Заклетва на судии во судски совет / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

И судиите и обвинителите имаат мачнина од Мицкоски

Иако Европската комисија бара судството да стане независно од Министерството за финансии, сепак, истото Министерство, заедно со Владата, сега ќе прави компаративна анализа и ќе ѝ докажува на Европа зошто сметаат дека не треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите.

Македонија може да ги изгуби парите што ѝ следуваат за исполнување на европските цели во областа на правосудството зашто роковите за исполнување на целите течат, а Владата има свое видување, но и свој план како да ја спроведува реформската агенда.

Иако Европската комисија бара судството да стане независно од Министерството за финансии, сепак, истото Министерство, заедно со Владата, сега ќе прави компаративна анализа и ќе ѝ докажува на Европа зошто сметаат дека не треба да се зголемат платите на судиите и обвинителите.

Премиерот Христијан Мицкоски дури најави и чистка во судските редови по локалните избори, а има и сопствено толкување на документот на Европската комисија.

– Со неколкумина судии и обвинители кои ја бранат поранешната власт, правдата е невозможна. По локалните избори, без разлика на критиките, ќе ги најдеме правните механизми за да добиеме обвинители кои обвинуваат и судии кои судат според закон и Устав – изјави Мицкоски.

Условната казна што ѝ ја досуди судот на онкологот Мери Пешевска и потврдената двегодишна затворска казна за прегазената Теодора ги засили предизборните рафали на Мицкоски кон судиите и обвинителите.

Тој ја повтори често употребуваната фраза за ниската доверба во судството, па затоа очи му бодат барањата на Европската комисија за зголемување на платите, дури добива и „мачнина“, бидејќи, како што вели, „не ги заслужувале и оние кои ги земаат“.

– Сакам граѓаните да знаат дека сите оние таканаречени експерти кога излегуваат во јавноста и кога ја критикуваат Владата за застој во реформите во Обвинителството и судството, ова е суштинската реформа. Барањето е за буџет што е два до три пати повеќе од некои земји членки на ЕУ. Не е проблем, ние ќе ги зголемиме и три пати, ама да ги заслужат. Јас имам дилема дали тие ги заслужуваат и овие плати – вели Мицкоски.

Лани намалени платите на на судиите и на обвинителите

На последниот брифинг со новинарите, Мицкоски тврдеше дека Европската комисија бара да се издвојат 0,8 проценти од БДП за судиите и 0,5 проценти од БДП за платите на обвинителите, или вкупно 100 милиони долари, што би било двојно повеќе од сегашните издвојувања од буџетот. Тој дури излезе и со бројка дека платите на судиите на тој начин би достигнале и до 360 илјади денари.

Но, што навистина пишува во јавно објавениот документ.

„Годишниот судски буџет останува под минималниот пропишан со закон (0,8 отсто од БДП). Тој флуктуира помеѓу 0,26 и 0,3 % од БДП. Буџетот на Јавното обвинителство е 0,2 отсто од државниот буџет што е, исто така, под минималното предвидено ниво според Законот за ОЈО (PPO) (0,4 отсто од државниот буџет). Според податоците на ЕКЕП (СЕРЕЈ), судскиот буџет, стандардизиран како процент од БДП, е значително понизок во споредба со другите земји во регионот. Обврската да се бара одобрение од Министерството за финансии за прераспределба на буџетот и за вработување не ја поддржува независноста и автономијата на судството. Првата активност кон постигнување чекор е анализа на системот за управување и постојното законодавство кое го регулира финансирањето на правосудството“, пишува во документот.

Конкретно за платите на судиите и обвинителите, во документот не се предвидува енормно зголемување на платите, туку се забележува дека минатата година им биле намалени платите.

– Покрај измените за зголемување на платите, предвидено е да се овозможи вработување на судски кадар без претходно одобрение од Министерството за финансии и Министерството за јавна администрација. Сепак, ќе се изврши првична идентификација на сите прописи што треба да се изменат за да се подобри правната рамка и да се обезбеди усогласеност на законите со зголемувањето на минималната плата и соодветното зголемување на платите на судиите, обвинителите, судските и јавнообвинителските служби. Во моментов е јасно дека еден од изменетите прописи ќе биде и Законот за административни службеници за да се исклучат судските и обвинителските служби од опсегот на овој закон. Во 2024 година, со измените на законите со кои се регулираат платите на судиите и обвинителите, беа намалени коефициентите што дополнително влијаеше на платите на судиите и обвинителите – се вели во објавениот документ.

Ристоска го демантира Мицкоски: Не земам за два до три пати повисока плата и не ми ја одредува државниот обвинител со Правилник

Млака реакција на засегнатите

 

И покрај силните напади на премиерот, судиите и обвинителите излегоа со млака реакција на неговите ставови. Тие преку своите здруженија побараа од премиерот да не коментира неправосилни судски пресуди, а ги обелоденија и сопствените плати.

– По однос „вечната тема” – платите на судиите во земјава – Здружението на судии јавно ќе ги обелодени фактите кои се проверливи и достапни за јавноста, а тоа е дека платите на најголем број на судии во основните судови во РСМ, со фамозното „зголемување“ од 78 проценти, достигнуваат до 86.000 денари, а примањата на судските службеници се исклучително ниски и под просечната плата во РСМ. Ваквите плати на судиите и, секако, судските службеници се апсолутно најниските во регионот и пошироко – пишува во нивната реакција.

Здружението на обвинители, пак, тврди дека јавните обвинители и службениците имаат најниски плати во споредба со другите земји во регионот, далеку под европскиот просек, а годишно работат и по 20 илјади предмети.

– Новиот предлог-закон за јавното обвинителство предвидува вкупниот буџет на институцијата да изнесува 0,5 отсто од државниот буџет, а не од бруто домашниот производ. Тие средства се наменети не само за платите на јавните обвинители, туку за целокупните трошоци на јавните обвинителства во државава. Во таа сума влегуваат и платите на јавнообвинителската администрација, и трошоците за вештачења, и трошоците за сите дејствија преземени во истражните постапки, и трошоците за одржување на системите кои се неопходни за функционирање на Јавното обвинителство. Од 2020 година, кога за првпат во Законот беше предвидено да се издвојуваат 0,4 отсто од државниот буџет за Јавното обвинителство, до денес Обвинителството секоја година добива едвај околу половина од овие средства поради што веќе е соочено со сериозен предизвик да ги покрие основните трошоци за работата на Јавното обвинителство – се вели во нивната реакција.

Аврамовски: Буџетите не зависат од промена на закони

Директорот на Коалицијата „Сите за правично судење“, Дарко Аврамовски, вели дека исполнувањето на реформската агенда не подразбира зголемување на платите на судиите и обвинителите, бидејќи тие се регулирани со посебни закони.

– Обезбедувањето на судскиот и обвинителскиот буџет е дел од оние активности кои не зависат од промена на закони, туку од практична примена на веќе постоечките. Исполнувањето на оваа цел не подразбира зголемување на платите бидејќи тие се регулирани со посебни закони. Меѓутоа, точно е дека треба да се направи и промена на законите кои ги уредуваат платите на судиите, но во насока да се неутрализира намалувањето на платите кое беше направено лани. Доколку државата ги исполни овие цели кои самата ги има предложено, за тоа ќе добие соодветен паричен надомест од ЕУ кој ќе може да се користи за понатамошен развој – вели Аврамовски.

Здружението на судии му одговори на Мицкоски за Пешевска: Платите на судиите се најниски во регионот, а неправосилни пресуди не се коментираат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот