
И да не ги обојат табличките „црвено-жолто“, ќе минат неказнето
Ниту Изборниот законик, ниту Законот за спречување на судир на интереси, ниту Правилникот на Владата за користење службени возила не предвидуваат казни за оние што ќе користат службени возила во партиски цели.
Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата почна со обележување на регистарските таблички на службените автомобили во „црвено-жолта“ боја, иако официјално нема регистар колку такви возила има во државните институции, а во Правилникот за користење службени возила не се предвидени казни за оние што ќе ги користат во партиски цели.
Препорачано
Сепак, директорот на СОЗР Ивица Томовски, заедно со претставници од Министерството за внатрешни работи (МВР), ги промовираше првите возила со „црвено-жолти“ регистарски таблички. Прво се брендирани оние на СОЗР, ТИРЗ, Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа, а сите треба да бидат обележани до 29 септември кога почнува изборната кампања.
– Им дадовме насока и препорака на сите институции во државата да отпочнат со промена на табличките. Имаат рок до 15 септември да ги брендираат сите возила. Доколку некој се обиде да избегне и да не сака да ги брендира возилата, кога ќе му дојде датумот на регистрација, секако ќе ги добие овие таблички – рече директорот Томовски.
Ако институциите тоа не го направат, бидејќи Правилникот, како што потврди и Томовски, не предвидува казни, тогаш тие ќе ги повикаат институциите и по третпат. Колку точно службени возила има државата, нема официјална бројка, бидејќи МВР официјалниот регистар треба да го направи до 31 декември. Неофицијално пребројување на возилата од МВР чека Антикорупциската комисија, која најави дека ќе ги објави сите институции што не пријавиле возила.
– Да оставиме простор до крајот на неделава, чинам дека сите институции ќе одговорат – изјави Томовски.
Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев ова го претстави како прв исчекор на одвојување на државата од партијата. Тој кажа дека во рамките на МВР секоја злоупотреба што е пријавена се истражува и секој што злоупотребил службено возило ќе биде казнет.
– Ние во рамките на Бирото за јавна безбедност и МВР одржавме состаноци и почнавме оперативна акција „Локални избори 2025 година“. Една од главните насоки е полициските службеници да постапуваат исклучиво со интегритет и професионалност за да обезбедат фер и демократски избори. Ние сме една од алките што се гарант за остварување на највисокото демократско право, а тоа е правото на глас – порача Јанев.
Фирмата што испорачуваше регистрации со НМК ќе ги „бојосува“ табличките за државните возила
Од Антикорупциска за „Слободен печат“ велат дека деновиве конечно треба да бидат ставени на „тапет“ оние што нема да достават податоци за возилата. Според податоците оттаму, вкупно 1.511 институции имаат законска обврска да достават податоци, а до 1 септември до ДКСК во законскиот рок податоци доставиле 644.
– Заклучно со 1.9.2025 година, 644 институции доставија податоци, од кои 560 институции располагаат со службени возила и истите се објавени во јавниот Регистар на возила на веб- страницата на ДКСК, 59 институции не поседуваат возила, а од 25 институции побарано е да направат корекција на податоците. Од добиените податоци од 644 институции, во законскиот рок се доставени податоци од 447, додека 197 доставиле податоци по завршување на законскиот рок. Овие институции во Регистарот на возила на веб-страницата на ДКСК се означени со ѕвездичка пред името на институцијата. Според добиените податоци од Централниот регистар, вкупниот број правни лица што имаат законска обврска да достават податоци изнесува 1.511 правни лица – велат од ДКСК.
За да утврдат кои институции не доставиле податоци за службените возила, податоците од Централниот регистар за сите институции антикорупционерите ќе ги вкрстат со тие на МВР, односно регистарските броеви на службените возила на сите државни институции.
– Јавно, на нашата веб-страница ќе ги објавиме следните податоци, број на институции што располагаат со службени моторни возила, број на возила на секоја институција, како и нивните регистарски таблички, број на институции кои располагаат со службени моторни возила, а не доставиле податоци до ДКСК – најавуваат од Антикорупциска.
Па така и овој изборен циклус нема да има глоби за институциите на државно и локално ниво кои нема да ги пријават службените возила, со модел и регистрација во Државната комисијата за спречување на корупцијата, бидејќи ниту во Изборниот законик, ниту во Законот за спречување на судир на интереси не се предвидени санкции за несовесните институции. Измени на правилникот се најавуваат до крајот на годинава.