Фото: Приватна архива / Leslie Szimigielski / Vincent Frair

Интервју со Душица Шалева, моден креатор: Фросина Кулакова сонуваше за ревија, чест ми е што ќе се оствари на пистата во Белград

Македонската дизајнерка и стилистка Душица Шалева, креаторка на висока мода во Париз и соработничка на светски познати имиња, ќе учествува на „Топ модел Европа Балкан“ (Top Model Europe Balkan) во Белград.

Настанот ќе им овозможи на македонските модели професионална видливост и интернационална кариера, а посебен момент ќе биде постхумната трибјут ревија на талентираната дизајнерка Фросина Кулакова, чија колекција постхумно ќе биде презентирана пред регионална публика.

Што значи за македонската модна сцена и за целиот регион тоа што финалето на „Топ Модел Европа Балкан“ ќе се одржи во Белград?

– Ова е прва година во која „Топ модел Европа“ организира кастинзи на Балканот. „Топ модел Европа“ е најголемиот и најпрестижниот моден натпревар во Европа, со околу 25.000 пријави годишно. Белград го одбрав како домаќин затоа што е главен град на поранешна Југославија, а според мене, сите балкански земји треба да се поддржуваме и да соработуваме. Верувам дека нашите кандидати и дизајнери ќе добијат многу поголема видливост преку настанот во Белград, кој е сепак метропола што нуди силна медиумска покриеност и широка поддршка од естрадата.

Фото: Приватна архива

Како беше направен изборот да настапат токму 20 македонски модели на овој голем натпревар?

– Кандидатите поминуваат низ неколку етапи пред да стигнат до финалето. Првите кастинзи започнаа во октомври 2024 година, а на секоја етапа има елиминации. По првиот кастинг следува професионална фотосесија со јавно гласање, а потоа полуфинале, на кое учесниците посетуваат интензивни обуки за манекенско одење. По полуфиналето, регионалното жири и комисијата од Брисел, каде што е основан натпреварот, гласаат и ги селектираат најдобрите кандидати. При изборот се оценуваат одењето, фотогеничноста, дисциплината, однесувањето и мотивацијата. „Топ Модел Европа“ бара личности со карактер, харизма и силна волја за успех.

Фото: Leslie Szimigielski

Како ја гледате важноста на овој настан во промоцијата на младите таленти од Балканот на европско ниво?

– Овој натпревар претставува голема можност за младите таленти да направат прв чекор во модниот свет – да стекнат прво искуство, обука и видливост. Победниците, заедно со дел од фаворитите, ќе заминат за Брисел, каде што ќе се натпреваруваат на европско ниво со учесници од уште 15 земји. Нашата цел е токму победниците и фаворитите да ги поврземе со модни агенции што ќе им ги понудат првите професионални договори и ќе им помогнат да ја започнат својата меѓународна кариера.

Фото: Leslie Szimigielski

Особено е предизвик што ќе има постхумна трибјут ревија на Фросина Кулакова. Како се одлучивте токму нејзината колекција да биде дел од овој настан?

– Фросина беше голем талент и секогаш сум била воодушевена од нејзините цртежи. Нејзиниот сон беше да има своја ревија и за мене е чест што можам да го остварам тој сон, овозможувајќи ѝ ревија на финалето на „Топ модел Европа Балкан“. Нестрпливо очекувам да ги видам финалистките како чекорат по пистата во нејзините креации. Уверена сум дека талент како нејзиниот ќе живее вечно преку нејзината уметност.

Фото: Leslie Szimigielski

Дали постои некоја посебна врска или спомен што сакате да го споделите, имајќи предвид дека и двете сте од истото место – Неготино?

– Да, Фросина ја познавав од мали нозе, таа беше братучетка на една од моите најблиски другарки од детството во Неготино. Сакам да потенцирам дека ревијата на Фросина ќе биде исто како и на сите други дизајнери, а финалето е, пред сè, свечен и радосен настан што ќе ја стави во вистинска вредност нејзината колекција.

Фото: Vincent Frair

Кога и како ја откривте вашата љубов кон модата и дизајнот?

– Уште од самото детство силно ме привлекуваше уметноста. Наместо да си играм со другарките, со часови знаев да поминувам сама, цртајќи и кроејќи фустанчиња за моите кукли. Со голема љубопитност ги следев модните канали како „Фешн ТВ“ и со задоволство посетував уметнички изложби. Така постепено ја открив својата љубов кон модата и дизајнот, која подоцна прерасна во моја животна професија.

Фото: Vincent Frair

Кои беа најважните чекори што ве одведоа до тоа да станете успешен моден креатор во Париз?

– Дисциплината и упорноста беа клучни во мојот пат. Кога ќе си зацртам цел, никогаш не се откажувам додека не ја постигнам. На почетоците не работев секогаш за финансиска добивка – често подарував креации само за да стекнам видливост, соработував бесплатно на различни проекти и присуствував на секој можен настан. Верувам дека нема „мало“ познанство, бидејќи секоја личност може да донесе нова визија, инспирација и контакти. Најважно од сè е да се има доверба во себе – тоа е основата за секој успех.

Фото: Vincent Frair

Како се справувате со предизвиците кога ви ѕвонат на полноќ за стилизирање познати личности и светски ѕвезди?

– Со текот на времето овие ситуации станаа дел од моето секојдневие и професионален живот. Соработувам со многу модни салони и дизајнери што ми излегуваат во пресрет и ми позајмуваат креации во последен момент. Секогаш, според уметничката насока и потребите на клиентот, предлагам или мои уникатни модели или внимателно селектиран стајлинг од други дизајнери. А кога располагаме со доволно време, цртаме и реализираме нешто специјално и персонализирано за нив.

Фото: Приватна архива

Кои се Вашите најголеми амбиции и модни достигнувања?

– Мојата цел е „Топ модел Европа Балкан“ да стане препознатлив и популарен на Балканот, исто како што веќе е во Европа. Сакам да им помогнам на младите таленти да започнат и да изградат регионална и интернационална кариера, да се запишат во реномирани агенции и да имаат можност да прошетаат на светките писти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот