
Интервју со Елизабета Баковска: Игор Исаковски беше вечен бунтовник против конвенциите
Во слава на поетот Игор Исаковски (1970-2014), на 55-годишнината од неговото раѓање, на 19 септември, во „Буква“, издавачката куќа „Или-или“ организираше промоција на книга со негова собрана поезија со наслов „Совршен поет“, а уредничка на книгата е Елизабета Баковска.
Препорачано
Бунтовниот поет, плоден писател, неуморен преведувач, уредник и издавач, Игор Исаковски (1970-2014), во својот краток живот зад себе остави обемно книжевно творештво. Со фокус на неговата поезија, на 19 септември беше промовирано капитално дело кое за новите генерации носи еден сегмент од творечката работа на Исаковски.
Книгата „Совршен поет“ има 700 страници собрана поезија на еден од најзначајните и најпознати современи македонски поети. Фотографиите во книгата се на Сашо Димоски, дизајнот на корицата е на Марија Смилевска, а графичкото уредување на Светлана Кочовска-Стевовиќ. Книгата излезе во издание на „Или-или“, а уредничка на изданието е Елизабета Баковска.
Што остави Игор Исаковски како поетско наследство зад себе?
– Корпусот поезија што Игор го напиша е огромен, дури и за оние 23 години во кои активно пишуваше и објавуваше. Затоа, уште во поговорот на збирката „Дека да“, што излезе постхумно во 2015 година, напишав дека од некого поезијата капе, но од Игор извираше. Во периодот од 1992 до 2015 година, издадени се 12 збирки негова поезија, од кои едната („Светлината ве чека на рецепција“, 2013) е избор од неговата поезија, а едната („Небо“,1996, 2000) е само електронско издание, кое подоцна е повторно објавено како една книга со збирката „Вулкан, земја“ (2010). На секоја своја книга поезија ѝ пристапуваше како на проект, додаваше, одземаше, дополнуваше и ја објавуваше тогаш кога конечно ќе беше задоволен од неа како целина.
Освен она што го има издадено како збирки поезија, Игор постојано објавуваше песни по социјалните мрежи, а имаше и навика да им праќа новонапишани песни на свои пријатели, како на први читатели.
Во оваа книга, решивме да ги собереме оние песни што тој ги објавувал како книги, следејќи го хронолошки нивното објавување. На тој начин, го почитувавме и неговиот избор – иако имавме пристап и до дел од она што им го испраќал на пријатели, тоа не го вклучивме во книгата, затоа што и тој решил да не го вклучи во своите книги. Направивме само една мала отстапка со две песни што беа објавени само на социјалните мрежи. Но, тие се толку познати и веќе на некаков начин објавени од него, што беше логично и потребно да бидат и во оваа книга. Така, дојдовме до бројката од некои 560 песни на некои 700 страници.
Што во практична смисла значеше собирањето на книгите, во однос на авторските права и дозволата за реобјава на сите негови стихозбирки?
– Децата на Игор ги имаат авторските права на неговото севкупно творештво. Тие и неговото семејство дозволија неговата поезија да се реобјави во ваков формат и мислам дека ја донесоа вистинската одлука, затоа што вака неговото дело станува полесно достапно за поширока читателска публика. Што се однесува до самиот процес на собирање на песните, семејството ни ги даде оние што ги имаше во електронска верзија, а останатите се скенираа (од книгите што ги имавме дома) и потоа се подготвуваа за печат во новиот формат.

Зошто се одлучивте како наслов на книгата да ја употребите синтагмата „совршен поет“?
– Насловот на оваа книга, всушност, е цитат од последниот стих на песната „Додека мочав во домашниот тоалет“ (од збирката „Ноќта е најтемна пред разденување“, 2009) на самиот Игор. Во песната од која е преземена оваа синтагма таа е иронична референца на една современа категорија политички коректни, фестивалски познати, естрадни поети со ограничена поетска продукција.
Во нашиов наслов, пак, решиме оваа синтагма да ја „очудиме“. Така, епитетот „совршен“ овде ја има онаа будистичко-филозофска смисла во која често го користел битникот Џек Керуак (Jack Kerouac), т.е. момент на просветлување, на зголемена, виша свест или на појасно разбирање за светот и за себеси.
Иако Игор во книгата „Blues говорница“ вели дека „никој не е совршен, зашто никој не е слободен“, сепак, со својот постојан стремеж кон појасна и подлабока интроспекција и со својата постојана потрага по целосна креативна слобода, тој сосема го заслужува овој наслов.
Во Вашиот поговор истакнувате дека „препрочитувањето на поезијата на Игор беше еден долготраен, тегобен и мачен, но едновремено и неверојатно просветлувачки процес, едно од оние животни искуства што некако го менуваат човека“. Со каква мисија се посветивте на уредувањето на книгата?
– Уредувањето на книгата, односно повторното читање на поезијата на Игор, овој пат во целост и хронолошки, песна по песна и книга по книга, беше навистина едно чудесно искуство. Од една страна, поради личното пријателство со него, читањето беше и отворање на еден портал кон други времиња и оживување на редица сеќавања. Затоа беше и емотивно и мачно и налагаше одвреме-навреме да подзастанам за тие сеќавања да ги сталожам, па да можам да продолжам понатаму.
Од друга страна, токму тоа присеќавање на сериозноста, на посветеноста и на студиозноста со која работеше Игор наложи и огромно чувство на одговорност кон претставувањето на неговото дело и се трудев притоа да нема пропусти. И, на крај, од трета страна, просветлувачкиот момент е оној во кој сфатив дека ова е ретка можност на едно место да се види и целосниот творечки развој на еден одличен поет. За луѓето што не го познаваа Игор, ова е можеби и најинтересниот аспект – одблизу да се следи еден школски пример на творечко созревање на еден поет, од младешки потенцијал до зрел и стежнат стих.

Во книгата има и поговор од професорката Елизабета Шелева и по една песна од Амир Ор и Јовица Ивановски. Какво место зазема поетското творештво на Исаковски во современите книжевни текови кај нас, 11 години по неговата смрт?
– Тој е секако читан и сакан, и од публиката и од критиката (барем од онаа критика што има аспирации да биде сериозна). Сосема друго прашање е што подразбираме под современи книжевни текови кај нас, зашто често не можеме јасно да ги видиме нештата од прашината што се крева околу нив. Времето е најчесто најдобриот лакмус за квалитетната книжевност и уметност, во поширока смисла.
Поезијата на Игор сите овие години се врти во читателските простори околу нас, а објавувањето на оваа книга наиде на голем интерес и на позитивни реакции. Луѓето често ги цитираат и ги споделуваат неговите стихови. Тоа ме радува и сметам дека дури нема ни некоја посебна потреба од дополнителни напори за канонизирање.
Како уредничка на „Блесок“, со Игор соработувавте на повеќе полиња. Каков беше како соработник, како човек и како поет?
– На промоцијата на книгата реков дека и по толку години и по толку работи кажани за Игор, сè уште има нешто ново да се каже. Тој беше многу комплексен лик, со интензивен карактер. Беше емотивец што лесно се зближуваше со луѓето, а уште полесно влегуваше во расправии со нив. Патуваше и имаше пријатели од секаде, а сепак беше осаменик. Беше космополит, но имаше и јасна национално-јазична свест.
Кога зборував за Игор кажав и дека беше голем поврзувач и премостувач – сакаше да соработува со луѓе, да создава и да учествува во поголеми проекти – впрочем и „Блесок“ е еден таков проект. Беше голем и неуморен читател, искрено ја сакаше книжевноста: со ентузијазам ја фалеше добрата книжевност, а отворено ја критикуваше лошата. Неговиот алтруизам и свест за колективното добро често претежнуваше пред неговиот (за еден творец неизбежен) егоцентризам.
Во сè што твореше (проза, поезија, превод), Игор беше прецизен пишувач и уште попрецизен читател и на своето писмо и на писмата на другите. Беше исклучително вреден, речиси неуморен, пишуваше деноноќно. Беше брз и обилен во пишувањето, а сепак темелен перфекционист, со особена свест за потребата од зачувување и збогатување на јазикот. Поезијата ја гледаше не како луксуз или разонода, туку како неопходност, насушна потреба за понатамошно преживување, збогатување и развој на јазикот на кој е напишана.
Со Игор не беше лесно да се соработува, како што не е лесно да се соработува со луѓе што ретко прават компромиси со својот вредносен систем. Како и сите што го познаваа, некогаш се согласував со него, а некогаш се расправав – за концепти и за идеи, но и за конкретни луѓе и ситуации, за тоа дали некоја книга е добра или лоша, дали нешто треба да се објави или не. Би рекла, расправии што се апсолутно неопходни за развојот на секој критички ум.
Според современиците Игор беше „поет на новиот век“. Каков патоказ за помладите генерации се бунтовните дух и поезија на Игор Исаковски?
– Игор беше вечен бунтовник против конвенциите, против супремацијата на каноните, против површноста, малограѓанштината и хипокризијата. Оваа бунтовност комуницира и со новите генерации, тоа е дух со кој помладите генерации лесно се идентификуваат. Верувам дека неговите стихови и за многумина од генерациите што допрва доаѓаат ќе бидат еден алтернативен и поблизок влез во поетското писмо, дека ќе ги инспирираат повеќе и подлабоко да читаат, поостро да размислуваат и на крај, и посуштински да создаваат.
Ненад Стевовиќ: Новите генерации беа главната искра за идејата да се објави книгата „Совршен поет“

Од каде се појави и колку долго тлееше идејата за објава на комплетното поетско творештво на Игор Исаковски во една книга?
– Уште пред три години помислив за потребата од едно вакво издание, неговите поетски книги ги снемуваше од продажба, а се појавуваа млади луѓе од новите генерации што допрва го откриваа Игор и да, токму тие нови генерации беа главната искра за оваа идеја. Се јавив кај семејството на Игор, им кажав дека неговиот 55-ти роденден би сакалe да го одбележиме со едно вакво издание, што беше пречекано со безрезервна поддршка токму „Или-или“ да застане зад тоа.
Знаевме дека Елизабета Баковска беше многу значајна личност во животот на Игор, како пријателка, соработничка, познавач на неговата поезија и прва читателка на неговите творби и со Бети многу лесно и природно се поврзавме околу оваа идеја. Соработката околу оваа книга и околу нејзината презентација одеше многу мазно и со полно разбирање, што резултираше и со убава книга и со убава презентација на 55-тата годишнина од раѓањето на Игор, на 19 септември во „Буква“.
Каков издавачки потфат беше објавата на книгата „Совршен поет“ со комплетното поетско творештво на Игор Исаковски?
– Мислам дека едно вакво издание се појави во вистинско време и ќе претставува книжевен паметник за една многу значајна и оригинална појава во македонската книжевност и култура.

Во каков амбиент и со какви емоции помина промоцијата на книгата?
– Одбележувањето на 55-тата годишнина од раѓањето на Игор на 19 септември во „Буква“ беше разновидно и потсетувањето на Игор беше топло, емотивно и достоинствено. Таму беа неговото семејство и неговите многубројни пријатели и почитувачи, а она што многу радува беше присутноста и на многу млади. Неговата поезија ја читаа и неговите современици Јовица Ивановски и Тихомир Јанчовски, но и младите поети Ивана Јовановска и Андреј Медиќ Лазаревски, а беше прикажан и краток филм за Исаковски од Сашо Димоски.
Ние уште со најавата на ова издание ја почувствувавме возбудата и убавата енергија што се создаде, а реакциите на ова издание се навистина одлични. Многу сме задоволни и од книгата и од вечерта во „Буква“ посветена на Игор Исаковски.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 300, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.9.2025)