„Илинденска“ на 20 јуни ќе се поднови со нов кабинет

Христијан Мицкоски Собрание Фото: Принтскрин

Ако сè оди според планираното, мандатарот се очекува програмата и составот на новиот владин кабинет до 17 јуни да ги достави до Собранието. Седницата за избор на новата влада би требало да почне на 18 јуни, а Собранието на 19 јуни да гласа за новиот владин кабинет.

Мандатарот Христијан Мицкоски го привршува составувањето на Владата. Според информации на „Слободен печат“, планот е веќе на 20 јуни премиерот и новите министри да се сместат на „Илинденска“. Извори од партијата брифираат дека се очекува Мицкоски в недела да ги објави имињата. Тој веќе одржува средби очи в очи со потенцијалните министри, пред списокот со кадровските решенија за првиот и за вториот владин ешалон да го помине филтерот на партиските органи.

Ако сè оди според планираното, мандатарот се очекува програмата и составот на новиот владин кабинет до 17 јуни да ги достави до Собранието. Седницата за избор на новата влада би требало да почне на 18 јуни, а Собранието на 19 јуни да гласа за новиот владин кабинет, предводен од Мицкоски. На 20 јуни се очекува да заврши и примопредавањето на функциите меѓу ексминистрите на СДСМ, ДУИ и на Алијанса со новите министри од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.

„Слободен печат“ веќе објави дека планот е Македонија да добие нова влада помеѓу Курбан Бајрам, кој е на 16 јуни и Задушница (21 јуни). Информацијата дека влада ќе има на 19 јуни или на 20 јуни, во изјава за медиуми ја потврди и лидерот на Демократско движење Изет Меџити.

Нова влада помеѓу Курбан Бајрам и Задушница

Неофицијално, од ВМРО-ДПМНЕ затворени се сите ресори со кои ќе управуваат нивни кадри, освен министерствата за одбрана, за транспорт и МВР. Мицкоски ќе треба да пресече дали со ресорите одбрана и транспорт ќе раководат потпретседателите Александар Николовски и Владо Мисајловски, но можно е за Николоски да се спрема и вицепремиерска позиција. За МВР е планиран актуелниот министер Панче Тошковски, иако неофицијално тој лично типувал на позицијата генерален секретар на влада. Со ресорот финансии ќе раководи Гордана Димитриевска-Кочовска, со МНР – Тимчо Муцунски. Ресорот образование ќе го води Весна Јаневска, новото министерство за спорт – Борко Ристовски, култура и туризам – Зоран Љутков, Стефан Андоновски ќе биде надлежен за дигитализацијата, а за земјоделие можно е да биде Цветан Трипуновски (ако тој ресор не замине кај социјалистите), а за енергетика – Тања Божиновска. За коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, односно за една од партиите на Србите, е резервиран ресорот односи меѓу заедниците, и за Ромите – без ресор.

Коалицијата Вреди веќе ги заврши преговорите за ресорите, а Меџити и Арбен Таравари и официјално потврдија дека ќе бидат министри.

– Јас и Таравари најверојатно ќе бидеме во извршната власт. Јас ќе ја извршувам функцијата вицепремиер и министер за екологија, додека Таравари повторно ќе го води ресорот здравство. Вреди ќе има двајца албански вицепремиери во новата извршна власт. Сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците на Таравари. Деновиве ќе се одлучува за вицепремиерското место за евроинтеграции, кое треба да припадне на Алтернатива. Беса, пак, треба да одлучува за министерските места за економија и социјална политика – изјави Меџити.

Ресорот социјална политика ќе го предводи Фатмир Лимани, за евроинтеграции се споменува Адмирим Алити, а за економија и труд Бесар Дурмиши. Вреди добива и седум заменици министри и пет државни секретари.
ЗНАМ го добива ресорот правда и новото министерство за администрација, како и две заменик-министерски позиции. Со ЗНАМ уште се прецизираат директорските позиции. Од партијата велат дека до сабота ќе се знаат предлозите за министри.

Пред седницата за избор на новата влада, Собранието треба да ги екипира и собраниските комисии. Неделава, најверијатно в четврток, се очекува да биде закажана собраниска седница за екипирање на комисиите. Собраниски извори информираат дека вчера, на координација кај претседателот на Парламентот Африм Гаши, начелно се поделени комисиите помеѓу власта и опозицијата, како и тројца потпретседатели на Собранието. Потпретседателите на Гаши ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ, како најголема владејачка партија, ќе раководи со 10 комисии. СДСМ ќе претседава со три, и тоа со комисиите за земјоделство – Љупчо Николовски, за следење на комуникациите – Миле Талевски, а со таа за финансирање и буџет – Фатмир Битиќи или Сања Лукаревска. Потпретседател на Собранието ќе биде доскорешниот претседател Јован Митрески.
ЗНАМ, освен потпретседател на парламентот ќе има и раководител на една комисија. Една комисија оди кај Левица, а ДУИ ќе раководи со три комисии – за надворешна политика, за труд, како и за надзор над работата на АНБ и на Агенцијата за разузнавање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот