија ќе се одржи со Софиската филхармонија и маестро Емил Табаков на 25 април во Софија, Бугарија.

Композитор на верзиите на „Македонисимо“ за квинтет и за оркестар е Панде Шахов, кој веќе 25 години живее во Обединетото Кралство и работи на Кралскиот колеџ за музика во Лондон.

Оркестарската верзија на „Македонисимо“ ја доживеа македонската премиера, следува изведба и во Бугарија, а светската премиера се случи минатата година во Виена, Австрија. Каков композиторски и аранжерски зафат беше потребен за материјалот од албумот да се преточи во верзија за оркестар?

– Кога ја компонирав оригиналната композиција за квинтет, веќе имав визија за еден богат, оркестарски звук. Еден од предизвиците беше да се постигне спектар од бои кој, во текот на 90-те минути, ќе се прелива од една комбинација во друга. Затоа и Хидан Мамудов менува инструменти од кларинет во саксофон или кавал, Влатко Нушев со неверојатна брзина се преместува од еден инструмент на друг. Симон Трпчески во еден од шесте делови ја зема хармониката, првиот инструмент што го научил како дете. Гудачките инструменти во оригиналната верзија често свират по две ноти, за да се постигнат комплексни акорди, карактеристични за џезот. Затоа, кога симфонискиот оркестар „Тонкунстлер“ од Виена ми нарача една покуса верзија со оркестарска придружба, со задоволство ја прифатив како можност да експериментирам со инструментални бои и претопување на нијанси, овој пат без ограничување.

Од друга страна, виртуозниот карактер на музиката наеднаш стана потенцијална препрека, затоа што не е лесно да ангажирате големи ансамбли во брза и комплексна музичка фактура. Потребно е да се постигне рамнотежа помеѓу желбата да се создаде еден технички предизвик, кој ќе ги поттикне амбициозните музичари од оркестарот, и потребата да се намали ризикот од недостаток на време за проби.

Друга идеја-водилка беше амбицијата да се создаде интерес и воодушевување кај оркестарските музичари за оригиналните ора и песни. Задоволен сум што успеав да ги анимирам членовите на оркестарот да ја запознаат македонската музичка традиција и, низ еден современ музички концепт, да учествуваат во еден несекојдневен настан. Задоволството и ентузијазмот на нивните лица, но и во нивниот колективен звук, се потврда дека успеав во тоа.

Композиторот Панде Шахов заедно со членовите на квинтетот „Македонисимо“ и оркестарот „Ајга“ со диригентката Ана Спасовска пред публиката во Скопје / Фотографија: Маја Аргакијева

Музичкиот материјал е конципиран во сплетови. Која е причината за таквиот концепт?

– Македонската музичка традиција се одликува со многу интересни елементи но, многумина ќе се сложат, ритамот е навистина посебно разновиден и комплексен. Тоа се должи на посебноста на ритамот во нашиот говор, кој драстично се разликува од говорниот ритам на другите јазици, вклучувајќи ги и јазиците на соседите. Таа карактеристика била преточена во песните, а потоа во ората, па така и кореографските белези на нашите танци се, исто така, софистицирани и неспоредливо комплексни.

Затоа, сплетовите во ова дело се составени во групи со ист метар и сличен ритам. Но, секој сплет има и своевидна драматургија, една емоционална амплитуда која завршува со виртуозна кулминација. Не е случајно што секој сплет доживува громогласни овации, без исклучок, иако публиката добро знае дека не е вообичаено да се ракоплеска помеѓу деловите на еден концерт. Едноставно, не можат да се воздржат… Најголема заслуга за тоа имаат петмината виртуози, со нивните несекојдневни музички квалитети, но и изобилство харизма, енергија и ентузијазам.

Симон Трпчески и Панде Шахов / Фото: Приватна архива

На што е заснована заемната доверба со маестро Симон Трпчески во однос на реализацијата на проектот „Македонисимо“, воопшто?

– Симон Трпчески ми нарача транскрипција на песната „На Струга дуќан да имам“, во далечната 2009 година. На мое големо задоволство, му се допадна мојот концепт на наслојување на контрастен звук што додава нова димензија на изворната мелодија, наместо со сила да ја трансформира во нешто што не е. Потоа ми нарача едно пообемно дело, во чест на Шопен, за неговиот рецитал со кој се отвори познатата, меѓународна сезона на рецитали за пијано „Хародс“, во салата на Кралицата Елизабета Втора во Лондон.

Така настана суитата „Песни и шепоти“, во која деловите се изградени или на цитати од Шопен, или на македонски теми, како „Поминувам, заминувам“, „Си заљубив едно моме“ и „Сербез Донка“. Британската јавност, вклучувајќи го и „Гардијан“, со воодушевување ја поздрави премиерата, а оттогаш Трпчески со успех го изведе делото на многу познати сцени, како аудиториумот во „Лувр“, „Карнеги хол“ во Њујорк и салата „Волт Дизни“ во Лос Анџелес.

