Тетово Болница/фотографија: „Слободен печат“/ Слободан Ѓуриќ

Инспектори ќе истражуваат зошто починала млада жена во тетовската болница

Млада жена рано утрово починала во тетовската болница, а Министерството за здравство нареди инспекциски надзор за да се утврдат причините за нејзината смрт.

Според медицинскиот персонал од Болницата, 30-годишната жена од тетовското село Копанце била примена во Итната помош околу 3 часот наутро, во тешка состојба. По приемот, таа била префрлена на Инфективното одделение, каде што починала.

Тетовската болница го потврди случајот, нагласувајќи дека точната причина за смртта ќе се утврди со обдукцијата.

Министерството за здравство инфомира дека наредило инспекциски надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат во врска со случајот со починатата пациентка.

„Јавноста ќе биде навремено известена по завршувањето на постапката за утврдување на фактичката состојба. Министерството за здравство останува посветено на транспарентноста, одговорноста и обезбедување на квалитетна здравствена заштита за сите граѓани“, се вели во соопштението од МЗ.

МВР претходно информираше дека денеска во 03:20 часот во СВР Тетово, Ј.С. од село Копанце, тетовско, пријавил дека на Инфективното одделение во Клиничка болница Тетово била примена и набргу починала С.С. (30) од с.Копанце, член на неговото семејство.

„Според пријавеното, таа била примена на болничко лекување, претходниот ден во 19.00 часот и наводно, според негово кажување, не ѝ била укажана соодветна лекарска помош, по што починала. Полициски службеници од СВР Тетово излегле на местото и по однос на пријавата бил формиран тим за испитување на настанот, кој ќе го води дежурен јавен обвинител во содејство со екипа од СВР Тетово“, се вели во соопштението од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот