Интервју со д-р Елена Арсова: Долготрајниот стрес од пандемијата доведува до опаѓање на косата

Освен редовното миење на рацете, носењето маски, дезинфекцијата на телефони и други контактни површини, препорачувам редовно миење на косата, која е потенцијален медиум за пренесување на коронавирусот, вели д-р Елена Арсова, трихолог во „Hair Clinic Beograd“

Доктор Арсова, дали косата, односно влакното е безбедна зона преку која не може да се шири епидемијата?

– Мерките на претпазливост мора да продолжат да се применуваат во иста мера, што значи дека освен неопходното редовно миење на рацете, носењето маски, дезинфекцијата на телефони и други контактни површини, останува мојата препорака и за редовно миење на косата.
Причината е тоа што коронавирусот може да се „закачи“ на влакното и да преживее до неколку денови. Честички од воздухот што го носат вирусот лесно може да паднат и на косата, како што може да паднат и на облеката. Нашата коса често го допира лицето и слузниците на носот, на устата и на очите, па постои потенцијална можност за пренос на вирусот. Иако не е главен медиум за пренос, препорачувам да се внимава и на косата. Доволно е миење на косата со шампон за да се деактивира вирусот и последователно да ја спречиме инфекцијата. Како што сапунот за раце го уништува вирусот на рацете, така шампонот за коса го уништува вирусот на влакното.

Дали секој шампон за коса ќе ја заврши својата функција, во случајот, ќе го „измие“ и вирусот?

– Не постои специјален шампон што ја врши оваа функција. Речиси кој било шампон што го имаме дома е доволен за да го разгради вирусот на влакното. Состојката во шампоните која го уништува вирусот е СЛС (содиум лаурил сулфат) и речиси секој шампон ја содржи. Но, препорачувам да се прегледа составот на шампонот за да се потврди состојката СЛС, затоа што одредени брендови на шампони го заменија СЛС со понежна состојка.

Фризерските салони се вратија на нормалната динамика на работа. Сметате ли дека не смееме да се доведеме во ситуација да го ризикуваме здравјето поради желбата да имаме средена фризура?

– На големо задоволство на сите, фризерите почнаа да работат и конечно можеме да си ја вратиме формата и сјајот на косата. Мерките на претпазливост, според моите сознанија и директното искуство што го имам овде во Белград, фризерските салони ги применуваат, па се чувствувам безбедно кога ќе отидам на фризер. Бројот на клиенти кои се примаат во салоните треба да е ограничен и добро да е контролиран распоредот на клиентите. Прозорците треба да се држат отворени и често да се проветрува, со што се овозможува струење на воздухот и исфрлање на честичките надвор од просторијата. Миењето на косата секако фризерите го вршат уште пред да почнат да работат, со што се уништува вирусот на влакното. Дезинфекцијата на рацете и на обувките при влез во фризерски салон е неопходна. Препорачувам задолжително носење маска, затоа што феновите ги разнесуваат воздушните честички насекаде. Доколку заразен со коронавирусот е во фризерски салон, лесно може да се шири вирусот. Меѓутоа, моето мислење е дека фризерските салони навистина ги применија мерките на заштита и ги почитуваат. А, останува и на нас да се грижиме и да ги применуваме мерките.

Од карантинот што го наметна пандемијата се наталожија килограмите, но дали овој период предизвика негативни влијанија и кај Вашите пациенти, кои имаат проблеми со косата?

– Во тек на карантинот имавме многу екстремни промени во нашите редовни животни навики и активности, кои оставија последици на различно ниво. Јас во мојата клиника во Белград веќе еден месец работам, па ги гледам секојдневно промените што се јавуваат на косата и на скалпот на пациентите. Исхраната беше малку покалорична и помрсна во текот на овие месеци, па се зголеми мастењето на скалпот и мрсниот првут. Затвореноста во нашите загреани простории исто така влијаеше врз дехидратација на скалпот, на дисбаланс на хидролипидниот слој и на појава на сув перут. Соодветни медицински шампони за првут многу брзо го решаваат овој проблем.

Доктор Арсова, што конкретно во овие два месеца на полузатворен начин на живеење направи најголем проблем во контекст на здравјето на косата?

– Голем проблем направи падот на витамин Д, кој најдобро се создава во нашето тело кога сме на сонце. Поради карантинот, нашата изложеност на сонце беше значително намалена. Речиси секој пациент по карантинот покажа голем недостаток на витамин Д на лабораториските анализи. Недостаток на витамин Д е една од причините за активно опаѓање на косата. Суплементација на витамин Д е неопходна, но исто така се потребни и стимулативни третмани за раст на косата, за фоликулот на влакното повторно да влезе во активна фаза на раст. Кај пациенти што веќе имаат проретчување на косата, недостигот на витамин Д сериозно го влошува проблемот, па само суплементација не е доволна.
Најзначаен фактор што влијаеше врз косата беше стресот што сите го преживеавме. Пандемијата со коронавирусот е ситуација без преседан за нашите генерации, а секојдневно се менуваа многу фактори. Сите имавме огромни промени и адаптации приватно и професионално, а неизвесноста уште повеќе придонесе за хроничен и долготраен стрес. Во вториот или во третиот месец по тежок стресен период косата почнува да опаѓа и јас во моментов секој ден се справувам со пациенти што имаат зголемено опаѓање. Влакното има циклус на раст со три фази, фаза на раст, фаза на мирување и фаза на опаѓање. Во кој било момент, во фаза на опаѓање е околу 10 отсто од косата. Но, во услови на физиолошки или емотивен стрес, 30 отсто од косата може да влезе во фаза на опаѓање, при што забележуваме преку 100-200 влакна на чешлање. Оваа форма на опаѓање се нарекува телоген ефлувиум и мора да се третира. Планот на терапија е насочен кон стимулација на работата на фоликулот, за од фаза на опаѓање повторно да влезе во фаза на раст и да произведе ново влакно. На тој начин изгубената коса можеме да ја надополниме со нова. Третманот со крвна плазма, ПРП третманот е идеална опција во овие случаи.

Дали Вашата работа дозволува онлајн прегледи на косата?

– Моја препорака е полека да се враќаме во нормала и да почнеме со нормалните активности. Но, задолжително е да се почитуваат препораките и мерките на Владата за заштита. Секој од нас сега, како поединец носи одговорност да ги спроведе заштитните мерки. Ние како поединци, не можеме да ја контролираме природата и околностите, но можеме да ги контролираме нашите одлуки и нашите активности. И само така ќе ја победиме епидемијата.
Само со нормализирање на животот и ние како лекари можеме да ја вршиме својата функција и обврски и да пружиме соодветна помош за кој било здравствен проблем. Јас воведов и теле-трихоскопија, преглед на косата на далечина со користење на современата технологија. Но, тој преглед е наменет само за краткорочно водење на случајот.
Во меѓувреме, правилна нега на косата и редовно миење, здрава исхрана богата со протеини и витамини и соодветни стимулативни третмани за раст на косата се неопходни да ги зачуваме здравјето и густината на косата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот