
Интервју со Гере Трипков за четвртото издание на фестивалот на инклузија „Инфјужн“: Го урнавме ѕидот на предрасуди
Успешната реализација на четвртото издание на фестивалот на инклузија „Инфјужн“ создаде чувство на задоволство и радост кај Гере Трипков, претседател на Здружението „Икуалити“, но и кај голем број лица со попреченост што присуствуваа или учествуваа на фестивалот.
Препорачано
Петдневната програма со над 50 настани на фестивалот „Инфјужн“ е значаен исчекор за разбирање и остварување на потребите на лицата со попреченост. Фестивалот донесе вистинска експлозија на креативност, емоции, поврзување и најважно, го урна ѕидот на предрасудите и откри дека и лицата со попреченост можат да бидат ѕвезди на перформансот.
Фасцинантната изведба на перформансот „Скин“ на Рене Шадлер и Роланд Валтер беше фантастично ново искуство откривајќи ги загатките на универзумот преку едноставен допир. Неверојатната желба за игра на човек што не може самостојно да ги контролира сопствените движења силно ги растрепери дамарите на срцето. Неговата рационална присутност на сцената предизвика ерупција на радост и воодушевување. А перформансот „Скин“ беше само вовед кон програмата што детално ја осмисли Гере Трипков, претседател на Здружението „Икуалити“.
Четвртото издание на Фестивалот на инклузија „Инфјужн“ претстави петдневна програма од 11 до 15 јуни со активности од утро до полноќ. Каков предизвик беше да се состави толку богата програма?
– Бесконечно многу предизвици. Прво, инфраструктурата во нашата култура не е прилагодена за настани кои имаат интегративен карактер, за артисти со попреченост. Второ, со огромен предизвик се соочивме за да овозможиме соодветна пристапна сцена, гардероби и инфраструктура за потребите на перформансот „Скин“. Трето, нашиот фестивал промовира мисија и спротивно од општествените услови има за цел во првите редови да ги има лицата со попреченост. Инсистиравме што повеќе локации да имаат пристапни тоалети, пристапни приоди, толкување на знаковен јазик. Четврто, многу тешко е да им насликате на спонзорите каква револуција од културно-уметнички фестивал е „Инфјужн“, но на крај им го докажавме тоа на дело и се препознавме како вистински пријатели. Едноставно не постои мерка, ниту одредница, по која ќе ја измерите тежината на нашиот фестивал, затоа што најблиските слични на нашиот „Инфјужн“ се во Полска или Италија. Неспоредлив е, наполно оригинален за нашата држава и Балканскиот регион. Петто, „Инфјужн“ во 4-те години не наплатил ниту 1 денар за влез и учеството на сите настани е бесплатно. А, јас само ќе ве замолам барем да ја погледнете овогодишната програма од 50 настани, во пет тематски денови, на пет локации.

Вовед кон фестивалот беше изведбата на перформансот „Скин“ на сцената во Театар Комедија. На кој начин и со чија помош успеавте перформансот да го донесете во Скопје?
– Нескромно, најголемото откровение што ѝ се случило на македонската културна сцена во последните 10 години! Интеграција и соработка на двајца луѓе со различни способности, а сепак флуидни во уметничкото изразување. Од салата луѓе излегуваа предвремено, не затоа што не уживаа, туку поради тоа што не можеа со сопствената перцепција да го воспримат ова трансформативно и магично културно-уметничко искуство.
Рене Шадлер и Роланд Валтер приредија врвен перформанс, кој го подготвувавме цела година. Ниедна институција не беше доволно храбра поради недостаток на инфраструктурата да не поддржи, освен Театар Комедија, кој моравме дополнително да го приспособуваме за Роланд, кој е уметник со попреченост и се движи во количка.
Проектот е реализиран како соработка на „Инфјужн“ и „Скин“ во рамките на програмата „Перформ Јуроп“ (Perform Europe) на Европската Унија, но беше поддржан и од Министерството за култура, Амбасадата на Германија, Општина Кисела Вода, Прокредит банка.
Со каква цел токму „Скин“ беше вовед кон петдневната програма на „Инфјужн“?
– Перформансот на австралиско-германското дуо „Скин“ беше премиера на петдневниот фестивал. Го издвоивме перформансот како почетна симболичка активност и дента, на 11 јуни 2025 години, беше ексклузивна и единствена фестивалска содржина. Во публиката имаше претставници на културните институции и на културно-уметничката сцена, организации што работат на културни проекти, нашите партнери, поддржувачи, но и невладиниот сектор од областа на заштитата на човековите права. Ја остваривме целта да им овозможиме проширување на перспективите и инспирација на оние што не ни размислувале во своите постојни културни проекти да вклучат уметници со попреченост. Го урнавме овој ѕид на предрасуди дека уметници со попреченост не умеат и немаат способности. Ти самиот беше сведок на десетминутните овации на стоење, што е само уште еден доказ дека невозможното е исклучиво перцепција создадена од шаблонизиран креативен ум. Дополнително, докажавме на спонзорите да не стравуваат од поддршката на вакви оригинални, суштествени и досега несретнати кај нас проекти.

Фестивалската програма се реализираше на локации во Домот на култура „Билјана Беличанец“ и Парк „Македонија“ во Општина Кисела Вода, во Театар Комедија, во Музејот на современата уметност. Од што зависеше изборот на локациите?
– Ако треба да сум најискрен, изборот сам се наметна и зависеше од подготвеноста на соработниците да покажат храброст и да ја делат нашата визија за фузија на уметноста, забавата, театарот, спортот и гејмингот. Токму и затоа одлучивме да не го користиме постојниот и познат за публиката концепт на фестивал со „нафрлени“ и категориски несовпаѓачки содржини, туку да ги поделиме во пет дена, соодветно на активностите од дадената област. Така, започнавме со перформанс и театар, а продолживме со активности од областите на уметноста, музиката, спортот и гејмингот.
Нашиот концепт внесува на сцената иновативен и свеж пристап. А тој пристап ги обзема магично и Музејот на современата уметност, каде што во соработка со кураторот Бојана Јанева „искусивме уметност“ и за првпат имавме водени тури и за лица со оштетен слух, толкувани на знаковен јазик. Следуваа „Тивки дружби во кафуле“ – каде што комунициравме без да зборуваме, користејќи невербална комуникација, пенкало и лист или мимики и артикулации. Додека фасцинантно и несретнато досега, концертите од музичката ноќ во Паркот „Македонија“ во Кисела Вода на петте млади бендови „Tsar Von Time“, „Дактили“, „Занаду“, „Fiction“ и Миа Перевска беа толкувани на знаковен јазик.

Како здружение, што преземате за подобрување на пристапот на лицата со попреченост до поширок круг културни и други институции во државата?
– Рене и Роланд ден по перформансот ја водеа и работилницата „Танцување без умереност“, каде што 80 проценти од учесниците беа млади лица со попречености. На настанот „Тивки дружби во кафуле“ 90 проценти од лицата учесници беа лица со оштетен слух. Музичките концерти беа започнати од настапот на инклузивниот колектив на „Трисомија 21“ и „Ветерница“, чиј дел во 95 проценти од учесниците се лица со попречености, а пред финалниот настап на ѕвездите на вечерта „Брејкдаун бенд“, настап имаше Филип Николоски, претставник на нашата заедница, кој изведе и неколку песни придружен од истоимениот бенд. Во сите останати активности докажавме дека иако ова е фестивал кој нуди врвни и несретнати културно-уметнички активности, дел од истите добиваат на суштина само кога дел од нив се и лица со различни способности.
Од друга страна, потребна е итна децентрализација на културата надвор од метрополата. Генерално гледано, но и во поглед на култура за сите граѓани, не само за избраните. Па, зар Битола, Неготино, Тетово, Кавадарци, не заслужуваат пристапни културни настани?
Ако посочуваме кој е новиот стандард кој го поставуваме, тоа е и дека на нашиот сајт, како прва интернет страница ќе пронајдете информации за пристапноста на инфраструктурата на секоја од фестивалските локации. На пример, никаде на друга интернет страница, не може да пронајдете детали за тоа дали конкретна институција има пристап и пристапни содржини. За разлика од тоа, на нашата, секој настан е означен со информација дали има пристапен тоалет, дали е обезбедено толкување на знаковен јазик, дали има обележани места за паркинг и за лица со попречености, дали објектот или јавниот простор е пристапен за инвалидски колички и лица кои се склони на надворешни сетилни дразби, како дел од лицата со аутизам.

Каков поттик давате со доделувањето на наградите Шампиони на инклузија?
– Годинава бележиме второ доделување на годишните награди „Шампиони на инклузија“. Мотивот зад оваа придружна фестивалска активност, доделување признанија, лежи во потребата низ транспарентен процес, да дадеме поттик на оние кои шампионски и посветено работат на полето на заштита на човековите права, поставувајќи високи стандарди за општествена одговорност и поддржувајќи иницијативи вредни за подобро утре за сите.
За мене лично ова беше најтешкото модерирање во историјата на нашиот фестивал. Доделувањето, кое се одвиваше во Домот на култура „Билјана Беличанец“ беше длабоко емотивно. Постхумни награди беа доделени на две маркантни и срдечни лица, кои не се повеќе со нас, но нѐ гледаат некаде од високо. Тоа се Еркан Ќаил, кој беше наш другар од заедницата, и Андреј Ѓорѓиески од групата ДНК.
Советот на фестивалот „Инфјужн“ одлучи во петте категории да се доделат следните награди: Лице со попреченост – Еркан Ќаил (постхумно), Јавна личност – Андреј Ѓорѓиевски / ДНК (постхумно), Организација – Дневен центар „Доза среќа“, Амбасада – Република Полска, Компанија – Алкалоид, Општина – Центар.
На фестивалот одржавте и два форума, кои имаа за цел да се истакнат лавиринтите што системот им ги поставува на лицата со попреченост. Каков заклучок е донесен на форумите?
– Форумите се наша нова активност, која се покажа како исправна и мотивирани ќе продолжиме да ја реализираме и во рамките на наредните фестивали. Одржавме два форума, едниот на тема „Лавиринтите во системот“, со учество на родители со попреченост од Македонија и од Хрватска, со цел да ги поттикнеме родителите на деца со попреченост од земјава да не отстапуваат од намерите за иницирање и донесување промени во рамките на системот за поддршка на ранливите семејства.
Вториот форум „(НЕ)Пристапен град“ со учество на организации од Македонија, Шпанија и Полска и лица со попречености, ја постигна целта да се истакнат позитивните пракси во и надвор од земјата, кои би служеле како можност за мотивација на надлежни организации, како нашата, но и да се даде поддршка на лицата со попреченост да заземаат проактивно учество во создавањето поголема пристапност на јавните површини, институциите, како и јавниот транспорт.

Годинава направивте своевидно ребрендирање на фестивалот. Какви се понатамошните планови за активности на здружението „Икуалити“ и подготовка на следниот „Инфјужн“?
– Оваа година е нашиот четиригодишен јубилеј (зошто да не?). Визијата на фестивалот ја надополнивме со мисијата да ги инспирираме сите, да повикаме на учество во неодолива интеграциска магија, наместо да досадиме со сè почесто злоупотребениот збор „инклузија“. Наместо да сме дел од оние што креираат ѕидови, одлучивме храбро и непоколебливо да ги уриваме симболички и да се поставиме како создатели на мостови што поврзуваат. Да се обележиме како епицентар на креативната моќ на сите, не ограничувајќи се во нашите соништа. А, сонувавме интензивно, креиравме волшебни созданија, ги намамивме дури и оние што имаат најизострен вкус и животен стил.
Најпосле, овој фестивал низ 50 настани, на пет локации, во пет тематски денови, создаде одржлива платформа за младите, како столб за подобро утре. Како ИНФУЗИЈА која низ нашата крв дозира интеграциска фузија, продирајќи длабоко во нашите гени, соединувајќи деца и млади, кои со непокор ќе градат модел на здраво општество за сите. Како ехо што ќе одекнува во универзумот, водејќи го човештвото кон светла иднина!
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 286, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22.6.2025)