Ивана Хаџиевска, историчар/Фото: Слободен печат

ИНТЕРВЈУ: Ивана Хаџиевска, историчарка: Да се остави историјата на историчарите е добронамерна, но и површна флоскула

Историчарите, па ни кои било други научници, дури и од емпириските науки не функционираат „изолирано“ од општеството во кое работат и живеат. Затоа, имаме примери кога историскиот курикулум бил користен како „предвоена обука“. Сепак, хуманистичкиот потенцијал на историската наука да истражува и поучува за човечкото и човештвото е далеку поголем од капацитетите на нејзините злоупотребувачи.

М-р Ивана Хаџиевска (26) е претставник на најмладата генерација македонски историчари, која својата досегашна професионална преокупација особено ја наоѓа во истражувањата на улогата и позицијата на жените во македонското општество. Во моментов работи како независна истражувачка на домашни и меѓународни проекти, живее во Битола, а својата професионална инспирација ја наоѓа и во комуникациите со своите врсници и колеги од постјугословенскиот простор.

П: Кога говорите за историската наука, неа ја квалификувате како оптоварена со „патријархален историографски поглед“. Каква е смислата на оваа одредница? Може ли – и дали треба – историјата научно поинаку да се толкува „од женски агол“? Има ли врска тоа со „политиката на меморијата“, односно за она што официјално ќе се реши да се „запамети“, односно да се „заборави“ – дали се жените голема „жртва“ на ваквата историска селекција во паметењето?

– Често кога сакам да размислувам за некој феномен поврзан со човечката смисла и способност за историзација на реалноста, сакам да испробувам различни теоретски тези. Кога при едно истражување посериозно се занимавав со конструкциите на мастер наративите – оние големи колективни приказни што служат за идентификација (најчесто со националното) минато – експлицитно забележливо ми стана доминирањето на „патријархалниот историографски поглед“. Слично како што во теоријата за книжевноста и визуелната нарација постои нешто што се дефинира како „машки поглед“ (male gaze), во кој примарна е машката перспектива, така и при официјализирањето на наративите за минатото во форма на историографски канон, учебници, јавна историја и споменична култура, може да согледаме еден сосема нормиран мачо-популизам. Но, наместо да зборувам за жените како жртви на опишаната историографска практика, многу повеќе сакам да зборувам за цивилизациската вредност што би ја стекнале со знаењата за историјата на жените.

П: Во таа смисла, официјалната општествено-политичка историја на Македонија во последните стотина години е преполна со машки ликови. Жените во неа како да играат само „епизодни“ улоги. Колку е женската еманципација во модерната македонска општествена историја успешен проект?

– Во секоја една модерна нација-држава политиките на историја и сеќавање често налагаат строго определен имагинариум каде што улогите на субјектите се точно определени. Може да го замислиме ова пластично – дека нацијата е една проширена фамилија, каде што историската субјектификација на родот е однапред определена: мажите се изедначени со продукцијата на јавната сфера, која е полигон на историски можното; жените се изедначени со приватната сфера – полигонот на репродукција на нацијата. Оттаму и „споредната улога“ на жените во официјалните наративи.

Од друга страна, пак, процесите на еманципација токму произлегуваат од пројавените противречности на опишаната поставеност. Така, и во македонската историја секако дека може да следиме текови на еманципацијата на жените. Тие во поголем формат се јавуваат при крајот на 19 век. Еманципацијата на жените како систематизиран и државно организиран „проект“ може да ја следиме најдобро за време на социјализмот, веднаш по Втората светска војна. „Предисторија“ на овој процес наоѓаме во бурната и нималку едноставна историја на женски движења на Балканот помеѓу двете светски војни, како и во докажаното учество на жените во различни форми на отпор за време на Втората светска војна. Со воспоставување на социјалистичка држава, „женското прашање“ било решавано како дел од класното прашање; а идеолошки и културолошки со цел да се создаде „новиот социјалистички човек“, во чија цивилизациска реалност мажите и жените се слободни и еднакви.

Доколку ја читаме македонската марксистичка литература од тој период, а која се занимавала со социјалните и економските политики за еманципација на жените, наоѓаме на една многу интересна синтагма – „хуманизација на односите меѓу половите“. Творците на социјалистичките политики ја согледувале еманципацијата на жените како план што треба да се оствари во одреден временски период, и тоа во секторите на економски регулираниот труд и правото. Затоа, не треба да нѐ чуди што во Македонија, која по крајот на Втората светска војна имала бројни османлиски економски и правни наследства, се вовеле право на глас на жените, политичка партиципација, легализација на абортусот, култура на образование и вработување жени во сите општествени сектори. Овие политики биле дизајнирани и воведувани со бројно учество на жени. Во 1953 година на ниво на Југославија е распуштено организирањето на жените во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) и воведени се други форми на организација. Новите политичко-економски контексти внатре во државата придонеле за суптилно инсистирање и поместување на политиките кон враќањето на жените во семејната економска продукција. Симплификаторите би рекле дека проектот за еманципација останал недовршен или неуспешен. Сепак, историските искуства за еманципацијата на македонските жени во социјализмот никако не смеат да се заборават или да се маргинализираат, туку подетално да се анализираат.

П: Каква е актуелната состојба со феминизмот во Македонија?

За да добиеме конкретен одговор на ова прашање, можеби би било потребно претходно да поставиме параметри: за гледањето на феминизмот од класна перспектива, од генерациска перспектива или за перспективите на неговите претставнички и претставници од аспект на нивните стојалишта на идеолошкиот и политичкиот спектар. Самата оваа потреба ни укажува дека феминизмот во Македонија, сепак, е комплексно движење и идеја што на оваа почва развила свои специфични одлики, кои се однесуваат на специфичните проблеми на различни жени, но и на различни општествени проблеми и родови димензии на живеењето. Значи, добро е.

Можеби пократок пат кон одговор на ова прашање би нашле при разгледувањето на тоа каква е реакцијата (backlash) кон феминизмот кај нас. Барањата за рамноправност често значат и предизвикување на воспоставените хиерархии. Така, додека формите на феминизмот и неговите делувања постојано се менуваат и напредуваат, реакцијата останува иста и може да се спореди со онаа од 19 век, со онаа од средината на 20 век и со таа од пред 10 години. Станува збор за мрзелив, популистички и квазиегалитарен сентимент дека „феминизмот не е за сиромашни држави“, дека ние сѐ уште „не сме на тоа ниво да се занимаваме со родови аспекти“ и сл. Она што јас го согледувам од историска перспектива е дека феминизмот кај нас има развиено една многу значајна функција за напредок на општеството, а тоа е воспоставување практика дека борбите се водат истовремено и на повеќе фронтови, за различни групи поединци и заедници.

П: Вие припаѓате на најмладата генерација македонски историчари. Мислите ли дека и вашата генерација ќе мора, во добар дел, да се посвети на расветлување на идентитетските прашања за народите – особено македонскиот – кои живееле и живеат на оваа почва?

– Сметам дека на пошироко географско ниво живееме во ренесанса на националните идентитети и тоа често изразени во рудиментирани облици. Можеби ова станува видливо, не толку поради нашите дневнополитички случувања на ова поле, туку и поради сличните појави во белиот, западен свет. Од друга страна, пак, тоа е одлична можност за раѓање на отпор кон опишаната појава низ замислување на нови видови заедници. Следствено, и новите генерации историчари се исправени пред предизвикот за епистемолошко преиспитување на идентитетските концепти. Можеби полезна е премисата дека контекстите го менуваат значењето на феномените. Така, додека нацијата имала ослободувачки карактер во 19 век, во 20 век се претворила во бедем на модерниот авторитаризам. Поинаку кажано, она што во време на благосостојба може да ги гуши нашите граѓански слободи и права, во време на кризи често се јавува како безбедно прибежиште каде што се чувствуваме силни и свои – така национализмот станува алатка во рацете на елитите. Овие размислувања може да се аплицираат и во македонскиот случај. Следствено, потребата од научен и хуманистички пристап кон идентитетските прашања се засилува и станува дел од грижата за „политичкото здравје“ на задницата. Сепак, посветеноста на оваа задача сметам дека повеќе лежи во квалитетната методолошка и теоретска наобразба на историчарите и развивање кај нив на остро чувство за препознавање и третирање анти-интелектуализам во професијата.

П: Кога ќе се каже „да ја оставиме историјата на историчарите“, дали станува збор за обична политичка флоскула или историчарите навистина оперираат во некој свој, „изолиран“ свет од општествената реалност во која работат?

– Најчесто сметам дека станува збор за сосем добронамерна флоскула, но и доста површна. Тој проблем оперира на повеќе нивоа, каде што институциите на државата, како и нејзините симболички компоненти, се задолжени да продуцираат и да регулираат знаења. Можеби добар термин тука е Geschichtspolitik – организирањето на политичките и на институционалните средства низ кои функционира сеќавањето за минатото. Во секоја модерна држава, институтите, универзитетите, академиите, архивите, библиотеките – никогаш не се само идеални простори каде што знаењето се генерира само по себе, туку и простори на идеолошки конфликт, како и простори на утврден национален и државен капитал.

Историчарите, па ни кои било други научници, дури и од емпириските науки, не функционираат „изолирано“ од општеството во кое работат и живеат (да се потсетиме низ еден експлицитен пример: расизмот и социјал-дарвинизмот во 19 и 20 век беа утврдувани и во универзитетите, со користење токму на природните науки). Затоа, имаме примери кога историскиот курикулум бил користен како „предвоена обука“. Сепак, хуманистичкиот потенцијал на историската наука да истражува и поучува за човечкото и човештвото е далеку поголем од капацитетите на нејзините злоупотребувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот