
Илон Маск и принцот Ендру се појавуваат во новите досиеја за Епстин
Досијеата изгледа покажуваат дека милијардерот Илон Маск бил поканет на островот на милијардерот во декември 2014 година.
Милијардерот Илон Маск и принцот Ендру се спомнати во новите досиеја што ги објавија конгресните демократи, а кои се поврзани со покојниот осуден сексуален престапник и финансискиот советник Џефри Епстин, објави „Би-Би-Си“.
Препорачано
Досијеата, доставени до Комитетот за надзор на Претставничкиот дом од имотот на Џефри Епстин, изгледа покажуваат дека Маск бил поканет на островот на милијардерот во декември 2014 година.
Одвоено, евиденција за лет од Њу Џерси до Флорида во мај 2000 година го наведува принцот Ендру меѓу патниците.
Маск и принцот Ендру биле побарани за коментар.
Принцот Ендру претходно категорично негирал какво било недолично однесување. Маск, пак, претходно изјавил дека Епстин го поканил на островот, но тој одбил.
Делумните документи се од третата серија досиеја доставени од имотот на Џефри Епстин. Демократите во Комитетот за надзор велат дека тие содржат телефонски пораки, копии од летачки дневници и манифести за авиони, копии од финансиски книги и дневникот на Епстин.
Покрај Маск и принцот Ендру, во објавените досиеја се појавуваат и имињата на други познати личности, меѓу кои интернет претприемачот Питер Тил и Стив Банон, поранешен советник на Доналд Трамп.
Илон Маск во авион со Епстин
Во една белешка од 6 декември 2014 година пишува: „Потсетник: Илон Маск на остров 6 декември (дали ова сѐ уште важи?)“.
Манифест за лет бележи дека принцот Ендру бил на лет заедно со Епстин и со неговата соработничка Гислејн Максвел од Тетерборо, Њу Џерси, до Вест Палм Бич, Флорида, на 12 мај 2000 година. Максвел во 2021 година беше осудена за соучество со Епстин во трговија со девојчиња за секс.
Во еден силно редигиран финансиски дневник се спомнуваат два записа за плаќање масажи за некој „Ендру“ во февруари и мај 2000 година. Иако дворските записи, фотографии и медиумски извештаи покажуваат дека принцот Ендру бил во САД во тоа време, не е јасно на кого конкретно се однесува споменатиот „Ендру“.
На 11 мај 2000 година, Бакингемската палата на својата веб-страница објавила дека принцот Ендру отпатувал во Њујорк за да присуствува на прием за Националното здружение за превенција на суровост врз деца. На 15 мај се вратил во Велика Британија, пишува во подоцнежен запис.
Во досиејата постои и белешка за планиран ручек со Питер Тил во ноември 2017 година, како и за појадок со Стив Банон на 17 февруари 2019 година.
Спомнати се и планови за појадок со основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс, во декември 2014 година. Гејтс во 2022 година изјави за Би-Би-Си дека средбата со Џефри Епстин била „грешка“.
Не се знае дали Маск и Ендру биле свесни за криминалните активности на Епстин
Не се наведува дека луѓето спомнати во документите биле свесни за наводните криминални активности за кои подоцна беше уапсен Епстин.
Епстин изврши самоубиство во затвор во Њујорк во август 2019 година, додека чекаше судење за трговија со малолетници.
Во 2008 година, постигна спогодба со обвинителите откако родителите на 14-годишно девојче пријавиле во полиција во Флорида дека Епстин ја злоупотребил нивната ќерка во неговата куќа во Палм Бич.
Повторно беше уапсен во јули 2019 година по обвиненија за трговија со луѓе за сексуални цели.
Портпаролката на демократите во комитетот, Сара Гереро, ја повика државната обвинителка Пам Бонди да објави уште досиеја поврзани со Епстин.
„На секој Американец треба да му биде јасно дека Џефри Епстин беше пријател со некои од најмоќните и најбогатите луѓе во светот. Секој нов документ носи нови информации во нашата работа за правда за жртвите,“ рече таа.
Републиканците во комитетот ги обвинија демократите дека „ја ставаат политиката пред жртвите“ и најавија дека ќе го објават целиот сет документи наскоро.