Кога Трпчески ми го објасни концептот за една исклучително виртуозна и современа презентација на потенцијалот на македонската народна музика на најпознатите светски сцени, ние веќе имавме одлично разбирање како соработници и, еднакво важно, вистинско пријателство, изградено на искреност и доверба. Во текот на работата, предлозите и сугестиите на Трпчески беа исклучително важни. На пример, транскрипцијата на „Не си го продавај, Кољо, чифликот“ му се допадна толку многу, што инсистираше да ја развијам таа идеја во пообемен размер. Како резултат на тој поттик, го имаме можеби и најубавиот уметнички израз во делото, кое германските критичари го карактеризираат како „волшебен“, а британското списание „Грамофон“ пишува дека е „деликатен како музиката на Моцарт“.

Кога се создава еден проект како што е „Македонисимо“, сите петмина музичари треба да имаат значаен придонес во оформувањето на финалниот звук. Ова е важно не само поради тоа што тие се мајстори на своите инструменти – тие треба да се чувствуваат како коавтори на проектот, за да се постигне една вистинска сплотеност што ќе се пренесе и на публиката. Затоа не ме чуди дека, по премиерата во „Вигмор хол“ во Лондон, критичарот на „Индепендент“ нè пофали на еден несекојдневен начин: „Музиката претпоставувам дека е прецизно напишана, но звучи како да е импровизирана од првата до последната нота!“

Транскрипцијата на македонската традиционална музика е во суштината на проектот. Какво и колкаво познавање на македонскиот музички идиом е потребно за да се прифати предизвикот да се создадат композициите/сплетовите за „Македонисимо“?

– Поддршката од Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и од ансамблот „Танец“ беше исклучително важна. Тие беа отворени за соработка, и тоа овозможи еден широк спектар на песни и ора, како појдовна точка. Нашиот концепт е изграден на амбицијата пред светската публика да се претстави најубавото и највредното. Трпчески го предложи првиот избор, а потоа заедно одлучивме да вклучиме дваесет и три песни и ора. Но, креативната работа имаше експериментален, а не научен аспект.

Мојот приод е близок до естетиката на џезот, затоа мене ми е интересно да додавам нови, додатни мелодии. Јас сакам да експериментирам со акорди, кои не доаѓаат од училишните програми по хармонија. Музиката и естетиката на нашиот генијален пијанист и композитор Илија Пејовски, кој несебично пренесе многу од своето знаење и визија на многу генерации музичари, се од големо значење за мене.

Мојот музички јазик е симбиоза на експериментирање со бои и избегнување на догматично следење на вештачки систем на организација. Инспирацијата и советите на Пејовски ми овозможија да создадам сопствена патека, по која ми е интересно да одам на прошетка, и лесно можам да истражувам споредни патеки. Но, познавањето на карактеристиките на македонскиот фолклор е од исклучително значење за нашата култура. Токму поради тоа, во мојот придружен текст, ја повикувам публиката на „Македонисимо“ да ги истражи мајсторите на изворната народна музика, како Тале Огненовски и Пеце Атанасовски, кон кои ние направивме своевиден омаж.

Македонска премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во Скопје / Фотографија: Маја Аргакијева

Колку фактот што повеќе од дваесет и пет години живееш и работиш надвор од Македонија ти помогна поефективно да ја почувствуваш емоцијата на македонската мелодија?

– Не е случајно што, во зенитот на спорот со Грција за името и идентитетот, во парискиот музеј „Лувр“ беше одржана огромна изложба со артефакти од времето на македонското античко царство, спонзорирана од грчката држава. Пораката беше јасна: „Сите експонати се најдени на територијата на денешна Грција – оставаме на посетителите да заклучат кому припаѓа тоа име и тој идентитет“. Немаше никаков очигледен политички дискурс во официјалните текстови, но наивно би било да се исклучи еден темелно испланиран, дипломатски проект.

За мене, музичкото наследство, со кое со право се гордееме, треба да го претставиме на светот на квалитетен и креативен начин. Треба да плени со исклучително високо ниво на изработка и софистицираност. Мојот ангажман во Велика Британија и воопшто, на меѓународен план, го гледам како шанса да ја претставам нашата култура на начин кој ќе инспирира, создавајќи желба за потемелно и долготрајно истражување на нашата култура.

На пример, во една од рецензиите на компакт-дискот „Македонисимо“, предвидуваат дека со нашиот концепт ќе го направиме истото за македонската музика, што Астор Пјацола направи со аргентинското танго, кое со неговиот пристап доби глобално признавање кај најшироката публика. Значи, светот ќе ја препознае посебноста на нашето музичко наследство, но ние имаме одговорност да го претставиме на квалитетен начин.

Со какви обврски се соочуваш и какви искуства стекна со работата на Кралскиот колеџ за музика во Лондон?

– Мојата педагошка работа е фокусирана на група академски предмети, кои се нарекуваат главни (централни) предмети. Долгогодишното искуство ми овозможи да го надградам знаењето, стекнато за време на студиите, и да воспоставам поефикасни педагошки методи.

Кралскиот колеџ веќе трета година е рангиран на првото место на Шангајската листа на високообразовни институции, како најдобра институција од областа на изведувачките уметности. Студентите доаѓаат од сите страни на светот, и имаат големи очекувања, па стандардите кои се бараат од професорите се високи. Но големо задоволство е да се следи успехот на поранешните студенти кои, многу често, веднаш започнуваат успешни меѓународни кариери. Како придобивки од мојата работа, можам да ги набројам ефикасноста, темелноста и вреднувањето на квалитетот кај луѓето околу мене.

Мојот музички јазик е симбиоза на експериментирање со бои и избегнување догматично следење на вештачки систем на организација

Каква основа доби од композиторите Ристо Аврамовски и Томислав Зографски на почетокот од образованието во Македонија?

– Ристо Аврамовски поттикна во мене исклучителна самодоверба и ми пренесе еден силен ентузијазам кои ми помогнаа да одлучам да станам композитор. Бев сведок колку задоволство може да донесе композиторската работа, а тој во тоа време напиша многу крупни дела, полни со креативни предизвици. Многу добро ги паметам тие часови, во кои често споделуваше сопствени дилеми во делата што ги пишуваше. Многу сум благодарен за времето што го посвети цели три години, без да се сложи за никаков паричен надоместок.

Мојата професорка по пијано Кармен Костова го откри мојот талент, а почнав часови по композиција по препорака на Снежана Анастасова-Чадиковска. На факултетот имав среќа да учам од Томислав Зографски, кој имаше поинаква стратегија: ми ги посочуваше недоследностите и потенцијалните проблеми, и оставаше на мене да решам кога делото е готово. Тоа ми помогна да изградам сопствен музички израз и самостојно да одговарам за квалитетот на моите дела.

Кои се константите што сакаш да ги задржиш во своето творештво, независно од формите во кои се појавува?

– Трансформацијата на колоритниот спектрум во инструменталната музика, поетичноста на вокалните линии во вокалната.

На 17 април претстојат изведби на два циклуса за глас: „Љубовта, каква што беше некогаш“ во изведба на баритонот Иван Наумовски во пијано-придружба на Елена Атанасовска-Ивановска, како и „Соништа“, во изведба на сопранот Гонца Богоромова-Краповски и ансамблот „Алтус“, на ДММ2024. За што станува збор?

– Циклусот „Љубовта, каква што беше некогаш“ е комбинација на две македонски народни песни („Дејгиди, Цвете“ и „Девојче, девојче“) во кои ги задржав народните стихови, а музиката е оригинална, и транскрипцијата на познатата песна „Јовано, Јованке“. Стиховите ги обединува една атмосфера на скромност, меланхолија, неисполнување на љубовните надежи и амбиции. Во време на расипништво, лажна самодоверба и посегнување по брза потврда на возвратни чувства, освежување е да прочитате романтични поеми од минатото, полни со искрена љубов, која тлее и во тешки и трагични услови. Поетиката на нашето народно творештво посебно ме плени, кога носи една меланхолична атмосфера.

Циклусот „Соништа“ е потполно оригинално дело, нарачка од ансамблот „Алтус“, која имаше и многу успешна изведба на фестивалот „Динамик фест“ во Салцбург. Стиховите се на нашиот Јордан Плевнеш, а инспирација е една прекрасна приказна од 19 век, која започнува во Охрид и се развива во вистински филигран, кој Плевнеш мајсторски го создаде, премостувајќи различни култури и естетики. Во двата циклуса, за мене најголема инспирација беа нашите извонредни пејачи: и Наумовски и Богоромова се наше национално богатство! Треба да се гордееме со нив!

Како се случи средбата со францускиот диригент Паскал Галоа и какви се вашите заеднички планови во однос на ансамблот „Алтус“?

– Паскал Галоа, како легендарен фаготист ги инспирираше најпознатите композитори од нашето време да создадат трајни дела, кои веќе станаа класика. Сега тој вложува уште поголема енергија во промоција на современата музика, како диригент. Тој е вистински амбасадор на македонската култура во светот, не само на концертните сцени, туку и во медиумскиот простор.

Нашата прва средба се случи по негова иницијатива, по неколкуте успешни проекти кои ги поддржа Францускиот институт во Скопје. Нашиот фокус е промовирањето на меѓусебна соработка во форма на интернационални ансамбли составени од талентирани и амбициозни музичари, ентузијасти за современа музика. Се залагаме за мобилни проекти, кои не се прескапи и лесно можат да се адаптираат, а особено внимание посветуваме на промоцијата на вокални солисти и музичко-сценски проекти. Македонските музичари заслужуваат темелно организирана афирмација и инвентивна програмска политика.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 226, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот