Фото Слободен печат колаж

Инспектор од МВР за аптекарот од Онкологија: Ги зеде стоте евра од пациентката, ги стави во дуксерот и продолжи да јаде од бурекот

Ги зеде стоте евра од пациентката, ги стави во дуксерот и продолжи да јаде од бурекот. Вака главниот инспектор од одделот за организиран криминал, единица за корупција при МВР, Љупче Тодоровски денеска во судница го опиша моментот кога тој со уште шестмина полициски службеници сведочеле со свои очи дека аптекарот од Клиниката за онкологија, Калтрин Уштеленца, зел поткуп од сто евра од пациентката Минка Веизовска за да ѝ издаде биолошка терапија „кејтруда“.

Младиот Уштеленца е обвинет за кривичното дело примање поткуп откако пациентката Веизовска која има рак на белите дробови, во полиција го пријавила дека ѝ бара поткуп за да ѝ ја даде биолошката терапија, а во спротивно, како што кажа на минатото рочиште, „за неа терапија нема да има“.

Дипломираниот криминалист и полициски службеник Тодоровски, кој бил на местото на примањето на поткупот во близина на Клиниката за онкологија, денеска во судница сведочеше дека тој и уште шестмина полицајци распоредени околу аптекарот и пациентката, виделе оти тој со десната рака ја зел банкнотата од сто евра, ја ставил во дуксерот и продолжил да појадува.

Калтрин Уштеленца, фармацевтски техничар на Клиниката за онкологија / Фото Методи Здравев

Ова следуваше откако адвокатката на Уштеленца го праша инспекторот како може да биде сигурен и тој и целата полициска единица, дека не станувало збор за давање поткуп, туку за примање. Таа тврдеше дека фармацевтскиот техничар и нејзин клиент, не ја допрел банкнотата со своите раце, туку таа му била ставена во џебот.

– Со уште шестмина полициски службеници бевме присутни на местото на извршувањето на кривичното дело и имавме прилика лично да воочиме дали му е ставена банкнотата или тој ја прима во својата рака и ја става во дуксерот. Потврдувам дека банкнотата му беше дадена во десната рака и ја стави во дуксерот, па продолжи да јаде од бурекот. Тогаш е лишен од слобода од наша страна, изјави инспекторот од МВР Тодоровски.

Адвокатката на аптекарот праша дали им било обврска на инспекторите од МВР освен бележаната банкнота да спроведат и посебни истражни мерки, снимка од лицето кое бара и дава поткуп, да се изврши крим-техничка обработка на подигнати папиларни линии на обележаната банкнота, да се земе ДНК и слично. Таа инсистираше дека Уштеленца не ја ни допрел банкнотата.

– Извршена е крим-техничка обработка на банкнотата и во самата кривична пријава како прилог го има и фотоалбумот од тоа. Брис од ДНК се зема со наредба на судот. Не може да го присилите сторителот да му земете брис, рече сведокот.

Обвинителот и адвокатот на пациентката Веизовска приговараа дека постапките на МВР се службени акти и дел од нив се класифицирани, но судот може да ги обезбеди и да ја види целата методологија на работење на овој оддел на полицијата.

– Му дала 50 евра да ѝ купи ѓеврек?, дофрли адвокатот на Веизовска.

– Во конкретниот предмет обезбедени се докази дека тој е извршител на кривичното дело за кое е пријавен со кривична пријава до Јавното обвинителство Скопје, додаде инспекторот.

На прашањето од адвокатката како инспекторот знае дека станувало збор за примање поткуп, а не за давање поткуп, тој рече:

– Кривичните дела примање и давање поткуп имаат една дистинкција. Давањето го пријавува лицето што го прима поткупот. Додека во обратната ситуација, како што е случај со овој предмет, пред да почне постапката за докажувањето на кривичното дело, пријавителката на записник ни даде одредени наводи, кои по преземените дејства од наша страна во целост беа потврдени. Дека кај лицето се очекува да биде пронајден таков предмет, банкнота од 100 евра, и пронајден е. Обработена банкнота од 100 евра со сериски број наведен во потврдата за одземени предмети и вратена е на пријавителката. Сите овие докази се предмет на кривичната пријава, посочи инспекторот.

Како сведок на рочиштето присуствуваше и поранешниот медицински директор на Клиниката за онкологија, доктор Нино Васев кој одговараше на адвокатските прашања.

– „Кејтруда“ се дава на 8 одделенија, не само на едно. Ја препишува доктор, шеф на тоа одделение. Историјата на пациентот оди во дневната болница заедно со пациентот. Потоа сестрите ја носат историјата, односно целото досие на болест во аптеката каде им се издава лекот. Шефот на аптеката или лице назначено од шефот, го издава лекот на сестрата што ќе го аплицира. И со баркод се маркира дека лекот е издаден, што може да се види на компјутерите од аптеката, објасни доктор Васев.

Доктор Нино Васев, поранешен директор на Клиниката за Онкологија / Фото: ,,Слободен печат”- Драган Митрески

Тој додаде дека сите извештаи за биолошка терапија кои се набавуваат од условниот буџет, имаат параф кој означува дали тој лек во моментот го има на клиниката или не.

– Тие лекови се случуваше да задоцнат и поради недоволниот буџет имавме ограничени месечни количини од лекот. Параф ставам јас на секој извештај. Значи, парафот не означува дали некој пациент ќе земе терапија или не, туку означува дали лекот го има или го нема во институцијата. Терапијата ја препишува само ординирачкиот лекар на институцијата, истакна доктор Васев.

Објаснувајќи го процесот за тоа како тој дознавал дали некој лек го има или го нема во клиничката аптека, Васев рече дека секое утро шефицата на аптеката Билјана Настевска го известувала за тековната состојба во аптеката.

– Ако го нема тој лек тој ден, тогаш историите на тие пациенти што треба да го примат се тргаат на страна, стојат кај сестрите во дневната болница, па кога ќе дојде лекот пациентите по телефон ги викаат да дојдат да го примат лекот. Сестрите имаа комуникација со пациентите. Лековите беа скапи и ги купувавме на една недела или на две, зависно како имавме средства, рече Васев.

Пред случајот со поткупот од сто евра за „кејтруда“ Васев истакна дека нему никој не му се пожалил за работењето на аптекарот Уштеленца.

– Не сум имал поплака. Да сум имал, веднаш би пријавил, како што во мојот мандат сум пријавил 4 пати, рече Васев.

На прашањето дали осомничениот аптекар би можел сам да одлучува на кој пациент ќе му се издаде лекот „кејтруда“, Васев посочи дека одделението за рак на бели дробови има тројца специјалисти и само тие одлучуваат кој може да го земе лекот, а дека ингеренциите на аптеката ги поставува шефицата на аптеката.

– За настанот дознав кога случајот беше пријавен во собата на економскиот директор. Пациентката дојде кај него во собата и тој ме викна, да ми каже за каков сериозен случај се работи, рече Васев.

На следното рочиште, судот како сведоци ги повика раководителката на клиничката аптека Билјана Настова, докторката на пациентката, Симонида Црвенкова и сестрата од дневната болница Славица Спасовска.

Доктор Симонида Црвенкова- онколог/ Фото: „Слободен печат“ – Драган Митрески

Аптекарот од Клиниката за онкологија, Калтрин Уштеленца според обвинението, примил награда за да на пациентката Минка Веизовска која боледува од карцином на белите дробови, ѝ издаде скапа биолошка терапија „кејтруда“, која што би морал да ѝ ја издаде бесплатно, со оглед на тоа што таа била осигуреник на Фондот за здравство и имала медицински извештај за терапијата од докторката Симонида Црвенкова. Веизовска на минатото рочиште од предметот истакна дека за неа проблемот не бил во парите што ги давала, туку во тоа што се посомневала дека терапија воопшто не добива, туку плаќа мито за физиолошки раствор.

Минка Веизовска, пациентка на Клиниката за онкологија која го пријави аптекарот на Клиниката Калтрин Уштеленца дека ѝ барал поткуп

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот