
Интервју со Ана-Марија Бранѓолица за нејзиното научно истражување на баењето: Некои басми претставуваат вистински поетски бисери
Истражувачот Ана-Марија Бранѓолица е магистер на катедрата по книжевност (Филолошки факултет), лектор, долги години е активна во областа на новинарството и односите со јавноста, а преку својата прва книга ни открива еден таинствен свет на народната култура.
Препорачано
Предмет на истражување во научниот труд „Бajaчките обреди како дел од македонската народна култура“ на Ана-Марија Бранѓолица е феноменот на баењето, како интегрален дел од македонската народна култура, а опсервацијата на баењето како магиски обред вклучува детално истражување на обредните постапки и реквизити што ги применува лицето што бае и што раководи со обредот.
– Една од клучните цели во истражувањато на Бранѓолица е да покаже дека баењата претставуваат централна сила во исцелувателската улога, каде што баењето како севкупно истражување има своја логика и своја поетика, па оттука произлегува и главната цел на овој исклучителен научен труд на авторката. Токму затоа, научното истражување на Ана-Марија Бранѓолица заслужува посебно внимание во нашата книжевност и во нашиот простор кај читателите, а особено добива свој простор и за понатамошна дискусија – истакнува промоторот Душко Крстевски.
Книгата е објавена во издание на „Фуснота“, главен уредник е Драгана Евтимова, а дизајнот на корицата го изработи Мите Спасовски. За истражувањето на тајните на баењето детални одговори добивме од авторката Ана-Марија Бранѓолица.
Истражувањето претставено во книгата „Бajaчките обреди како дел од македонската народна култура“ е ретка можност да се дознаат аргументирани факти во оваа област. Со каква намера го направи истражувањето?
– Истражувањето за бајачките обреди го направив со цел мојот магистерски труд, што го одбранив на Катедрата по македонска книжевност, да презентира оригинален и дотогаш невиден увид во една древна исцелителна практика тесно поврзана со моќта на зборовите, што со векови наназад е употребувана на овие простори.
Како постдипломец на Филолошкиот факултет при УКИМ, секако дека главниот фокус на истражувањето го насочив кон лингвистичкиот аспект на бајачките обреди, односно кон тајните зборовни формули – басмите што се употребуваат во рамките на извршувањето на овие обреди, но при пишувањето на трудот, не ги запоставив ни останатите ритуални аспекти.
Лично за мене, овој научен труд претставуваше можност да истражам и да презентирам една таинствена исцелителна вештина што ја доживувам како значаен дел од македонскиот национален идентитет.

Во книгата се посочени теориски и практични (теренски) согледби на овој феномен. Што користеше како литература на оваа тема и како се одвиваа твоите теренски истражувања?
– При изготвувањето на научниот труд ги истражив сите можни пишани извори до коишто можев да дојдам, но би сакала да напоменам дека оваа тема е многу малку научно истражувана и речиси да не постојат пишани извори, бидејќи станува збор за обреди што отсекогаш биле обвиени со тајност. Исто така, реализирав и разговори со луѓе што и денес се занимаваат со овие практики, како и со многу лица што биле подложени на бајачки обреди и со мене ги споделија своите искуства.
Но, пред сѐ, би сакала да напоменам дека јас како појдовна точка и голема инспирација ја имав мојата баба којашто се занимаваше со баење и во својот дом секојдневно им помагаше на луѓе со најразлични здравствени проблеми, претежно на новороденчиња и деца. Јас уште од најрана возраст бев одушевена и буквално фасцинирана со моќта на зборовите што доколку правилно се употребат во рамките на тој ритуален обред, може во голема мера да влијаат врз случувањата во човековиот живот.
Баењето како магиски обред се одвивало уште во древните времиња. На кој начин бајачките ги пренесуваат своите знаења на следните генерации?
– Вештината на баењето и тајните зборовни формули до денешни дни се пренесуваат исклучиво во тесниот круг на семејството, од колено на колено, односно тој член што се занимава со баење го пренесува знаењето на избран претставник од помладата генерација. Криењето на содржината на басмите отсекогаш било гаранција за нивната дејствителност и ефикасност и од тие причини се пренесуваат само на еден член во семејството што се очекува да продолжи да се занимава со ваквата древна народна медицина. Станува збор за комплексен обред каде што зборовите – басмите играат централна улога, но подеднакво значајни се и обредните реквизити.

