фото: facebook/Petar Zaborski

ИНТЕРВЈУ | Петар Заборски: Каратето е дисциплиниран начин на живот, ги изразувам своите чувства, визии и размислувања

– Признанието најдобар каратист и најдобар млад тренер за годината што измина, за мене е еден голем поттик, да продолжам со уште поголем ентузијазам и во годините што доаѓаат – вели Заборски.

Карате федерацијата на Македонија на гала свеченост ги избра најдобрите за 2024 година. Најдобриот македонски каратист, Петар Заборски избран за најдобар каратист на Македонија во борби.

Воедно Заборски беше прогласен и за најдобар тренер во младинска конкуренција. За тоа како почна љубовта кон овој боречки спорт, околу неговите најдобри резултати, колку труд е потребно да се вложи за да се дојде до успех, повеќе прочитајте во продолжение..

Кои се вашите почетоци во каратето, што беше причината да го изберете овој спорт?

– Моите почетоци и мојот прв контакт со оваа древна вештина, започнаа од најмали нозе, поточна од 6 годишна возраст. Причината е добро позната, мојот татко е докажан спортист и тренер во овој спорт, па љубовта кон каратето ја наследив токму од него.

Што за вас претставува каратето, колкав е предизвикот да се биде дел од оваа боречка вештина?

– Каратето за мене е еден дисциплиниран начин на живот, начин на кој јас ги изразувам своите чувства, визии и размислувања. Предизвик за кој вреди да се вложи дел од слободното време, да се откријат сите тајни кои со себе ги носи овој боречки спорт.

На кој клуб сте член, кажете ни нешто повеќе околу вашиот клуб и колку сте задоволни од условите за тренинг?

– Член сум на К.К. Макпетрол веќе долги години, клуб кој негува модерно карате, клуб од кој излегоа многу врвни каратисти, докажани на домашната и меѓународната спортска карате сцена. Клуб кој нуди идеални услови за тренинг и работа, под палката на најдобриот карате тренер и мојот татко Бошко Заборски.

Бевте прогласени за најдобар каратист за 2024 година во борби, што значи за вас ова признание?

– Признанието најдобар каратист и најдобар млад тренер за годината што измина, за мене е еден голем поттик, да продолжам со уште поголем ентузијазам и во годините што доаѓаат, само со добра и позитивна мисла да чекорам по патот кој го истасирав сите овие години, посветени на овој убав спорт.

Кои успеси на домашната и меѓународната сцена ги одвојувате како најдраги?

– Сите освоени награди, трофеи во изминатата година ми се драги, бидејќи во сите нив сум вложил дел од себе и секако дека сите подеднакво ми се драги. Би ги одвоил:

– Бронзениот медал од Серија А натпреварот во Атина-Грција
– Златниот медал на Европската Универзијада во Мишколц-Унгарија
– Високиот пласман, петто место на последното Европско првенство за сениори кое се одржа во Задар-Хрватска

Како течат подготовките и кои се вашите идни цели кои сакате да ги остварите во следниот период?

– Како врвен спортист, професионалец, кој се докажал на многу домашни и меѓународни турнири, ценам дека треба континуирано да се продолжи со подготовките за следните карате збиднувања, а со цел да се освојат уште многу турнири, многу награди, одличја кои се моја идна цел. Ценам дека само со силна посветеност, позитивна мисла и желба, ќе ги остварам моите цели во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот