
Името „Цар Фердинанд“ не им се допаѓа ниту на бугарските историчари – им донесе два големи порази на Бугарите
Откако новоформираното Советодавно тело за употреба на имиња на историски личности на историските имиња, при Министерството за правда, излезе со препорака да не се регистрира третото бугарско здружение во Македонија под името „Цар Фердинанд“, реагираа бугарските историчари.
Препорачано
„Лично, јас не го симпатизирам царот Фердинанд, бидејќи одлуките што ги носи и кои ја погребаа Бугарија се донесени по негова волја, а не под притисок од странство, за разлика од неговиот син цар Борис, кој е едноставно е притиснат од меѓународната ситуација. Но тоа што го зборуваат, се разбира, се глупости. Тоа значи дека бугарската војска отишла во Пазарџик и почнала да го тероризира населението во Пазарџик. Едноставно такво нешто нема“, вели професорот Иван Илчев, член на Мешовитата историска комисија во изјава за БНТ.
Советодавното тело не даде позитивно мислење за употреба на името на бугарскиот цар Фердинанд за здружението од Богданци, затоа што тој не е позитивна личност во македонската историја и за него нема позитивна перцепција меѓу македонските граѓани.
-Оваа личност стои на чело на бугарската држава во 19 и 20 век и ја спроведува Бугарија во три војни кои за Македонија се со девастирачки карактер, кои за Македонците значат крвопролевања и разрушувања и сè уште има спомени во населението. Ценевме дека името на ваква личност ќе предизвика негативни чувства кај голем број Македонци – изјави професорот Бобан Петровски, претседател на Советодавното тело.
Подолго образложение зошто не се прифаќа ова име, Советодавното тело ќе испрати до Министерството за правда кое ќе пресече за регистрацијата на ова здружение.
Царот Фердинанд, според бугарската историографија, има важна заслуга за издигање на Третата бугарска држава, но исто така во негово време Бугарија доживува порази во Втората балканска војна и во Првата светска војна. Во македонската историографија Цар Фердинанд се смета за одговорен за поделбата на Македонија и како директен наредбодавец на убиството на револуционерот Јане Сандански.
Од здружението „Цар Фердинанд“ за БНТ велат дека правото за регистрација на нивното здружение ќе го бараа прво на суд, а потоа и пред другите инстанци.
Доколку здружението не добие дозвола да го користи името „Цар Борис“, ќе има рок од три месеци да избере ново име кое нема да ги навредува чувствата на Македонците и да предизвикува гнев и револт, како што беше случај со битолскиот клуб „Ванчо Михајлов“ и со охридскиот „Цар Борис III“ за кои со измените на Законот за здруженија на граѓани и Фондации може ретроактивно да се побара промена на имињата.
„Цар Фердинанд“ не доби дозвола, „Никола Вапцаров“ пред бришење