Колку овој феномен на баење е присутен во современото технолошки развиено општество?
– Сведок сум дека во сите краишта на нашата земја сѐ уште се практикуваат овие обреди и постојат лица што активно се занимаваат со нив. Јас лично како еден вид баење ги доживувам и молитвите, затоа што и тука преку моќта на зборовите упатени кон Бога се обидуваме да предизвикаме одреден ефект, односно исполнување на желбите, заштита и сл. Во последните години сѐ попопуларни се и афирмациите што се употребуваат како алатка при некои практики во психоанализата, а според мене и во овој случај можеме да ја согледаме моќта на зборовните формули што изговорени на одреден начин придонесуваат да се постигне некаков посакуван ефект.
Кои се основните потреби на луѓето да побараат помош од бајачка?
– Во својот научен труд јас ги истражував исклучиво бајачките обреди насочени кон лекување на луѓето, односно оние вербални формули – басми што доведуваат до излекување на одредени медицински проблеми. Во рамките на своето истражување слушнав стотици сведоштва на лица што на овој начин се излечиле од одредени болести, па дури и многу впечатливи примери за исклучително брзо исчезнување на некои несакани здравствени состојби.
Што е басма?
– Басмата е тајна зборовна формула, молитва или заклетва што уште од правремето се употребува при практикувањето на обредите наменети за да се постигне нечие оздравување, односно ослободување од болеста. Преку овие зборови злите сили обично требало да се придобијат, да се оневозможат и да се истераат.
Басмата ја игра централната улога во бајачките обреди и најчесто содржи обраќање кон самата болест или кон нејзиниот ирационален причинител. Таа служи за да ја исплаши болеста и да ја упати подалеку од болниот. Станува збор за моќни вербални формули што ги знае само лицето што го изведува ритуалот.
Како тајни формули засновани главно врз верувањето во магичната моќ на зборот, басмите се блиски до благословите и клетвите. Од една страна, содржат добра желба за оздравување упатена кон болниот, од друга страна, пак, се зла коб – закана упатена кон болеста. Целта на баењата е да се отстрани некоја штета, опасност воопшто, особено болест, а како активности чијашто намена е оздравување на болниот, баењата, всушност, претставуваат, можеби, и прва форма на народната медицина.
На овие простори сѐ уште се употребуваат басми што датираат и десетици векови наназад и речиси воопшто не се измениле од аспект на својата содржина, односно опстојале уште од архаично доба.
Со какви реквизити се извршува баењето во денешното време?
– Она што го забележав во рамките на истражувањето е дека во поруралните и поизолираните краишта најчесто се употребуваат басми без христијански елементи, како и пагански реквизити, додека во поурбаните средини почеста е употребата на христијанските елементи при извршувањето на обредот, обраќањето кон Бога, Богородица и одредени светци.
Реквизитите што се употребуваат во сите краишта и без коишто не се одвива ниту еден бајачки обред се: кација (железна лопатка за жар), нож, вода, сол, а во одредени случаи и крст.
Каква е исцелителната моќ на зборот, според твоите истражувања за бајачките обреди?
– Исцелителната моќ на зборовите е огромна и од правремето зборовите се сметаат за најефикасно средство со коешто може да се постигнат посакуваните промени во човековиот живот. Ова го согледуваме при употребата на благословите и клетвите, како и преку многу други ритуални дејствија што се случувале низ вековите, каде што централната улога ја имаат зборовите.
Најдобар пример на овие простори се додоларските обреди и русалиите, додека во другите земји ги имаме шаманските практики, каде што преку влегувањето во состојба на транс шаманот изговара низа вербални формули наменети да се постигне одреден здравствен бенефит, да се заштити од злото или, пак, да се случат некакви климатски промени што се неопходни за опстојување на заедницата, како што е паѓање дожд по долги периоди на суша и сл.
Значењето и моќта на зборот, како основна алатка преку којашто човекот може да му се обрати на Бога, го согледуваме и во самите молитви што верниците ги употребуваат во своите религиски обреди во сите познати светски религии.

Книжевната фела, особено фолклористите, за бајачките обреди сметаат дека имаат своја логика и своја поетика. Какви се твоите заклучоци во истражувачкиот проект?
– Создавани без естетска намера, басмите првенствено претставуваат сакрален говор, но наедно тие содржат и своја специфична поетика врзана за структурата на текстот, неговата композиција и начинот на јазичното изразување.
Како вербален дел на баењето, басмата претставува посебно организиран говор со стабилна или помалку стабилна структура, со јасно изразена ритмичност и изразни средства карактеристични за поетскиот јазик на баењето. Басмите претставуваат наменска наративна народна поезија (ретко проза) што ги следи мистичните дејствија на бајачите и е во тесна врска со традицијата, митската кодираност и севкупната мисла на древниот човек. Упатена кон болеста или кон демонот што ја испраќа болеста, басмата како еден вид ритуална терапија, наедно може да се чита и како текст што со својата композиција и структура поседува специфична бајословна логика и поетика.
Поетското значење на басмите доаѓа до израз при издвојувањето од примарниот ритуален простор и сместувањето во еден друг рецепциски контекст. Во таа смисла, басмите се поетски творби што настанале со метаморфоза, затоа што естетска вредност добиваат по своето настанување, преку сместувањето во контекст ослободен од нивната утилитарна функција. Ослободена од магиската ритуалност, басмата почнува да зрачи со својата латентна поетска вредност, а во зависност од творечката дарба на лицето што го води обредот, некои басми претставуваат вистински поетски бисери.
Фолклористи – Ана-Марија Бранѓолица е ново име во научната фела
Авторката Ана-Марија Бранѓолица, следејќи го истражувачкото книжевно-теориско искуство на македонските фолклористи: К. Пенушлиски, Т. Саздов, Т. Вражиновски, М. Китевски, Н. Анастасова Шкрињариќ, Е. Лафазановски, К. Петровска-Кузманова, А. Мартиноска, успева да ѝ понуди на македонската наука една исклучително значајна монографија, во чиј центар се бајачките обреди како значаен сегмент од македонската народна култура, но и како прва народна медицина.
– Радува фактот што во фолклористичката и книжевно-теориската наука се појавува едно ново име, како што е Ана-Марија Бранѓолица, која покажува интерес за феноменот на баењето, како интригантен дел од македонската народна култура, коешто на овие простори опстанало до наши дни и кое и денес се практикува на ист начин како во архаичната доба… Оваа книга одамна требаше да ѝ се случи на македонската култура – меѓу другото, пишува проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 297, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-8.9.2025)