
Интервју со дипломатот, поет и писател, Милан Јазбец: По вокација и во душа сум новинар
Дипломатот Милан Јазбец како амбасадор на Словенија во 2016 година дојде во Македонија, а во 2020 година си замина од Северна Македонија, но со неговите книжевни појави и лични посети се чини дека постојано е присутен во нашата држава.
Препорачано
Секогаш е убаво кога ќе сретнете личност од која имате многу што да научите. Со дипломатски речник, но и со поетска вдахновеност, разговорот со поранешниот амбасадор на Словенија кај нас, Милан Јазбец, течеше лесно и елегантно. Темите за разговор беа многубројни и главно се движеа околу две оски – дипломатската и книжевната.
Во текот на својата дипломатска мисија тука Јазбец беше ангажиран амбасадор на пријателска земја, каква што е Словенија, и почесто фокусот го ставаше на дела, а не на зборови. Од друга страна, зборовите веројатно ги чувал за објава во некоја од неговите книги. Дури и самиот е изненаден како се случило од 36 книги, колку што имал објавено пред да дојде на мисија во Македонија, деновиве да стигне до речиси 70 објавени книги. Неговата најнова книга беше повод за нашата средба со дипломатот, поет и писател Милан Јазбец.
Конкретен повод за средбата со Вас е книгата што ја објавивте за македонскиот новинарски бард Свето Стаменов. Какво е Вашето познанство со Стаменов и како се случи излегувањето на книгата?
– Со Свето Стаменов се запознавме на почетокот на 2017 година, во период кога бев амбасадор на Словенија во Северна Македонија. Тој дојде кај мене како новинар да направи интервју. Веднаш се создаде хемија, остваривме добар контакт, имавме многу заеднички интереси, а и генерациски сме многу блиску. Нашата соработка продолжи, а потоа се појави мојата поетска книга „Сјајна ѕвезда со лавовска грива“ во издание на „Матица македонска“, во која беа поместени преводи на мои песни на седум јазици што се запишани во македонскиот Устав. Потоа се појави и книга за мене со различни прилози за мојата работа тука, а идејата ми ја даде Раде Силјан. Подоцна се појави и идејата за моја книга за Свето Стаменов. Основа на идејата беше нашата заедничка соработка како двајца новинари, бидејќи себеси не се сметам за типичен амбасадор. Потоа ги собравме сите прилози, ја уредив книгата и напишав долга воведна студија за Свето Стаменов.

Идејата за насловот „Поклон пред бардот на македонскиот журнализам: Свето Стаменов“ е моја. Тој малку беше скептичен за таквиот наслов, убедувајќи ме дека е премногу силен, но во мојот воведен текст емпириски аргументирав на што мислам под терминот бард, што е новинарство а што е журнализам, како еден вид надградба на новинарството. Журнализам е кога како новинар многу повеќе ќе се фокусираш на настаните, луѓето и на рефлексиите врз животот. Проектот за објавување на книгата е уникатен и мислам дека со сето она што досега Свето Стаменов го направил навистина ја заслужил оваа почест. Со неговите повеќе од 3.000 интервјуа со околу 700 соговорници во последниве 30 години станува збор за „магна опус“. Со таков опус можеа да се пофалат Оријана Фалачи или Лари Кинг. Тоа е категоријата во која Стаменов припаѓа во нашите словенечки и македонски околности. Токму тоа сакав да го кажам со насловот, дека не станува збор за „некој новинар“, туку за вистински бард на журнализмот, кој своите интервјуа ги објавувал во многубројни книжевни изданија.
Вообичаена практика е новинар да објави книга за дипломат, но тука имаме ситуација дипломат да објави книга за новинар. Што беше пресудно за оваа инверзија?
– Тоа е наша иновација, а до неа дојде многу спонтано. И многу сум среќен што дојде до тоа. Всушност, по вокација и во душа и јас сум новинар. Тука ќе раскажам една анегдота. Јас никогаш не сум размислувал дека ќе бидам дипломат. Дипломатијата воопшто не ме интересираше. Тоа не е само фраза. Во научна смисла се обидував да развијам социологија на дипломатијата, како една нова научна дисциплина. Во воведот на словенечкото издание на една моја книга на оваа тематика напишав дека дипломатијата никогаш не ме интересирала. Сакав да бидам новинар од четвртото одделение во основното училиште. Подоцна станав новинар и долга низа години работев како новинар, и професионално и хонорарно. Тој новинарски стаж остана во мене и многу ми помогна во мојата дипломатска и амбасадорска кариера, во смисла да препознаам некоја тематика, брзо да ја напишам депешата и веднаш да ја испратам. Новинарството ми помогна и со искуствата во јавниот настап.
Во последниве дваесет години сме сведоци на јавна дипломатија. Тоа значи дека амбасадорите мораат да даваат интервјуа и да имаат настап пред јавноста. Тоа не е едноставно за занает што обично е затворен и кој често се одвива „зад завесите“. Затоа новинарското искуство ми помогна во дипломатската работа. А ми помогна и при подготовката на книгата за Свето Стаменов.
Новата книга не е прва соработка со Стаменов. Претходно ја објавивте заедничката книга „Скопски разговори“. Како се случи таа книга?
– Тоа беше нашата прва иновација. Идејата беше на Свето, а се појави по завршувањето на едно интервју. Тој ме праша дали сите интервјуа што сме ги направиле да ги стави во една книга? Мене прво ми беше чудно, но потоа сфатив дека на тој начин сите интервјуа ќе бидат зачувани на едно место. Во книгата се објавени 30-ина разговори што сме ги направиле со Свето за програмата на Македонско радио – Радио Скопје. Во интервјуата разговаравме на многу тематики, за македонски и светски тематики, за политика, наука, култура, уметност. Кога сето тоа го собравме на едно место сфативме дека таа книга е еден вид дипломатски дневник на демократската трансформација на Северна Македонија од изборите во 2016 година до летото 2020 година. Не знам дали постои некоја слична книга, бидејќи позната практика кај светските политичари или претседатели е тие да разговараат со новинар, кој потоа разговорот ќе го објави во книга која заеднички ќе ја потпишат како автори. Во нашиот случај, новинар правеше разговори со амбасадор, кој исто така е новинар. Тоа е нашата прва иновација. Книгата со „бардот“ беше втората иновација, а двете книги се рефлексија на големи општествени случувања во кои Северна Македонија е во фокус и за кои зборува амбасадор на пријателска држава, кој, пак, истовремено е и новинар и поет и писател и кој во Северна Македонија ја најде својата втора татковина. Тоа не е фраза, бидејќи кога дојдов тука имав 36 книги, а си заминав со 65 објавени книги. Тоа значи дека почувствував силни вибрации и инспирации во македонското општество.

Вашиот амбасадорски мандат тука беше од 2016 до 2020 година, но имате македонски искуства и пред и по мандатот. Има ли некоја специфична причина за тоа?
– Служев воен рок во поранешната држава Југославија во Штип во текот на зимата 1981/82 година и тоа беше моето прво физичко присуство во Македонија (името Северна Македонија се употребува по потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година, н.з.). Инаку, првпат за Македонија слушнав кога беше Скопскиот земјотрес во 1963 година. По завршувањето на мојот амбасадорски мандат одлучив дека ќе доаѓам два-три пати годишно по десетина дена за да се одморам тука, да се видам со блиските пријатели, но и да соберам нови инспирации за работа.
Морам да признаам дека уживам кога сум тука. Многу сме блиски, и Словенците и Македонците и Албанците и Ромите и сите што живеат во оваа држава. Како амбасадор навистина многу работев и бев насекаде низ државата, се запознав со многу луѓе, стекнав многу пријатели. Мислам дека е многу нормално човек да посака да ги одржи тие контакти и понатаму. Пред крајот сум на мојата дипломатска кариера и веќе нема да одам како амбасадор во други држави. Тука беше мојот последен амбасадорски мандат, и мислам дека беше најдобар. Поврзан сум со оваа земја од мојата најмлада возраст, тука бев во војска, бев и амбасадор и целата комуникација во тој контекст сакам да продолжи понатаму. Се сеќавам на едно интервју во кое Зафир Хаџиманов рече: „Секој човек има една сенка, јас имам две“. Тоа е тој контекст што го чувствувам во моите живот и работа.

Не мирувавте ниту за време на ковид-кризата и објавивте три книги со поезија со тематски наслов „Песни од самоизолација“. Со каква инспирација ги напишавте книгите?
– Тоа беше врв во мојата кариера и еден вид збогување со дипломатијата во поетска смисла, и симболички и де факто. Станува збор за трилогија со тематски наслов „Песни од самоизолација“ во која се објавени песни што ги напишав од декември 2019 до јули 2020 година, кога заврши мојот амбасадорски мандат. Песните се пишувани во периодот кога имаше забрана за движење поради ковид-пандемијата, кога во текот на полициските часови улиците беа празни, кога на моменти владееше надреална тишина. Скопје како град со 700 илјади жители во тие моменти ми изгледаше неверојатно. Тоа беа нови и стравични искуства. Во такво време беа создадени песните, кои потоа ги објавивме во три книги: „Капка си, моја капка“, „Кога ова еднаш ќе мине“ и „Ги барам нишките сребрени твои“. Секоја од трите книги е објавена на три јазици, на словенечки и на македонски јазик, првата и на турски, втората и на албански, а третата и на српски јазик. И овие три книги се рефлексија на исклучително големиот и инспиративен потенцијал на македонското општество.
Мене ме фасцинира креативниот и уметнички потенцијал на општеството што ги надминува и македонската стварност и македонската политика. Често се прашував и сѐ уште не сум успеал да најдам одговор на прашањето зошто македонската политика не го зема предвид тој креативен потенцијал? Неколку пати присуствував на изборот на најдобри женски претприемачи и бев фасциниран од успехот на нивните креации. Забележав дека тие жени ги нема во македонскиот политички простор. Затоа мислам дека треба да се ослободат сите потенцијали. Така ја гледам Северна Македонија. Не како држава во постојан политички грч, туку со вклучување на сите свои потенцијали од областа на стопанството, уметноста, културата во општествениот живот. Тоа се обидов да го направам со мојата амбасадорска работа и мисија тука.

Во Вашата личност успевате да споите навидум неспојливи нешта – и новинарство и поезија и дипломатија. Како ги акумулирате сите нешта во себе?
– Мојата прва книга ја направив на мои 5-6 години. Мојот татко работеше во фабрика за хартија во Кршко. Дома често носеше различни формати хартија. Еднаш донесе цел пакет хартија, кој јас го исецкав, нацртав нешто како стрип и листовите ги споив со лим. Така ја направив мојата прва книга! Мојот дедо како најобичен физички работник работел на изградба на железнички пруги речиси дваесет години, но во периодот помеѓу двете светски војни бил единствениот што бил претплатен на дневен весник од тоа време. И секој ден го читал весникот. Нарачуваше и книги во издание на „Прешернова дружба“. Тоа значи дека уште од најмала возраст јас бев во друштво со дневен весник и со книги. Така влегов во животот. Растев во шеесетите години на 20 век, кога експанзија доживејаа поп-музиката, стриповите, радиото, телевизијата. Многу читав книги и слушав музика. Тоа беа условите во кои созреав.
Првата книга ја објавив во 1997 година и беше за дипломатијата и конзуларните односи, а потоа почнаа да се редат моите книги. Кога дојдов во Северна Македонија, почнав да пишувам и песни, прво за себе, но потоа и со објава во книги, бидејќи наидов на плодно тло заради сите инспирации и вибрации што ги почувствував тука. Тоа ме фасцинира. Не знам дали сум почувствувал толку многу креативни инспирации на друго место, освен тука. Тоа веројатно е затоа што тука живеат многу различни етнички заедници и тоа е огромен потенцијал. Кога папата Франциск беше во Скопје во 2019 година, на средбата со дипломатскиот кор и со македонскиот политички естаблишмент рече дека „македонското општество е исклучително богато поради мултикултурноста и мултиетничноста. Тоа е вашето културно богатство. Чувајте го и носете го со вас во Европа“. Мислам дека тоа е најкондензирана порака што го покажува патот на едно општество. Од друга страна, сите знаеме дека општество што е толку хетерогено и толку богато со различности, исто така е и многу чувствително. Затоа чувствителноста треба да се насочи кон креативност, а не во политички игри.
Како лично го исполнувате сопственото време во последниов период?
– Во последниве години навистина се пронајдов себеси во пишувањето книги, во творештвото, во литературата и во професурата. Пишувам многу и за дипломатијата, но и во моите песни има допирни точки со дипломатијата. Не знам како тоа се случи, но за мене дипломатијата, за која никогаш не бев размислувал, во која се најдов и се снајдов, е исто така голема инспирација. Еден мој голем пријател, и еден од најголемите словенечки актери, Деметр Битенц, кој во своите 95 години играше во повеќе од 230 филмски остварувања, еднаш ми кажа: „Монополизирај ја дипломатијата од сите страни“. Тоа значи дека сѐ што правам треба да биде од појдовната точка на дипломатијата. Тоа е моето кредо во дипломатското и во уметничкото дејствување. Но, за да го оправдам тоа кредо мора да поседувам еден вид „божествена креација“. Мислам дека чувствувам таква креација, но тоа значи дека мора постојано да работам. И природата секогаш работи, никогаш не е на одмор. Така и човекот што сака да ја изрази својата најдлабока креација мора секогаш да биде во погон.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 169, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.3.2023)