Фото: Приватна архива

Интервју со Филип Поповски, маратонец: Трчав покрај Кипчоге, незаборавен е финишот пред Сиднејската опера

„Маратоните се можеби единствените спортски натпреварувања каде што буквално се натпреваруваш со најдобрите. Без разлика на статусот – аматер или професионалец – сите сме на иста патека“, вели Филип.

Филип Поповски, долгогодишен маратонец од Скопје, учествуваше на првото издание на маратонот во Сиднеј како дел од светската маратонска елита. Покрај маратонските трки, тој беше делегат поставен од УЕФА на дури шест натпревари на ЕП2024, вклучувајќи го и финалето меѓу Шпанија и Англија.

Во интервју за „Слободен печат“ зборуваме за предизвиците, деветте маратони зад себе, трката како незаборавно искуство…

Кога и како одлучи дека ќе учествуваш на маратонот во Сиднеј?

– Во 2023 година за првпат отпатував во Австралија на ФИФА Светското фудбалско првенство за жени, каде што во деновите што ги поминав таму имав можност рекреативно да трчам низ улиците на Сиднеј. Тогашниот маратон беше за неколку недели и ми беше жал што не можев и јас да бидам дел од него. Патеките околу пристаништето, операта и мостот што ги спојува двата брега се прекрасни за уживање додека трчаш. Уште тогаш си реков: „Јас тука ќе трчам на маратон, па што сака нека биде.“

Подоцна маратонот во Сиднеј беше избран како седми маратон од светската класа на маратони и организаторите објавија лотарија за пријава, на која се пријавив.
Во јануари добив известување дека сум избран да учествувам. На почеток не можев да поверувам, но кога возбудата спласна, морав да се фокусирам на организацијата, за која навистина се потребни сериозни ресурси – и човечки и материјални.

Фото: Приватна архива

Како изгледаа подготовките, дали имаше момент кога си помислил: „Што ми требаше ова?“

– Ова за мене беше деветти истрчан маратон, а вкупно седми меѓународен. Подготовките беа слични како и за сите претходни, со исклучок на временските услови. Најдолгите дистанци требаше да ги трчам во Скопје или каде и да се наоѓав, но на високи температури и во раните утрински часови. Тоа беше вистински предизвик, но и задоволство – знаењето дека имам можност да бидам дел заедно со најдобрите и дека оваа шанса ја добивам еднаш беше мислата што ме водеше низ целиот процес.

Си бил дел и од други маратони. Што беше поинакво кај овој, освен што е прво издание во рамките на светската маратонска елита?

– Овој маратон е првиот „мејџор“ што се одржува на јужната хемисфера. Ридестата патека, прекрасните погледи на Сиднеј и неговите знаменитости ги оставаат трчачите без здив. Многумина се фотографираат додека трчаат, а луѓето со нивната енергија кои навиваат и нè поддржуваат во должина на целата патека го прават маратонот уникатно доживување. Финишот пред Сиднејската опера е посебно возбудлив. Сиднеј и Нов Јужен Велс навистина се потрудија да се прикажат во најдобро светло и да ги пречекаат сите вљубеници во трчањето.

Од вкупно 35.000 маратонци, околу 7.000 дојдоа специјално за да го завршат својот седми „мејџор“. Возбудата ја почувствував уште на аеродромот во Истанбул, три дена пред трката, каде што 75 проценти од патниците во авионот за Сиднеј беа маратонци. Истото беше и на враќање. Прекрасно е чувството да си дел од ваков мега-настан – добиваш чувство на припадност.

Фото: Приватна архива

Каква беше атмосферата пред стартот? 35.000 луѓе, елитни тркачи, нова патека – што ти се вртеше низ глава?

– Илјадници луѓе се движеа кон станиците за метро и воз, а потоа кон огромен парк каде што секоја група го очекуваше својот старт. Утрото беше студено и цело време се обидувавме да се загрееме пред излегувањето на стартната позиција.
Стартот беше поделен на неколку групи – елитните тркачи настапија први во 6:30. Секаде имаше музика, диџеи, водители, огномети – сè за подигнување на духот и создавање беспрекорна атмосфера. Сите бевме толку возбудени што мислевме дека ќе „летаме“ по патеката.

Трчаше на иста трка со Кипчоге и Шифан Хасан. Дали имаше момент кога си рече: „Чекај, навистина ова се случува?“

– Маратоните се можеби единствените спортски натпреварувања каде што буквално се натпреваруваш со најдобрите. Без разлика на статусот – аматер или професионалец – сите сме на иста патека. Без лажна скромност ќе кажам: да, трчав со нив. Организаторот ги претстави Кипчоге и Хасан на специјален настан пред Операта, два дена пред трката, на кој присуствував. Тогаш првпат си реков: „Навистина ли е ова реално?“

Додека трчавме, околу 15-тиот километар се разминав со Шифан Хасан и тогаш си потврдив – да, реално е, тука си. Нејзината појава предизвика бурни реакции кај сите и ни даде дополнителен мотив.

Фото: Приватна архива

Што беше најубавиот момент од целото патување?

– Секако – самата трка, но и активностите пред и по неа. Имаше чувство на возбуда и припадност за време на целиот престој. Се дружев со луѓе буквално од целиот свет што ја делат истата пасија – трчањето. Многумина беа изненадени што сум дошол „на крајот на светот“ само за неколку денови.
Во времето што го имав на располагање се обидов да разгледам што е можно повеќе, но и да направам агенда за следното доаѓање со семејството. Посебно ќе го издвојам часот по сурфање на плажата Менли – изненадување од моите роднини. Тоа претпладне со даската и океанот ми даде неверојатна енергија што ме држеше дури и на патот назад кон Скопје.

Како изгледа еден работен ден кога си делегат на Европско првенство?

– Деновите пред и за време на натпреварот се исполнети со однапред планирани активности. Мојата улога е следење на сите процеси поврзани со натпреварот од спортски и безбедносен аспект. Како делегат сум продолжена рака на УЕФА и ФИФА со одговорност да донесувам одлуки на самото место или да ги информирам повисоките органи. Нашето согледување има директно влијание врз можни дисциплински постапки.

Предизвиците се големи, особено безбедносните, бидејќи културите се различни низ Европа. Последниот натпревар што го имав беше меѓу Хрватска и Црна Гора, освен пиротехника на трибините, сè помина во најдобар ред.

Фото: Приватна архива

⁠Имаше можност да бидеш делегат на шест натпревари, вклучувајќи и финалето. Како изгледа однатре еден таков спектакл?

– Тоа е искуство што ќе го паметам цел живот. Благодарение на ФФМ и УЕФА ми беше укажана доверба, врз основа на искуството што го имам, да бидам дел не само од првенството туку и од финалниот натпревар. Целиот настан е огромна машинерија, се игра во повеќе градови, секој со свој тим за организација.

Јас бев делегат на Олимпискиот стадион во Берлин. Секој одигран натпревар беше подготовка за финалето. Тимот броеше повеќе од 300 луѓе. Исполнувањето на обврските беше предизвик, но и мотив сè да биде завршено совршено. И успеавме – без ниту еден инцидент. Добро завршената работа е промоција не само за мене, туку и за ФФМ и Македонија.

Седеше покрај Рајан Рејнолдс, се запозна со принцот Вилијам… Какво е чувството да бидеш опкружен со светски ѕвезди ?

– На вакви натпревари тоа е нормално. Кога почнував, ми требаше време да се навикнам дека опкружувањето со славни личности е дел од реалноста. Но важно е да останеш професионален и да ја извршуваш функцијата – не да трчаш по селфи. Покрај нив таму беа и Хју Џекман, Рами Малек, турскиот претседател Ердоган, многу фудбалски и тренерски легенди. Рајан и Хју правеа промоција на филмот „Дедпул и Волверин“, чиј трејлер делумно беше снимен на стадионот. Беа супер опуштени и расположени за разговор, особено откако Рајан раководи со клубот Врексам од Велс.

Фото: Приватна архива

Кој е Филип надвор од спортот, што те исполнува во секојдневието?

– Јас сум семеен човек, татко на две прекрасни деца, голем љубител на фудбалот и лојален навивач на македонските репрезентации и на Манчестер јунајтед. Сестран сум, ме исполнуваат многу работи: патувања, запознавање нови средини и луѓе, читање, музика, концерти и фестивали, изучување странски јазици, секојдневно возење велосипед.
Она што најмногу ми пречи е нехигиената во градот и државата, како и недостигот на колективна свест. Секое патување надвор ми покажува колку малку ни недостасува за да се подобриме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот