Африм Гаши, молитва, Собрание Фото: Фејсбук Собрание

Интерпелацијата за Гаши во септември пред пратениците, молитвата во Собрание и секуларноста не одат заедно

Правниот тим на Левица ја подготвува интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши за прекршување на секуларноста. Но тоа е само еден момент од пет до шест основи коишто ќе бидат наведени во интерпелацијата за претседателот на Собранието за прекршување на Уставот и на законите и во моментот кога ќе биде подготвена, ние ќе ја поднесеме, вели за „Слободен печат“ пратеникот Борислав Крмов.

Против претседателот на Собранието Африм Гаши само два месеци по изборот на функцијата ќе биде поднесено барање за интерпелација и веќе во септември ќе треба да се соочи со пратениците за иницијативата за негово разрешување.

Интерпелацијата, којашто веќе ја подготвува пратеничката група на Левица против претседателот на Собранието ќе се однесува на прекршување на секуларноста, заклетвата на албански јазик и на двојазичните материјали кои пратениците неалбанци ги добиваат во Законодавниот дом.

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, за „Слободен печат“ вели дека нема да чекаат 100 дена од новата власт и дека правниот тим веќе работи на подготовка на интерпелацијата.

фото Архива

– Правниот тим на Левица ја подготвува интерпелацијата за претседателот на Собранието Африм Гаши за прекршување на секуларноста. Но тоа е само еден момент од од пет-шест основи коишто ќе бидат наведени во интерпелацијата за претседателот на Собранието за прекршување на Уставот и на законите и во моментот кога ќе биде подготвена, ние ќе ја поднесеме. Нема да чекаме 100 дена од новата власт, бидејќи тоа е некој вид неформален договор, а и самиот премиер изјави дека тие не сакаат да им даваат 100 дена од владеењето, туку дека сакаат уште во старт да бидат изложени на критика, и ќе ја добијат – ни изјави Крмов.

Спорна и заклетвата на албански јазик

Тој додаде дека интерпелацијата ќе се однесува и на заклетвата на Гаши при стапување на функцијата, која прво ја даде на албански јазик, а потоа на македонски јазик, што е прекршување на Уставот.

– Ние продолжуваме во Собранието да добиваме нелегално двојазични документи, односно и пратениците Македонци добиваат двојазични документи, а треба само на македонски јазик. Потоа потписот на претседателот Гаши на сите документи е само на албански јазик, сето тоа се прекршувања на коишто можеме да се повикаме во интерпелацијата – вели Крмов за „Слободен печат“.

Африм Гаши, заклетва
Фото: Фејсбук Собрание

Иако Левица има пратеничка група која според собранискиот Деловник е доволна за документот да биде доставен до собраниската архива, сепак, пред да ја поднесат интерпелацијата, поддршка ќе побараат од сите парламентарни партии иако, како што вели Крмов, не верува дека ќе ја добијат, зашто најчесто во Собранието се останува на празни зборови, а не на дела.

Интерпелацијата следи откако во минатата недела, при одбележување на геноцидот во Сребреница во собраниската сала „Борис Трајковски“, спикерот Гаши, пратеници и претставници на бошњачката заедница, при оддавање почит на жртвите се молеа, иако според Уставот, верските заедници се одвоени од државата. Молитвата и оддавањето почит со едноминутен молк беше на иницијатива на Мерсиха Смаиловиќ, претставничка на бошњачката заедница, која го модерираше настанот.

Левица во реакцијата и најавата за интерпелација тогаш наведе дека „спикерот Африм Гаши оддржа молитва, со што го прекрши Уставот на државата, ја погази секуларноста и сите норми на правната држава. Гаши иницирал религиски обред – молитва во Собранието на Република Македонија, со што директно е прекршен член 19 од Уставот. Дополнително, тој не го испочитувал уставното начело дека сите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата“.

Иако партите од македонскиот блок ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ЗНАМ реагираа и побараа одговорност за верскиот чин во Собранието, засега ниту една од нив нема став дали ќе ја поддржат интерпелацијата за претседателот на Собранието.

Партиите чекаат да го видат документот

Од ВМРО-ДПМНЕ не успеавме да добиеме став дали ќе се потпишат на интерпелацијата, иако во реакцијата по молитвата од партијата на Христијан Мицкоски реагираа дека „нема место за религиозни ритуали во државните институции, ниту, пак, државата има право да се меша во работата на верските заедници. Во врска со настанот со кој се одбележа геноцидот во Сребреница, каде што еден од учесниците ја злоупотреби поканата и организираше исламска молитва во оваа државна институција, изразуваме најостра осуда.“

Пратеници, сала Борис Трајковски Фото Фејсбук Собрание

Од СДСМ чекаат интерпелацијата да биде поднесена во Собранието и дополнително ќе заземат став дали ќе ја поддржат. СДСМ по настанот реагираше дека со молитвата се крши Уставот и ги повика надлежните институции да постапат и за овој случај да има одговорност.

И од владејачката ЗНАМ велат дека ќе се изјаснат откако интерпелацијата ќе влезе во собраниска процедура, односно по конкретно поднесен документ. ЗНАМ пртходно го прозва Гаши дека треба да се грижи за дигнитетот на зкаонодавниот дом и да го заштити од злоупотреби, а не да дозволува да се нарушува секуларноста со религиски чин.
Гаши досега не се произнесе зошто дозволи молитва во Собранието, ниту, пак, ја коментира најавата за интерпелација од Левица. Во негова одбрана излегоа сопартијците од Вреди.

Според Вреди, чинот на молитва не се случил на редовна седница на Собранието и дека од организаторот на настанот било објаснето дека само се користела просторијата на Собранието. Тврдат и дека со молитвата не бил прекршен Уставот и секуларноста на државата и дека секуларноста забранува директно наметнување на религијата во политиките на државата, а дека еден човечки гест не ја загрозува секуларноста на државата.

Досега ниедна интерпелација за спикер не добила мнозинство гласови

Гаши не е прв претседател на Собранието којшто ќе се соочи со интерпелација, но е прв што барањето за негово разрешување следи само еден месец откако стапи на функцијата. Интерпелации имало за експретседателите Талат Џафери, Трајко Вељаноски, Љупчо Јордановски, Љубиша Георгиевски, но ниту за еден претседател на Собранието немало мнозинство за негово разрешување.
И во случајот на Африм Гаши, со седницата за Интерпелација на претседател на Собранието ќе претседава еден од потпретседателите на законодавниот дом. Според новиот собраниски Деловник, сега е новина дека интерпелацијата секогаш е прва точка на дневниот ред на седницата, со што се одбегнува претходната практика таа никогаш да не дојде на дневен ред за расправа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот